Државната изборна комисија пред неколку дена испрати барање за номинација за членови и заменици членови на избирачките одбори до четирите најголеми политички партии согласно резултатите од парламентарните избори од 2016 година, велат оттаму за Радио Слободна Европа. Тоа значи дека такво барање добиле владејачките СДСМ и ДУИ, како и опозициските ВМРО–ДПМНЕ и Движењето БЕСА, кое на минатите избори освои пет пратенички мандати. Но, во 2018 година Движењето БЕСА се подели во две крила, едното крило со два пратеника заминаа во опозиција, додека другото кое се преименуваше во Алтернатива остана во власта заедно со тројцата пратеници.
Минатата недела претседателот на Државната изборна комисија, кој беше номиниран на таа позиција од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Оливер Деркоски отвори правна дилема спротивна на постапката на ДИК. Тој дилемата ја отвори во пресрет на изборите и на номинацијата на членови во избирачките одбори токму за опозициското Движење БЕСА кое одлучи да влезе во предизборна коалиција со владејачката СДСМ. Деркоски во едно телевизиско интервју изјави дека штом овие две партии ќе имаат една кандидатска листа, тогаш ќе се третираат како владејачка коалиција и БЕСА ќе треба да ги изгуби правата кои согласно законот ги добила во 2016 година, а тоа се претставници во избирачките одбори како и правилата околу минутажата за медиумско пренесување на изборна кампања.
„Ако БЕСА одлучи да оди на заедничка листа со СДСМ тогаш имаме една кандидатска листа каде што влегуваат кандидати од БЕСА и други партии од коалицијата и во тој случај БЕСА практично го губи правото на распределба, и тогаш согласно законот стануваат партии од власт, СДСМ со коалицијата и ДУИ тоа се партиите на власт, а делот на БЕСА треба да го добие следната партија, мислам дека станува збор за Алијансата на Албанците“, рече Деркоски во ТВ Шења.
Деркоски тогаш изјави дека правата на БЕСА ќе ги добие следната партија по бројност. Станува збор за распределба на парите, медиумската минутажа и членови во избирачките одбори.
„Во овој случај, ако бидат хипотетички заедно, а сè уште нема објавено детали, ќе си добијат како една коалиција места, а другите места ќе ги добие Алијансата за Албанците“, изјави тогаш Деркоски.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев, пак, вели дека со БЕСА ќе настапат со заедничка програма и заедничка листа, но, како што вели, толкувањето на Изборниот законик е јасно како ден.
„Законот кажува што значи најголема владејачка партија од албанскиот блок на политички партии, а што значи најголема опозициона партија од албанскиот блок на политички партии, како што беше тоа констатирано за втората по голема етничка заедница во државата. Ако се следи законот, мислим дека е чисто како бел ден. Но, од друга страна, ако не се следи законот може да се затекнете во една крајност - единствена опозиција во државата да биде ВМРО-ДПМНЕ, што не е така. А, сега тоа што знаат дека БЕСА ќе биде владејачка партија, тоа е друга работа“, изјави Заев.
Поранешниот потпретседател на ДИК, Субхи Јакупи, вели дека законот е јасен и дециден, односно дека според законот Движењето БЕСА треба да ги ползува правата во државната изборна комисија поради освоените пратенички места на минатите избори. Тој додава дека сè уште има време за доставување на списоци за избирачките одбори затоа што рокот за тоа е до 12 март. Во однос на тоа дали ваквата ситуација ги прекршува во најмала рака етичките правила за фер избори, Јакупи вели дека законот не предвидел вакви ситуации.
„Таква е одредбата од Изборниот законик. Кога се донесуваат законите треба да биде поопширно и транспарентно, а вие знаете дека овој пат немавме таква дебата за повеќе прашања, што доведува до вакви колизии... Меѓутоа, волјата на граѓаните не зависи многу од членовите на избирачките одбори“, вели Јакупи.
Во меѓувреме од Алијансата за Албанците велат дека веќе до ДИК поднеле барање за номинирање на членови и заменици членови во избирачките одбори.
Според резултатите од минатите избори, Движењето БЕСА во Собранието влезе со пет пратеници, но сега има само два што ја прави оваа парија помала од Алијансата која во моментов во Парламентот ја застапуваат тројца пратеници.
Во Државната изборна комисија членуваат Оливер Дерковски од ВМРО-ДПМНЕ кој е претседател на Комисијата, потоа негов заменик е Дитмире Шеху кој доаѓа одредовите на ДУИ. Елизабета Постоловска е избрана како член од ВМРО-ДПМНЕ. Борис Кондарко, Јанакие Витановски и Радица Ристевски се членови кои доаѓаат на предлог на СДСМ. А од партијата Беса во ДИК претставник е Енвер Салиу.