Евидентирани се 32 деца кои работат на улица во Битола, односно питачат. Податоците се од проектот „Психосоцијални и здравствени интервенции за деца од ранливи популации“, што се финансира преку ИПА фондовите за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Грција.
„Имаме идентификувано 239 деца од ранливи категории, од кои 32 се деца кои работат на улица и голем дел од денот го поминуваат на улица. Имаме идентификувано 25 деца кои привремено живеат во Битола на улица, тоа се деца кои доаѓаат со семејствата да препродаваат зеленчук и буквално неколку месеци живеат на улица. Имаме идентификувано 157 деца кои живеат на улицата Караорман 111, во населбата каде нема никакви услови за живот и секојдневно се соочуваат со сиромаштија и немање пристап до многу услуги. Се обидуваме колку што е можно да им го направиме животот полесен“, вели д-р Гордана Ристевска-Димитровска, специјалист психијатар од Високата медицинска школа.
Меѓу децата кои работат на улица има од новородени, па се до 18-годишни. Учесниците во проектот велат дека колку се помали децата, толку повеќе се злоупотребувани, зашто родителите ги користат да предизвикаат поголемо сочувство кај граѓаните и повеќе пари да добијат. Апелираат граѓаните да не помагаат со давање пари на лицата кои просат, туку со волонтерско вклучување во оваа акција.
„Сите лица кои се заинтересирани да бидат волонтери, не мора да се со високо образование, психолози, социолози, може секој заинтересиран да нè контактира и да се вклучи, онолку колку што има време и енергија. Не треба да им даваме пари на лицата кои просат оти ако го правиме тоа, децата не можат да се вклучат во образованието зашто лицата што ги користат ќе продолжат и натаму да ги тераат да просат оти заработуваат“, нагласува Ристевска- Димитровска.
Работата на теран во рамки на проектот покажа дека нема намалување, туку има тренд на зголемување на неписмена популација во Битола, која не е само млада, туку и возрасна.
„Во проектот даваме психо-социјална поддршка. Имаме Едукативен центар за ран детски развој и мобилни тимови од волонтери, кои работат со деца кои живеат или работат на улица, со деца кои се гетоизирани во ромските населби. Им овозможуваат едукација, психотерапија, психолошко советување, социјални совети, советување за планирање на семејство и контрацепција за поголемите“, вели Ристевска- Димитровска.
Децата и родителите засега прифаќаат соработка. Децата кои работат на улица, често пати можат да се сретнат на амбиенталната улица Широк Сокак како просат пред маркетите, а ги има и пред влезовите на црквите.