Достапни линкови

Ќе има ли контрола на партиските каси во кампања?


Како и пред сите изборни циклуси, така и пред овие избори, финансирањето на политичката кампања е едно од прашањата кои ќе бидат во фокус на јавноста. Упатените потсетуваат дека во минатото постоеја сомневања за незаконитости околу финансирањето, но досега никој не понесе одговорност за тоа.

Финансирањето на политичката кампања, согласно новите измени на Изборниот законик е едно од прашањата за кои деновиве уште една средба треба да одржат министерката за правда Рената Десковска и претставниците на Државниот завод за ревизија и Државната комисија за спречување на корупцијата. Детали од состанокот засега не се соопштуваат, а од ДИК кратко соопштија дека целта на овој состанок било да се изнајде начин најдобро да се одговори на новите предизвици со кои ќе се соочуваат при спроведувањето на предвремените парламентарни избори на 12 април.

Последните измени и дополнувања на Изборниот закон беа донесени на 15 февруари, односно ден пред да се распушти собранието. Во делот на финансирањето на изборната кампања, според последните измени на законот, партијата мора во рок од 60 дена (а не три месеци) да ја затвори сметката од денот на конечното објавување на резултатите од изборите. Откако ќе ја затвори има уште 30 дена да го поднесе конечниот финансиски извештај за целата кампања до надлежните институции, како ДИК, Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), Државниот завод за ревизија (ДЗР) и Собранието на РСМ, како и јавно да се објави.

Според измените во законот, чл. 84 б (ставот 1) се менува и гласи:

(1)„Учесникот во изборната кампања е должен во рок од 20 дена од денот на настапување на предизборниот молк за првиот круг и вториот круг на гласање доколку се одржува, да поднесе извештај со спецификација на трошоците за приходите и расходите на трансакциската сметка за изборна кампања од денот на нејзиното отворање до завршувањето на првиот изборен круг.“

Ставовите (2) и (3) се менуваат и гласат:

„(2) Учесникот во изборната кампања е должен на 11 ден од денот на изборната кампања, да поднесе Извештај со образец за примените донации на трансакциската сметка од членот 71 став (1) за финансирање на изборната кампања.

(3) Учесникот во изборната кампања е должен еден ден по завршување на изборната кампања да достави Извештај со образец за примените донации на трансакциската сметка од член 71 став (1) за финансирање на изборната кампања.“

Во случај на поднесен приговор за непочитување на одредбите за финансирање на изборната кампања од овој законик, Државнaта комисија за спречување на корупција е должна да ги испита наводите и да одлучи по поднесениот приговор во рок од пет дена по поднесување на приговорот.

Доколку пак Државниот завод за ревизија утврди неправилности во финансиските извештаи на учесникот во изборната кампања од членот 84 б кои се спротивни на одредбите на овој законик, тогаш ДЗР поднесува барање за поведување на прекршочна постапка или пријава до надлежниот јавен обвинител во рок од три дена од денот на утврдувањето на неправилностите.

Откако претходно ќе ја затворат наменската транскациска сметка за изборите, партиите имаат обврска да ги поднесат конечните финансиски извештаи за кампањата, а ДЗР пак има рок од 60 дена за проверка на извештаите. Директорот на Заводот за ревизија Максим Ацевски неодамна во интервју за нашето радио изјави дека токму тоа е една од слабостите на законот бидејќи со неа се создаваат можности политичките партии учесници во изборниот процес да добиваат донации по завршување на изборниот процес, односно до моментот кога ќе се затвори самата сметка, тоа е во рок од 60 дена по завршување на изборите, односно по официјализирање на изборните резултати.

„Се поставува прашањето и логичен е одговорот, кога е познат победникот во секој изборен процес, секој донатор би сакал да донира на онаа политичка партија којашто ги добила изборите, а не на онаа која ги изгубила. Нашиот предлог беше во суштина да се создадат подеднакви услови за сите политички партии и правото на донации да се уплатуваат до моментот додека трае изборната кампања, со завршувањето на изборната кампања да се оневозможи давање средства на име донации на самите политички партии во насока на обезбедување фер и коректно учество на сите учесници во изборниот процес. Таквото наше укажување не беше прифатено и верувам дека во едно догледно време сето тоа ќе биде вградено во Изборниот законик“, изјави во интервјуто Ацевски.

Незаконското финансирање и пропустите кои партиите ги прават во делот на финансирање на кампањата, но и наменските сметки кои ги затвораат со долг, наместо со салдо нула или вишок средства, беа чест пример во македонското општество. Упатените во областа велат дека и покрај укажувањата на надлежните институции за извесни пропусти кај партиите, ниту еден случај досега не завршил со правна разрешница.

Досегашното искуство покажува дека буквално на криминален начин се финансираат партиите, а притоа никој не сноси одговорност за тоа, вели поранешниот антикорупционер Ариф Муса.

„Ние сме имале класична злоупотреба на средствата од буџетот. Финансирање на кампањите на црно преку злоупотреба на моќта, за финансирање на кампањите итн. Овде не станува збор за немање закони, тукунегово неспроведување. Теоретски имаме одлични закони, имаме и институции, но нивното непостапување е проблем, ни треба волја и подготвени државни органи за спроведување на законот, почнувајќи од ДЗР, Антикорупциската комисијата,па до Обвинителството“, вели Муса.

Во Законот за спречување корупцијата, пак кој го дефинира доменот на работа на антикорупциската комисија во делот забрана за користење противправни и анонимни извори на финансирање за време на избори, се наведува дека “ако се појави сомневање дека политичка партија или кандидат на изборите користеле средства противправно или од анонимни извори, Државната комисија ќе побара од надлежните органи да извршат проверка на изворот на средствата и дека тоа не претставува повреда на банкарска тајна.

Со цел да се има поголема контрола врз парите што ги трошат партиите, во Изборниот законик има и одредба според која сите средства наменети за финансирање на изборната кампања се уплатуваат на трансакциската сметка на партијата и сите трошоци за кампањата исклучиво ќе се покријат од средствата за таа намена (член 71, став 10)

Но и покрај оваа одредба според која сите обврски кои што ќе се создадат за време на изборната кампања мора да се покријат или да се платат од сметката за таа намена, упатените велат дека во пракса имаме поинаква состојба.

Последниот таков случај беше извештајот на ВМРО ДПМНЕ по претседателските избори, кога наместо сметката да биде затворена со салдо нула, односно на наменската сметка да нема останато долгови или да има вишок пари, на неа останале 400 илјади евра долг, врз основа на неплатени фактури кон фирми чии услуги ги користела партијата за време на кампањата.

Во меѓувреме, во периодот од 2016 година до 2018 година од Државниот Завод за ревизија испратиле вкупно 42 извештаи до Јавното обвинителство, потоа 8 до Антикорупциска комисија, 4 до МВР и 2 до Финансиската полиција. За најголемиот дел од нив нема повратни информации, велат од ДЗР.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG