Достапни линкови

Зошто станавме питачи?


Борба за гола егзистенција
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:51 0:00

Борба за гола егзистенција

Низ улиците на Скопје стана вообичаена слика да гледаме луѓе кои живеат тука, а како да излегле од приказните на писателите од минатиот век. Тоа се луѓе кои молат за парче леб и малку пари, а во нивните животи нивната борба е да водат живот на обичните луѓе.

Колку и да прави декор со новите објекти што се градат во центарот на градот, државата не може да се сокрие кога човечката егзистенција е на работ. Поривот и желбата за парче леб не може да се сокријат. Низ улиците на Скопје стана вообичаена слика да гледаме луѓе кои живеат тука, а како да излегле од приказните на писателите од минатиот век, кои пишувале на социјални теми за привилегираната положба на градските господар во однос на другите. Тоа се луѓе кои молат за парче леб и малку пари, а во нивните животи нивната борба е да водат живот на обичните луѓе.

Илустрација.
Илустрација.

Собира пари за да се лекува

Една жена е една од многуте кои секое утро го започнува со надеж и неизвесност која зависи од минувачите дека ќе и тропнат ситни пари во кутија пред неа доволни за да помине уште еден ден кој ќе ја поттикне да верува во утрешниот ден.

Благодарени на луѓето што се тука, ќе ми дадат пари да одам да се прегледам. Барам пари за автобус, да идам да се прегледам. Секој месец треба да идам на преглед и за тоа барам пари. И кога ќе ми речат зошто не одам редовно на преглед, им велам и да умрам, веќе не можам да издржам.

„Две години како сум тука, државата не ми помогна, поддадов документи за инвалидска пензија, ми велат нема шанса, а пет операции имам, на срце сум оперирана. Благодарени на луѓето што се тука, ќе ми дадат пари да одам да се прегледам. Барам пари за автобус, да идам да се прегледам. Секој месец треба да идам на преглед и за тоа барам пари. И кога ќе ми речат зошто не одам редовно на преглед, им велам и да умрам, веќе не можам да издржам“, низ плач раскажуваа таа.

Илустрација.
Илустрација.

За државата можеби таа е само уште една бројка регистрирана во центрите за социјална работа, за обичните луѓе човечка судбина, но за неа нејзината состојба е безизлезна и ја живее со години откако го изгубила изворот на егзистенција поради стечај на фабриката во која работела, а во меѓувреме потрагата по нова работа и физички ѝ се одразила врз здравјето. Болна и немоќна да смени дел од својата судбина секое утро тивко ги пречекува луѓето пред една од црквите во градот со искра надеж дека ќе собере пари да го излечи своето болно и уморно срце.

Работев во Металски Завод Тито, ама сега сум стечаец, имам уште две години до пензија , ама и стажот не ми е платен, ако соберам барем 15 години за пензија, барем минимална да земам, ако дочекам. Ако не ми е платено, џабе сум работела 20 години.

„Работев во Металски Завод Тито, ама сега сум стечаец, имам уште две години до пензија , ама и стажот не ми е платен, ако соберам барем 15 години за пензија, барем минимална да земам, ако дочекам. Ако не ми е платено, џабе сум работела 20 години.“

Се бори со сиромаштија, а сега и со студот

Слична судбина живее и еден средовечен маж кој во текот на годините наназад во компанијата во која работел здобил инвалидност и оттогаш неговиот живот е обременет со егзистенцијални предизвици. Најмногу стравува од тоа што зимата е на чекор и освен со стариот пријател сиромаштијата, ќе треба да се бори и со студот кој неговите прсти најмногу го чувствуваат додека моли за милост од минувачите.

Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

За него владините кампањи во кои се кажува дека се води сметка за најранливата категорија луѓе отпишувајќи им се еднократно долговите и други слични мерки се само едната страна на паричката која убаво изгледа на телевизија, но реалноста е нешто друго, а тој е личен пример за немоќ и непреземање соодветни мерки од институциите на државата за најранливата категорија луѓе.

Има греење, ама треба да се плати. Сега чекам да ми ги отпишат долговите, ако ги отпишат, ама се сомневам. Топлификација, пушти греење, а до кога не се знае.

„Има греење, ама треба да се плати. Сега чекам да ми ги отпишат долговите, ако ги отпишат, ама се сомневам. Топлификација, пушти греење, а до кога не се знае. Државата треба да размисли малку, што да направи, треба да се организира, треба некои чекори да се направат, оти само надоле оди, нагоре не оди. Ако на телевизија кажуваат дека горе летаат орли, а глувци доле не јадат. Барем државата да ни помогне, да ни даде еден вид пензија, дур не влеземе и официјално во пензија.“

Владата најави закон за инвалидност кој ги обврзува компаниите да вработуваат лица со инвалидност, но за жал неговата примена ќе биде во 2016 година за да се адаптираат фирмите. Дотогаш многу судбини ќе бидат неизвесни.

Другиот податокот за население кое живее под линијата на сиромаштија, тој процент во 2012 е околу 19 проценти. Нема држава ниту од поранешните социјалистички републики со толкав процент од населението коешто е под линија на сиромаштијата.
Петар Гошев, поранешен гувернер на НБРМ.

Државата не се грижи за нив, чекаат на хуманите луѓе

Едно општество се гледа колку е сиромашно, но и среќно токму по овие луѓе кои се сведоци на пропаднати фабрики во процесот на транзицијата, неуспешни економски политики и неснаоѓање на институциите со оваа најранлива категорија на луѓе. На овие луѓе секој нов ден им зависи од човечноста на минувачите, а тоа е само искра надеж да продолжат понатаму, но не и решение на нивниот проблем зошто само државата тоа може да го направи.

Розова владина слика и сиромашна реалност

Според последните податоци од Државниот завод за статистика за 2011 сиромашни се 30,4 проценти од луѓето во Македонија. Владата пак кажува дека се подобрува бизнис климата, се намалува невработеноста и дека се зголемени социјалните издатоци.

Експертите кои се упатени во економијата од стручен аспект го објаснуваат јазот меѓу сликата за реалноста што се прикажува во јавноста и вистинскиот живот на граѓаните.

Висината на социјалната паричната помош за носителот изнесува 2334 денари, а за секој следен член на домаќинството основицата се зголемува за коефициент од 0,37 денари.
Билјана Јарчевска, директор во Меѓуопштинскиот ценатр за социјална работа во Скопје.

Петар Гошев, поранешниот гувернер на НБРМ ја критикува владата дека се поголемото социјалното раслојување е првата работа за која сериозно треба да се загрижи државата. Според него две работи се клучни во врска со стандардот на луѓето. Едното прашање е колку се зголемува домашниот производ на земјата годишно. Тој показател покажува дека Македонија бавно напредува и дека стапката на раст е далеку од потребната за да задоволи пристоен живот на граѓаните. Второто прашање е уште поважно, а тоа е дали дистрибуцијата на создадениот доход е рамномерна или сконцентрирана во тесен круг на луѓе.

Дистрибуцијата е концентрирана во мал процент на домаќинства и тоа го покажуваат сите податоци, предупредува Гошев.

Јас велам дека многу слабо се справуваме со тој феномен, да им се овозможи некој оброк, да им се овозможи некој минимум на работа, слабо се справуваме, се е тоа во центрите за социјална грижа на ниво на една патетика, ќе се каже денеска имало толку и толку питачи на еден семафор и истите луѓе другиот ден во раните утрински часови ќе застанат на своите семафори и ќе го работат единственото што знаат да бидат.
Викторија Вујовиќ, невропсихијатар.

„Иако многу податоци за Македонија ги нема, затоа што ние немаме асална државна статистика и немаме соодветни истражувања на тоа поле, но некои од овие податоци јасно покажуваат дека социјалното раслојување е огромно. Оној познат џини коефициент за Македонија е 43, 2 проценти во 2010 година. Американскиот коефициент за нееднаквост, за доход на нееднаквост е понизок, дури и другиот податокот за население кое живее под линијата на сиромаштија, тој процент во 2012 е околу 19 проценти. Нема држава ниту од поранешните социјалистички републики со толкав процент од населението коешто е под линија на сиромаштијата“, вели Петар Гошев.

Социјална помош не стигнува за ништо

Со паричната помош што им ја пружа државата оваа категорија граѓани таа само го одржува нивниот статус тие и натаму да останат на маргините на општеството правејќи ги зависни од нивните мерки за отпис на долговите, бидејќи реално со таквите суми не може еден граѓанин да помине ни една третина од месецот, а камо ли да ги плати сметките за комуналии и да се храни здраво како што сака владата во кампањите под мотото здравјето е избор. Од центарот за социјални работи информираат дека државата обезбедува постојана социјалана помош за лицата кои ќе достават соодветни документи, а отворени се и повеќе народни кујни каде се евидентирани околу 4 илјади корисници.

Луѓето се хумани, ме сфаќаат. Има еден директор, кога му кажав што е работата ми даде 1500 денари, ми рече еве ти од срце, да идеш да се прегледаш. После еден дечко ми даде 2000 денари, му реков не ми давај толку, ми рече –мајче земи и ги и да идеш да се прегледаш.

„Висината на социјалната паричната помош за носителот изнесува 2334 денари, а за секој следен член на домаќинството основицата се зголемува за коефициент од 0,37 денари. Инаку за најзагрозената категорија на лица, стари и изнемоштени лица, и лица со социјален ризик, а кои се корисници на право од социјална заштита, со одлука на Влада од 2007 година отворени се и народните кујни, како една исто така голема помош на овие лица. Во Скопје моментално имаме девет пункта кадешто се дели храна“, вели Билјана Јарчевска, директор во Меѓуопштинскиот ценатр за социјална работа во Скопје.

Несреќни луѓе не прават среќно општество

Психолозите се согласни дека кога околу нас имаме несреќни човечки судбини не може да имаме среќно општество. Кога сиромаштијата тропа на туѓата врата не може и другите да бидат спокојни, а со тоа се зголемува неизвесноста и стравот. Исплашен човек не може да биде храбра личност која ќе се бори за своите интереси и егзистенција храбро, велат психолозите.

И младата и старата популација се многу хумани, но не можат и тие да постигнат, многу сме, друго е да е само еден, друго е да се многу. Има многу луѓе што вака просат, тоа се многу луѓе.

Сликата кога околу нас има луѓе кои молат за материјална поддршка влијае и ги актуализира егзистенцијалните човекови стравови, коментира невропсихијатарот професор доктор Викторија Вујовиќ.

„Секој човек, особено кога живее во едно време кога му е неизвесно работното место, колку ќе опстои или не, кога му се неизвесни финансиите во домот, кога се справува со егзистенцијални стравови, така што секој настан во кој се доведува во прашање егзистенцијата на човекот, секако дека буди страв, затоа што за да постоиме, за да функционираме, треба да работиме, треба да бидеме надарени особено. Јас велам дека многу слабо се справуваме со тој феномен, да им се овозможи некој оброк, да им се овозможи некој минимум на работа, слабо се справуваме, се е тоа во центрите за социјална грижа на ниво на една патетика, ќе се каже денеска имало толку и толку питачи на еден семафор и истите луѓе другиот ден во раните утрински часови ќе застанат на своите семафори и ќе го работат единственото што знаат да бидат.“

Имате низа механизми, не треба да измислуваме топла вода кога станува збор за оваа проблематика. Едноставно она што треба да се направи е да се соберат дел од експертите коишто се занимаваат со таа проблематика, дел од научните лица, стручната елита, политичката и да се направи една добра национална стратегија којашто нема да нуди ад-хок решенија.
Татјана Стојановска Иванова, социолог.

Младите бегаат поради несигурната егзистенција

Тој страв од неизвесната егзистенција се рефлектира особено врз младите луѓе кои не гледаат перспектива и се во потрага по егзистенција надвор од државата бидејќи искуствата поминати тука не им влеваат надеж дека државата доволно се грижи за нив и не сакаат да се задоволуваат со потпросечни плати кои со последните покачувања на минималната плата од осум илјади денари ќе изнесува до 10 илјади во 2016, а тоа владата го смета за историски чин. Според податоците од Евростат над 300 илјади лица се иселени од државата во последните 10 години. Тоа е огромна бројка во однос на популацијата од 2 милиони вели, Гошев.

„Стапката не невработеност кај младите е над 50 проценти, тоа е највисока во Европа. И наместо приказни за разни лидерства, треба да дискутираме за лидерството на Македонија во врска со стапката на невработеност. Тоа е комплексно прашање коешто произведува, доведува луѓето да носат заклучоци дека треба да ја напуштат земјата, и сите анкети покажуваат дека нас 70-80 проценти од младите својата перспектива ја гледаат надвор од земјата“, вели Гошев.

Има хумани луѓе, но не можат да постигнат насекаде

Во сето ова единствена светла точка дека има зошто живеат во градот на нобеловката мајка Тереза за сиромашните луѓе е таму каде што нема политика, меѓу обичните луѓе кои не се сликаат на телевизија кога сакаат да помогнат и тоа го прават од најчовечки побуди.

Тоа се примери кои нелицемерно треба да ги следат и институциите на државата. Би требало и логично е да биде обратно. Кога државата односно нејзините институции треба да им бидат пример на останатите граѓани.

„Луѓето се хумани, ме сфаќаат. Има еден директор, кога му кажав што е работата ми даде 1500 денари, ми рече еве ти од срце, да идеш да се прегледаш. После еден дечко ми даде 2000 денари, му реков не ми давај толку, ми рече –мајче земи ги и да идеш да се прегледаш.“

„И младата и старата популација се многу хумани, но не можат и тие да постигнат, многу сме, друго е да е само еден, друго е да се многу. Има многу луѓе што вака просат, тоа се многу луѓе. Па во една зграда во центар, постојано ѕвонат луѓе, бараат помош, леб бараат“, велат соговорниците од почетокот на нашата приказна.

Од ова се гледа дека има нешта што не изневерува, а тоа е уверувањето дека духовните вредности единствено тие може да го спасат општеството од потресите кои им се закануваат на човечките судбини. Разочарувањата на луѓето кои живеат во сиромаштија непрестано се пред очите на сите луѓе колку и да се трудиме да замижеме пред тој факт. Наскоро повеќе нема да можеме да уживаме во некоја претстава или некој концерт во новите објекти во градот зошто како битни ќе ни се испречат прашањата кои животот ќе ни ги наметне. Поради одговорноста што ја имаме како луѓе.

Сиромаштијата не може да се шминка

Социолозите велат дека општеството е одговорно ако сака да ја смени сликата и оти тоа може да се направи ако се преземат конкретни и соодветни чекори, а не со шминка која за кратко време повторно ќе го покаже ликот на сиромаштијата, зошто се уште сме општество кое е социјално кое треба да се грижи за сите граѓани, а политичарите се тие за кои гласале граѓаните. Треба да се бара од владата сите свои сили да ги насочи кон тоа да поттикне носење национална стратегија и да поттикнува делување кое ќе биде во служба на општото добро, вели социологот Татјана Стојановска Иванова.

„Имате низа механизми, не треба да измислуваме топла вода кога станува збор за оваа проблематика. Едноставно она што треба да се направи е да се соберат дел од експертите коишто се занимаваат со таа проблематика, дел од научните лица, стручната елита, политичката и да се направи една добра национална стратегија којашто нема да нуди ад-хок решенија, напротив, ќе нуди сериозни решенија и на некој начин ќе биде справување со оваа категорија на граѓани, за да има полесен пристап до информации и потреба за нивно ангажирање Обично и самата возраст некогаш е лимит фактор кој ограничува. Да бидат ослободени од некои здравствени давачки, значи повеќе да се оди кон отворање на они центри-советувалишта кадешто ќе има и медицински и други стручни лица коишто ќе можат да ги посоветуваат како да се справат со стресот којшто го доживеале, како понатаму да се вклучат во нормалните општествени текови, да се изразам симболично- како да си го најдат своето место под сонцето“, вели социологот Татјана Стојановска Иванова.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG