Посмртните останки на 45 жртви од автобуската несреќа во Бугарија со два воени авиони беа донесени на аеродромот во Скопје каде беше организиран државен дочек. Припадници на армијата најпрвин ги префрлија посмртните останки во погребални возила, по што почит на жртвите со положување на венци со цвеќе на пистата им оддадоа претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, како и лидерот на ДУИ, Али Ахмети и вицепремиерот Артан Груби. Присуствуваа и поглаварот на Исламската верска заедница и други претставници на власта.
На церемонијата имаше и гости од странство, односно почит на жртвите им искажаа и претседателката на Косово, Вјоса Османи, министерот за внатрешни работи на Албанија, Бленди Чучи, претседателката на албанскиот Парламент, Линдита Никола и други.
Посмртните останки со погребални возила потоа беа префрлени до нивното вечно почивалиште, бидејќи на барање на семејствата на жртвите беше откажана првично најавената поворка која требаше да помине низ главниот град.
Идентификацијата на телата беше извршена врз основа на ДНК примероци од роднините на жртвите. Полетувањето на авионите беше пролонгирано поради лошите временски услови во Софија. На плоштадот „Скендербег“ во Скопје беа поставени венци пред кои граѓаните им упатија последен поздрав на загинатите.
„Воопшто не ги познавам. Меѓутоа сочувствувам со нив. Јас имам мое дете и на него би можело да му се случи, далеку од тука“, рече Имране Сулејмани, граѓанка на Скопје која им оддаде почит на жртвите.
Таа упати апел и дека треба повеќе да се внимава на луѓето и тие треба да се стават на прво место.
Несреќата на патот „Струма“ во Бугарија се случи рано утрината на 23 ноември. Автобусот на туристичката агенција „Беса транс“ превезуваше патници кои од Истанбул се враќаа во Скопје преку Бугарија. Седум лица беа повредени. Тие од болницата во Бугарија беа префрлени на државната клиника. Најголем дел од жртвите се од општина Студеничани.
Истрагата за причините несреќата ја води бугарското обвинителство во соработка со македонските колеги. Заменик главниот обвинител и директор на Националната истражна служба Борислав Сарафов изјави дека човечка грешка е водечка и главна причина за трагедијата на автопатот „Струма“.
Според првичната верзија од истрагата, дополнително за несреќата влијаеле лошата сигнализација и ознаките на патот, но и лоша организација на сообраќајот. Сарафов рече дека заштитната бариера (банкината) во која удрил автобусот била опасна и исто така придонела за несреќата, а при триењето со банкината од искрите се запалиле маслата во автобусот.
Причина за смртта на сите загинати, според бугарското обвинителство, е задушување од пожарот. Обдукциите на телата покажале дека ниту еден патник не починал од здобиени повреди од ударот, ниту пак од експлозијата.
Бугарската министерка за регионален развој Виолета Комитова изјави дека има многу фактори кои можеле да ја предизвикаат и придонеле да се случи автобуската несреќа и фокусот не може да се стави само на патната инфраструктура. Меѓународните експерти соопштија дека заштитните огради не биле правилно монтирани, како и дека нема знаци и оштетени ознаки.
Шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска изјави дека македонското обвинителство води предистражна постапка не за причините, туку за другите аспекти од несреќата. Пожарот, како што информираше, почнал кај багажниот простор кој се наоѓа над резервоарот во предниот дел на автобусот.
Автобусот на Беса транс немал лиценца, односно злоупотребувал лиценца од друго возило и македонската граница на тој начин ја поминал 133 пати. Се уште не е познато дали возачите имале сертификати потребни за да ја извршуваат дејноста, но факт е дека тие не биле пријавени во фирмата. Министерство за транспорт и врски во меѓувреме ја одземал лиценцата за работа на Беса транс.