Достапни линкови

Економијата ќе заживее кога пандемијата ќе се стави под контрола


Економските експерти, како професорите Бранимир Јовановиќ и Алаудин Зекири, оценуваат дека растот од 1, 4 проценти на буџетските приходи за јули е добар сигнал, но не дека тоа не е доволно за да каже дека заживувањето на економијата се одвива со добра динамика.

Економските експерти оценуваат дека растот од 1, 4 проценти на буџетските приходи за јули е добар сигнал дека има подобрувања во фискалните показатели, но не дека тоа не е доволно за да каже дека заживувањето на економијата се одвива со добра динамика.

Нема дилема дека има подобрувања во фискалните индикатори за јули, но прерано е да се даде оценка дека домашната економија заживува, анализираат економските експерти откако од министерството за финансии се пофалија дека реализацијата на буџетот во јули се одвива со добра динамика и дека ова е прв месечен раст на приходите од почетокот на пандемијата со ковид 19.

Професорот по економија Бранимир Јовановиќ од Институтот за општествени и хуманистички науки, не е изненаден од податоците за јули бидејќи немаме карантин и затворена економија. Правејќи споредба со податоците на европските земји, Јовановиќ посочува дека македонската економија не стои добро. Така на пример индустриското производство во јуни годинава во однос на лани во јуни се намалилo за 15 проценти, а кај други соседни и европски земји тој процент е многу мал или дури бележи и раст. Во однос на трговијата на мало на пример, во Македонија се забележува пад од 10 проценти, а просекот за ЕУ земји е раст на трговијата на мало од 1 процент.

„Податоците што се достапни во овој момент не укажуваат на тоа дека економската активност кај нас е подобра отколку во Европа и тука сакам да потсетам дека кога почна кризата во април важевме за една од земјите што ќе има најмал економ ски пад. На пример ММФ проектираше за нас пад на БДП од 4 проценти. Сега како што излегуваат податоците излегува дека нема да биде така и дека нашиот пад ќе биде полош од другите европски земји“, вели професор Јовановиќ.

Причината за тоа ,според Јовановиќ, е прераното отворање на домашната економија што доведе до ново, второ жариште на пандемијата, а тоа пак, предизвика луѓето да се воздржуваат од потрошување, а фирмите да се воздржуваат од инвестирање. И професорот Алаудин Зекири од Тетовскиот Универзитет вели дека позитивниот сигнал за само еден месец (јули) не е доволен индикатор кој ќе покаже дека економијата се опоравува.

„Ова е период на позитивни шпекулации во стопанството. Дека ете наводно тргнуваме напред од точката кога стагниравме. Но, јас мислам дека последниот квартал ќе биде крајно проблематичен во однос на буџетската политика. Не е некоја градежна сезона за градежништвото да имплицира позитива во националната економија, значи кога го нема основниот двигател во стопанството, по која логика би имало позитивно салдо во буџетската и фискалната политика? Тоа пак значи дека трендот на презадолжување на земјата ќе продолжи“, вели проф. Зекири.

Министерката за финансии Нина Ангеловска деновиве соопшти дека во јули се забележува прв месечен раст на приходите во буџетот од почетокот на КОВИД-19 кризата, со месечен раст од 1,4 отсто во однос на лани и дека ова се должи на растот на придонесите, но и на повеќе видови даноци.

„Разбирливо е министерката да се обидува да каже дека сме завршиле со најтешкото, и дека јавниот долг ќе стагнира и ќе имаме приходи од стопанството. Но овие 1, 4 проценти се само на месечно ниво. Да почекаме барем еден квартал да бидат такви бројките па да истакнеме дека има позитивно салдо во буџетот“, вели Зекири.

Јовановиќ пак порачува дека до добрите економски резултати може да се дојде само преку соодветни здравствени мерки кои ќе ја контролираат пандемијата.

„Колку повеќе ја ставите пандемијата под контрола, толку побрзо економијата ќе заживее. Не може економијата да заживее се додека здравствените аспекти на кризата не се санираа, не може да заживее ако имате голем број заразени случаи“, заклучува професорот Јовановиќ.

Инаку ,според податоците на Министерството за финансии, наплатата на приходите во јули е подобрена во однос на претходните месеци од почетокот на кризата, односно придонесите бележат раст од 12% и во јуни и во во јули, а данокот на личен доход е на речиси исто ниво како лани. Кај ДДВ се забележува раст од 1.2% во јули (падот од апр. од – 33.5% е беше ублажен на – 7.5% во јуни, додека во јули веќе имаме позивен резултат), а даночните приходи бележат пад од -1.7% што е значајно подобрување споредено со јуни кога бележеа пад од -14.5%, мај -28% и април -31%. Расходната страна заклучно јули бележи раст од 11,6% на годишно ниво, во најголем дел како резултат на преземените мерки во борба против КОВИД-19 кризата.

Според надлежните, оправданоста за ваквиот пораст на расходите се содржи во исплата на: повисоки пензии, социјална помош, плати, како и поддршка за фирми и граѓани погодени од КОВИД во износ од околу 6,9 милијарди денари. Исто така и капиталните расходи се повисоки за 14,4% во однос на лани. Дефицитот заклучно со јули е реализиран 4,76% од БДП и е согласно планираната динамика со ребалансот

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG