Даниела од Скопје е мајка на три деца. Еден средношколец и две девојчиња во основно. Вели дека како и секој родител се соочува со предизвици во текот на нивното растење, особено кога се будат хормоните. Но, и дека ѝ олеснува затоа што успева со нив отворено да разговара буквално за сѐ.
„Секако сум забележала промени во однесувањето, повлеченост, некој вид на анксиозност. Некогаш се раздразливи и напнати. Но, ние нашите деца ги растеме со отворен пристап кон сите работи. Немаме табу теми, разговараме буквално за сѐ и нема нешто забрането. Не ги казнуваме и имаме некој наш стил на воспитување кој можеби ни помага и побрзо да ги пребродат тие моменти“, вели за РСЕ скопјанката Даниела.
Забележала дека ваквите ситуации не траат подолго од неколку дена. Но, и дека треба да го погодиш моментот, бидејќи децата не сакаат да зборуваат секогаш кога сакате вие. Ако некое од нејзините деца рече: „Ми треба помош од психолог“, таа би дала зелено светло.
„Знае дека не е чудно, не е нешто од кое треба да се срами или плаши и дека тоа е многу нормална работа“, додава мајката.
Ако младите забележат дека родителите не им даваат значење на нивните проблеми, тие се обесхрабруваат, заклучува средношколецот Берим Мухамед.
„Кога младите зборуваат со родителите и ќе речат: ’Не сум ок, моите пријатели не ме сакаат, не ми оди добро на училиште’, тие секогаш враќаат со нешто како на пример: ’Moите проблеми се поголеми од твоите’. Затоа, кај децата расте омразата и лутината. Тогаш го затрупуваат чувството во себе и не одат на психотерапија и тоа станува сè поголемо додека еден ден не експлодира“, вели 16-годишниот Берим.
Ако има психолошки проблем, тој би одел на психотерапија, бидејќи како што вели, подобро е да се зборува, отколку да се страда во тишина.
Алармантни бројки за депресија кај македонските средношколци
Депресијата, а уште повеќе анксиозноста сѐ повеќе зема замав меѓу македонските средношколци, покажа и Истражувањето на невладината организација „Мозаик Меик“, спроведено преку прашалници на кои одговарале 397 ученици од 3-та и 4- та година од 5 средни училишта во Скопје.
„Искрено додека ги обработувавме податоците, јас и колешката со која работевме на случајот, се исплашивме. Сериозни се бројките. Алармантно е дека 19 проценти имаат сериозни и тешки депресивни состојби. Алармантно е дека речиси 50 отсто од младите се анксиозни“, вели Емилија Бошковска, психолог и психо-терапевт, која учествувала во истражувањето.
Со ова истражување сакале да ја алармираат јавноста и институциите да преземат нешто за превенција, особено денес, кога гледаме насилство во семејството, па дури и убиства.
„Имаме многу јавувања од млади со силна вознемиреност односно анксиозност, или подолго време се во депресивна состојба. Тоа се млади кои доаѓаат на психотерапија. Сето тоа е производ на она што всушност сме го занемариле овој период - кога младиот мозок е попластичен и полесно може да се влијае и да се моделира за да му се засилат ресурсите што ги поседува“, вели психотерапевтката.
Според податоците од истражувањето, во гимназиите има многу почеста појава на потешки состојби и поголема анскиозност отколку во средно стручно образование, што според Бошковска, укажува на фактот дека веројатно тука се и поголеми очекувањата од училиштето и родителите. Па, ова е еден од начините на кој притисокот се одразува.
Кои се симптомите за депресија?
Присуството на депресија кај младите не значи дека тие ќе бидат само повлечени и изолирани. Напротив, може да бидат раздразливи, често фрустрирaни и лути и да влегуваат во конфликти. Немирот излегува на површина и имаат неочекувани промени во расположението, посочува Бошковска.
“Се самообвинуваат, самокритични се и имаат ниска самодоверба, лоша идеја за иднината и се бесперспективни. Или се претерано загрижени, со намалена концентрација на училиште и намалено помнење. Имаат чувство на инфериорност, некогаш можеби и чувство на вина. Многу е индивидуално, но нешто од ова сигурно би се јавило“, истакна психотерапевтката.
Симптомите можат да бидат и физички, како чести необјасниви болки. Може да се губат или качуваат килограми, да има плус замор а минус енергија, па премногу да им се спие или да имаат несоница. Очекувано е помалку да внимаваат на личната хигиена, но и да влегуваат во ризично однесување со употреба на алкохол и дрога.
„Тоа веќе се почесто се случува меѓу нашите млади. Претерано употребуваат технологија, дури на ниво на зависност и се самоповредуваат. Тие го користат алкохолот, но тој е реално депресант, односно после втората чашка веќе депресијата се појачува, не се намалува. Иако, нели, на почетокот им го подобрува расположението. Toa e начин како тие се справуваат со внатрешното чувство“, посочува Бошковска.
Се очекува и да немаат интерес за тоа што до вчера им причинувало задоволство, да ги намалат оценките, често да отсуствуваат од училиште и да влегуваат во конфликити дома и со пријателите, па дури и да го сменат кругот на пријатели или да бидат социјално поизолирани.
„Насмеана депресија“ како атипичен симптом
Има и атипични симптоми на депресија. Се појавуваат и проблеми со варење на храната. Младите може да бидат доста чувствителни кон отфрлање или неуспех, претерано да се извинуваат или да бараат перфекционизам. Но и да носат „среќна маска“ или да е во прашање „насмеана депресија“ како атипичен симптом.
„Тие изгледаат вака забавни, насмеани, прифатени во друштвото и наеднаш имаме поинаква ситуација. Заборавени се, можат да бидат со ниска толеранција на непријатност. Да не им годи многу врева и затоа да не одат по дискотеки или да не излегуваат. Гледајќи ги секој од овие симптоми поединечно, ретко дека некому би му текнало дека можеби станува збор за депресија“ истакна докторката.
Кога треба да се загрижиме?
Иако има плејада на симптоми кои укажуваат на депресија, комбинацијата на неколку од нив и нивното времетраење треба да го вклучат алармот.
„Депресијата би подразбирала комбинација и интеракција минимум пет симптоми кои би биле присутни секојдневно, кои ќе го попречуваат функционирањето во период од минимум две недели. Тоа е веќе сигнал кој треба да ни укаже дека е потребно да се реагира. “, вели психотерапевтката Бошковска.
Според неа, добар дел од ситуациите се пропуштаат бидејќи не се смета дека е нешто драматично, освен ако има некое поризично однесување како употреба на алкохол и дрога или ако се намалат оценките, па се реагира.
Вообичаено е младите да имаат проблеми поврзани со менталното здравје, особено депресија и анксиозност, но тоа може да се третира. Добро е кога тие во најмала рака можат некому да се обратат, па макар и на пријател за да кажат како се чувствуваат, бидејќи ако не го споделат тоа проблемот е многу посериозен. Лекарите потенцираат дека клучно е да се консултира единствено стручно лице за проблемот вистински да се реши.