Достапни линкови

Ќе ги издржат ли угостителите последиците од епидемијата?


Угостителски објекти во Скопје во пандемија
Угостителски објекти во Скопје во пандемија

Иако трендот на заразени во земјава е во нагорна линија, угостителските објекти официјално своите врати за посетителите ги отворија пред неколку дена. Повеќето од нив се уште се трудат да се навикнат на новите протоколи за работа, но и муштериите се учат на новите мерки и правила како гости. Но сопствениците се највеќе загрижени за економскиот импакт поради намалениот обем на работа.

По повеќе од два и пол месеца утринското кафе денеска го испив во моето омилено кафуле. Кафето е вкусно како и порано, но различна е атмосферата. Гужвите на кои бевме навикнати од порано, веќе ги нема. Сега важат нови правила.

Поради пандемијата со КОВИД-19, во сите угостителски објекти кои своите врати ги отворија за гости, сега има протокол кој мора строго да се почитува. При влегувањето во објектот секој посетител мора да се дезинфицира, соодветни средства за дезинфекција мора да има на секоја маса, а тука е и задолжителното растојание од 1,5 до 2 метра помеѓу масите.

Видео - Угостителите ги почитуваат протоколите но се загрижени за прометот

Угостителите почитуваат протоколи, но имаат помалку гости
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:00 0:00

Сопственикот на ова кафуле, Дарко Јовчевски вели дека протоколот за работа не е комплициран, но понекогаш е тешко да им објасните на гостите дека не треба да седат повеќе од двајца на една маса.

„И претходно ние работевме по хигиенски протоколи, се работи со иноксни површини, се користи машина за перење садови што пере на 80/90 степени и ги уништува сите бактерии, постојано се пребришува површината, се користат средства за дезинфекција, тоа не е ништо ново за поголемиот дел угостителски објекти. Но, проблем е со седењето на гостите. Тие можат да седат само во отворениот дел, повеќето од нас немаме преголеми дворови, па ако претходно сме имале 12 маси, сега имаме 5 на кои можат да седат максимум двајца. Тоа значи дека губиме 80 посто од гостите и од капацитетот кој го имаме“, вели Јовчевски, сопственик на кафе и филм „Котур“.

Но, ова е само почеток на кризата за малите бизниси, вели Јовчевски. Загриженоста на повеќето угостители со кои разговаравме во центарот на градот, а која се однесува на економските последици од кризата со корона, ја дели и Јовчевски.

„Проблем е атмосферата, енергијата кај гостите се чувствува дека се има некоја резерва, не се опуштени и дојдени да се забавуваат, не се пие повеќе пијалоци како порано, се седнува на една пијачка и краток муабет и тоа е тоа. Со цените што ги имаме ваков принцип на работа не може да биде одржлив, ова е досега најтешкиот период за угостителството во последните 20 години. Многу угостители нема да можат да го издржат тоа“, вели Јовчевски.

Иако гужви нема, на улица „Македонија“ се забележува раздвиженост. Машините за кафе повторно работат, а кујните ги подготвуваат новите мениа. Вработените во угостителските објекти се оптимисти дека гостите пак ќе се вратат, иако признаваат дека бројот на посетители е далеку од посакуваниот.

„Има движење, влегуваат луѓе. Но мислам дека се уште се плашат да седнат, бидејќи секој ден има нови заболени. Сепак мислам дека тоа ќе го надминеме, ако се почитуваат мерките и ако сме согласни сите“, вели Мирјана Цветкоска, вработена во угостителски објект на улица Македонија.

„Според мене се почитуваат мерките, се носат маски, се држи потребното растојание, секој гостин кој ќе влезе мора да се дезинфицира пред да седне“, вели Леонид Филиповски, вработен во угостителски објект во Скопје.

Угостителите велат дека два и пол месеци откако земјава ја зафати епидемијата со корона вирусот, сфатиле дека оваа криза допрва ќе ги покаже своите лоши страни. Според нив, со намалениот обем на работа, очекувано е дека ќе мора да се намали бројот на вработени, но и висината на платите.

Во меѓувреме, Пазарниот инспекторат почна да ги казнува угостителите кои не ги почитуваат пропишаните протоколи за работа. Викендов 11 угостителски објекти низ Македонија биле санкционирани со прекршочни, а еден локал добил и кривична пријава. Казна заработиле локали од Скопје, Дебар, Струга и Тетово. Затворен бил и луна парк во Горно Лисиче бидејќи не се почитувале никакви превентивни правила, а таков тип на дејност не смее да работи.

„Во 12 објекти не се почитувало правилото за групирање на повеќе луѓе, немало растојание помеѓу масите, пристигнувале луѓе во групи. Се примале гости и внатре во објектите. Имаме непочитување на работно време и по 22 часот“, изјави вчера Стојко Пауновски, директор на Државниот пазарен инспекторат.

Во меѓувреме, правилата кои ги препиша Комисијата за заразни болести ќе останат исти.

Од Туристичко - угостителската комора пред неколку денови рекоа дека мерките кои треба да се исполнат за да отворат угостителските објекти се ригорозни. Од таму велат дека објектите ќе работат само со третина од својот капацитет, а трошоците за плати, сметки, кирии остануваат исти. Од Комората велат дека со ваков протокол голем дел од угостителите немаат економска логика да ги отворат терасите.

На повеќето компании од туризмот и угостителството ќе им требаат најмалку шест месеци до една година да се опорават ако епидемијата со коронавирусот заврши до крајот на 2020-та, покажува студијата за ефектите врз приватниот сектор - туризам и угостителство погоден од пандемијата, изработена како дел од проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива. Во изработка на студијата беа вклучени и стопанските комори.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG