Појавата на деца, но и други возрасни лица кои питачат, иако ја има во текот на целата година, во Гостивар е забележително дека се зголемува во периодот кога се рамазанските пости. Тие луѓе се надеваат дека сега ќе успеат да добијат повеќе пари, бидејќи месецот Рамазан се смета за време кога верниците треба да бидат солидарни и да ја покажат својата хуманост. Покрај од Гостивар, во градот доаѓаат и питачи од другите краеви на Македонија, вели Билент Карахасан, психолог од Центарот за социјална работа.
„Имаме сезонски појави на питачење. Кога од други градови доаѓаат, има од источен дел кои доаѓаат во време на лето или во време на рамазанските пости, во времето на разни верски празници, кога луѓето се порасположени да им даваат пари на питачите“, истакнува Карахасан.
И во Тетово и во Гостивар воопшто бројот на лица кои питачат е зголемен поради големата сиромаштија, вели Марија Исаевска Ристовска, социјален работник од Центарот за развој и унапредување на јавниот живот во Тетово.
„Причина за тоа е сè поголемата сиромаштија, како последица на сè помал број финансиски средства кај луѓето. Причините за питачење може да бидат исто така и нарушени семејни односи, односите родител деца, односите помеѓу сопружниците, средината во којашто живеат, злоупотреба на жените, особено на малолетните деца и слично“, објаснува Марија Исаевска Ристовска.
Навиката дека со питачење на улица ќе добијат пари им создава погрешна слика, посебно на децата. Така се оддалечуваат од шансата да стекнат образование и потоа како возрасни да заработуваат, велат стручните лица.
„Како социјален работник мислам дека особено треба да се обрне внимание врз образованието на децата. Да се укаже на негативните последици од неодењето на училиште. Во нашата држава образованието е задолжително до четврта година средно образование. Исто така треба да се вршат едукации и на родителите за начинот на воспитување на своите деца“, вели Марија Исаевска Ристовска.
„Забележувам дека не е корисно за граѓаните да даваат пари. Со тоа тие поддржуваат питачење и поддржуваат една лоша практика и еден лош феномен. Тоа е питачење. Многу деца кои би требало да се во школо, поради тоа што граѓаните од некоја милост даваат, тие ќе останат на улица“, смета психологот Карахасан.
На прашањето што Центарот за социјални работи презема околу децата, тврдат дека преку таканаречената канцеларија за деца тие се згрижуваат и се прави напор да се вклучат во образовниот систем.
„За овие две години, ние имаме згрижено преку 20 деца. Дел од овие деца се сместени по институции. Тоа се главно деца кои немаат родители, друг дел деца кои имаат родители се вклучени во образование, а порано не биле вклучени во образование. Нашиот тим пружа советодавна, односно психосоцијална поддршка на семејствата кои имаат деца на улица во вид на тоа да се грижат подобро, значи да се грижат поадекватно за овие деца“, вели Карахасан.
Повремено, полицијата, заедно со Центрите за социјални работи, спроведува акции за отстранување на лицата кои питачат од улиците.