До официјалниот почеток на изборната кампања има уште дваесет дена. Се очекува деновиве партиите да ги затворат кандидатските листи и списоците да ги предадат до Државната изборна комисија.
Како и досега и овој изборен процес ќе го следат странски и домашни набљудувачи чии подготовки поврзани со мониторинг на изборите, се веќе во тек. Во државата пристигна мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на изборите. На денот на изборите ќе бидат распоредени 250 краткорочни набљудувачи, а мисијата ќе има и долгорочни набљудувачи.
„Нашите набљудувачи ќе ја следат секоја од фазите на изборите пред, во тек, па накусо и по завршувањето на изборите. Ќе ја набљудуваат кампањата, ќе го оценат законодавството, спроведувањето на изборите со сите чинители, политичките партии и нивните преставници, граѓанскиот сектор, но и судството кое е важно за процесот на поплаки околу изборите“, рече на денешната прес-конференција Тана де Зулуета, шеф на Набљудувачката мисија за избори на ОДИХР.
Таа најави дека ќе се врши мониторинг на медиумите како активност која редовно се спроведува и ги опфаќа телевизиите, печатените и онлајн медиумите.
Од граѓанската асоцијација „МОСТ“ велат дека претстојната изборна кампања ќе ја следат со 30 долгорочни набљудувачи, односно регионални координатори кои ќе го следат текот на кампањата, однесувањето на институциите, начинот на кој учесниците во кампањата ќе се однесуваат, евентуален говор на омраза, инциденти и сл. МОСТ ќе има и постојан набљудувач во Државната изборна Комисија.
„На изборниот ден ќе распоредиме близу 1100 набљудувачи од коишто еден дел од нив ќе покријат 20 проценти од вкупниот број на избирачки места на територијата на цела држава. Ќе распоредиме 55 тимови со по двајца мобилни набљудувачи, односно 110 вкупно кои ќе ги покриваат оние места на кои нема да имаме статично набљудување на процесот и ќе имаме 80 набљудувачи кои ќе го следат функционирањето на 80-те општински изборни комисии во текот на денот, а се разбира и при приемот и табелирањето на резултатите од избирачките места“, изјави претседателот на МОСТ, Дарко Алексов.
Општествено-политичките случувања во изборен контекст, „Цивил“ ги следи веќе подолг период, односно по одлуката да се распишат изборите. Долгорочните набљудувачи на „Цивил“ веќе се на терен, а наскоро се очекува истите да ги соопштат своите забелешки.
„Нашите наоди говорат за една валкана кампања, за една „сива зона“ која е овозможена дури и со законските дупки во Изборниот законик како и други закони кои ја регулираат сродната материја на изборите. Тоа што исто така го забележуваме е една недоследност во тоа што се нарекува политичко финансирање. Сметаме дека и оваа година ќе имаме проблеми во доменот на политичкото финансирање, известувањето за тоа и транспарентноста, зошто не се добро решени сите аспекти на политичкото финансирање“, вели претседателот на Цивил, Џабир Дерала.
Кампањата треба да започне на 23 март, но неофицијалната е одамна започната, констатира Дерала чии очекувања се дека таа ќе биде се поостра и повалкана со наближувањето на денот на изборите.
„Тоа што го прават политичките партии на терен спаѓа во она што ние го нарекуваме сива законска зона. Тие не прават ништо незаконско со водење на кампањата но од друга страна не сме сигурни дека тоа е во согласност со етиката и добрите изборни практики“, вели Дерала.
Токму рекламирањето на политичките партии на социјалните мрежи за време на предизборната кампања е во таканаречената „сива зона“. Во финансиските извештаи кои партиите ги поднесуваат до ДИК може да се види колку пари потрошиле за рекламирање на телевизија, на радио и на интернет портали, па дури и конкретно кој медиум колку добил, но нема ниту збор за тоа колку партиите потрошиле за спонзорирање објави на Фејсбук, иако сме сведоци дека социјалните мрежи се преплавуваат со политички кампањи.
Во меѓувреме, ДИК веќе го стави на јавен увид Избирачкиот список во своите подрачни одделенија и месни канцеларии. Јавниот увид трае 15 дена до 11 март и во тој период граѓаните можат да ги достават барањата за запишување, допишување или бришење на податоци од Избирачкиот список. Кандидатските листи до ДИК треба да бидат доставени до 12 март.