Радикалните исламисти повратници од воените боишта во Сирија во земјите од Западниот Балкан, проблематичниот однос меѓу Косово и Србија, фрагилната состојба во Босна и Република Српска се дел од причините поради кои американскиот претседател ја продолжи важноста на зголемениот степен на предупредување во врска со Западен Балкан кое е на сила од 2001 година, вели поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов.
Во одлуката на Трамп упатена до Конгресот се вели дека „актите на екстремистичко насилство и опструкциите, наведени во извршната уредба (од 2001 година), се непријателски кон американските интереси“ и оти „и понатаму претставуваат необична и голема закана за националната безбедност и надворешната политика на САД“.
Трајанов додава дека таквите одлуки САД многу тешко ги менуваат и дека треба да имаат сигурни и потврдени информации за да променат една таква одлука.
„Состојбите во Македонија, морам да истакнам дека се битно сменети од период кога е донесена одлуката за висок степен на загрозеност на безбедноста. Мислам дека повеќе се работи, посебно за нашата држава, за инерција, дека сме дел од Балканот, дека и тука се можни турбуленции, посебно доколку дојде до пораст на тензиите во нерешениот спор меѓу Србија и Косово што може да се рефлектира и врз безбедноста на Македонија. Но, факт е дека земјава е стабилизирана“, вели Трајанов.
Во одлуката која Трамп ја достави до Конгресот е наведено дека заканата поради која тој степен на предупредување е воведен и натаму постои.
„Заканата која се огледува во постапките на лица кои се вклучени, помагаат, финансираат или поддржуваат екстремистичко насилство во Северна Македонија и во другите држави на Западен Балкан, како и опструкциите на имплементацијата на Дејтонскиот договор во БиХ или на резолуцијата на ОН 1244 на Косово, не е отстранета“, се наведува во одлуката што ја потпиша Трамп.
Трајанов вели дека во однос на констатацијата во одлуката за лица кои се поврзани со екстремистички структури безбедносните проценки се дека се намалени можностите за такви активности.
„Во извесен период околу референдумот и промената на Уставот имаше информации за финансирање на немири во Македонија, дека такви екстремни структури има во Грција кои би финансирале такви работи кои ги поврзуваа и со Русија. Дали тие информации беа потврдени не можам да кажам, но за бројните прашања околу тоа требаше МВР да одговори. Имаше и најави за кривични мерки против одредени лица, но јас не видов епилог од тоа. Сега проценките се дека интензитетот од такви активности е намален, речиси невидлив во Македонија. Не верувам дека има таков интензитет за САД и натаму Македонија да ја гледа како нестабилно подрачје“, вели Трајанов.
Првата наредба за зголемениот степен на предупредување во врска со Западен Балкан ја потпиша во 2001 година тогашниот претседател Џорџ Буш. Таа во мај 2003 година беше дополнета со цел да ги опфати и чекорите кои се однесуваа на опструкциите при примената на Охридскиот рамковен договор. Неодамна Трамп ја продолжи и важноста на црната листа составена од Буш во 2001 година на која се наоѓаат пратеникот од ДУИ Џеват Адеми, Претседател на АНА Гафур Адили, поранешниот пратеник Невзат Халили, Џезаир Шаќири, познат како командант Хоџа кој накратко беше советник на премиерот Зоран Заев за внатрешна безбедност и радикализам и претседателот на ДПА Мендух Тачи, осуден за изборни измами во предмет на СЈО.