Достапни линкови

НАТО си го одржа зборот, сега е на вас да решите


НАТО и го исполни ветеното на Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:44 0:00

НАТО и го исполни ветеното на Македонија

Јас се надевам дека Самитот на НАТО ќе биде позитивен знак за гласачите. Пред нив е голема одлука, која може да е тешка, но таа може да го отклучи членството во НАТО, како и членството во ЕУ, вели во интервју за РСЕ Дејмон Вилсон, потпретседател на Атлантскиот совет на САД.

Господине Вилсон, која е придобивката и за НАТО од проширувањето за уште една земја членка?

Фросина, ова е тежок самит. Сите го слушаат претседателот Трамп, ја слушаат неговата реторика и се загрижени. Имаше остри комуникации. Мислам дека одлуката за Македонија е важна. Имавме одлични вести денеска. Ова се историски вести, ова се позитивните вести од самитот, без оглед на разликите во семејството. Покрај острите политички реторики, членовите на Алијансата заедно одлучија да стојат зад својот збор, од 2008 година, односно ако има договор за името со Атина, Скопје ќе добие покана за членство. Тоа денеска се оствари. Јас мислам дека ова е важно, затоа што претставува знак за доверба во Алијансата, поради добрите вести од лидерите. Но, исто така, се демонстрираше дека зборот на Алијансата е веродостоен дека ако сме се обврзале за отворени врати и доколку државите ги исполнат условите, ќе бидат добредојдени. Мислам дека ова особено се покажа во приказната на Македонија, бидејќи сега имаме власти во Скопје и во Атина кои работеа за да се реши ова несогласување и Алијансата е подготвена да го оствари својот дел од договорот. Ова е значаен сигнал, не само за Македонија, туку за регионот и за други кандидати.

Поканата Македонија ја добива сега, но ќе стане членка откако ќе го спроведе договорот со Грција. Како гледате на ова?

Добрата вест е дека лидерите во Алијансата донесоа одлука да започнат преговорите за зачленување и да ја поканат државата, тоа е одлично. Но, како што истакнаа лидерите, важно за овој процес и зачленувањето е имплементацијата на договорот. Тоа значи дека претстои тешка работа. Мора да го следиме овој процес во Собранието на двете држави и референдумот во Македонија. Значи има обемна работа. Но, одлуката на НАТО ја гледам како ветер за мирно пловење на политичарите кои треба да го имплементираат договорот дома.

Постојат стравувања дека референдумот во Македонија може да не биде успешен. Ако се случи тоа, какво ќе биде сценариото потоа според вас?

Секако ќе биде тешко. Ова е политика, ова се реални проблеми. Но, она што ме восхити, е дека видовме неверојатно лидерство во Атина и Скопје. Има лидери кои се подготвени да преземат ризик и да го направат она што тие мислат дека е правилно за нивната држава и народ. Мислам дека тоа ќе биде тестирано на референдумот. Ова ќе биде прашање за граѓаните во Македонија, Северна Македонија, дали тие сакаат да се приклучат кон НАТО и ЕУ и да го променат името за да ја постигнат таа стратегиска цел. Јасна е стратегиската ориентација на државата. Јас сум прилично уверен дека натаму гравитира државата, но ние сме демократии. Тоа е убавината и предизвикот. Луѓето имаат свој глас. Јас се надевам дека Самитот ќе биде позитивен знак за гласачите, но на крајот од денот, - тие одлучуваат. Пред нив, е голема одлука, која може да е тешка, но таа може да го отклучи членството во НАТО, како и членството во ЕУ. Тоа треба гласачите да го одлучат.

Што мислите за руското влијание во Макеоднија и на Балканот. Колку е тоа силно во овој период?

Би биле наивни ако не размислуваме и не сме загрижени за руското влијание во регионот. Погледнете што се случи во Црна Гора - обид за атентат, обид за пуч. Ова се сериозни грижи. Ова сте го виделе веќе во Скопје. Сведоци сме на руски напори да се создадат поделби и големи проблеми. Денеска Грција презеде значаен и херојски чекор да истера двајца руски дипломати поради нивното вмешување со мотивирање на опозицијата против договорот за името. Ги разбираме нивните тактики, да не бидеме наивни. Русите се изјаснија јавно и во тајност дека не го поддржуваат договорот и дека ќе направат сè што можат за да му наштетат. Мислам дека тоа треба да ги обедини народите од двете држави, Грција и Северна Македонија. Да застанат и тие да ја одредат својата судбина, иднина и заедничката иднина како сојузници и покрај кампањата што ја гледаме. Јас сум уверен дека... Видете, руската тактика може да наруши и да создаде збунетост. Тие не градат. Луѓето од регионот се надеваат во лидерите на НАТО и ЕУ, се надеваат дека ќе создадат нешто, да имаат безбедносен чадор, сигурност за безбедност што овозможува политичка соработка и помага за економски раст. Ние ќе го изградиме тоа во оваа серија одлуки, а русите сакаат само да нарушуваат. Мислам дека ќе има проблем, но сум уверен дека е во полза на граѓаните, на Собранието. По привлечно за нив е да ја видат нивната држава вклучена во НАТО, а потоа и се надевам и во ЕУ.

Дејмон Вилсон има работено во американската администрација и во администрацијата на НАТО. Сега е потпретседател на Атлантскиот совет на САД. Со него РСЕ разговараше во Брисел по добивањето на поканата за членство во НАТО.

XS
SM
MD
LG