Достапни линкови

Британскиот Парламент в сабота ќе одлучува за договорот за Брегзит


Лидерите на ЕУ и британскиот премиер задоволни од договорот за Брегзит, но британската опозиција смета дека овој договор е полош од претходниот. В сабота британските пратеници ќе одлучуваат за новиот договор.

Европските лидери едногласно го прифатија договорот за Брегзит, на ред е британскиот Парламент. Тие се согласија дека тој договор треба да стапи во сила на први ноември. Британија и ЕУ го постигнаа договорот на само неколку часа пред почетокот на европскиот самит во Брисел. Седницата на британскиот Парламент ќе се одржи в сабота и доколку го одбие овој договор како претходните три, премиерот Борис Џонсон ќе треба да бара одложување на крајниот рок 31 октомври. Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, по првата сесија на прес- конференција изјави дека доколку се побара одложување, за тоа ќе треба да се консултираат земјите членки на ЕУ.

„Нашата намера е да работиме на ратификување, ние го поддржуваме договорот, ако има такво барање ќе мора да се консултирам со земјите членки за да видам како ќе реагираат тие на тоа“, вели Туск.

Британскиот премиер Борис Џонсон сега се соочува со тешка борба да ги убеди британските пратеници да го прифатат договорот што тој го постигна со преговарачите. Тој инсистира да нема повеќе одложување на датумот за излез на Британија од Унијата.

Џонсон изјави дека е уверен оти Парламентот во неговата држава ќе го поддржи договорот за Брегзит.

„Многу сум убеден дека моите колеги во Парламентот ќе го проучат и анализираат овој договор и дека ќе сакаат в сабота или наредните денови да гласаат за него“, изјави Џонсон.

Од друга страна, пак, британските опозициски партии соопштија дека ќе се борат против овој, како што го нарекуваат, „деструктивен договор“ за Брегзит. Според нив, тој е катастрофален за Северна Ирска и делумно за Шкотска.

„Борбата за спречување на Брегзит е далеку од готова. Следните неколку дена ќе ја поставуваме насоката по која нашата земја ќе треба се движи со следните генерации и јас сум порешителен од кога и да е да го спречам Брегзит“, изјави лидерот на либералните демократи Џо Свинсон.

Џонсон ќе го предложи договорот за дебата и гласање на специјалното заседание на Парламентот в сабота, но останува неизвесно дали ќе има доволно поддршка, односно мнозинство за одобрување на договорот.

Северноирската демократска партија за обединување соопшти дека не е во состојба да го поддржи договорот бидејќи ќе наметне различни царински аранжмани на територијата од остатокот на Велика Британија. И Шкотската национална партија најави дека ќе го отфрли договорот затоа што „тоа ќе биде особено деструктивно за Шкотска“, затоа што ќе ја повлече од ЕУ против волјата на нивните гласачи.

Група на евроскептични пратеници најавија поддршка на договорот, затоа што, според нив, е во интерес на граѓаните на Британија.

Лидерот на партијата Брегзит, Најџел Фараж на Твитер изјави дека договорот на британскиот премиер Борис Џонсон со Брисел треба да биде отфрлен.

„Посветеноста, според овој договор, за синхронизирање на регулативите значи дека „новиот договор“ не е Брегзит, и покрај подобрите решенија за Царинската унија“, напиша Фараж на Твитер.

Туск на прес-конференцијата изјави дека со одобрувањето на договорот се чини дека се ближи конечниот потег.

„Зошто договорот што беше невозможен вчера, стана возможен денеска? Прво затоа што новата верзија на договорот е позитивно оценета од Ирска. Јас уште од почетокот реков дека секогаш ќе застануваме зад Ирска и дека нема да форсираме договор кој ќе биде неповолен за Даблин. Второ, затоа што договорот беше позитивно оценет од Европската комисија. Тоа ни дава сигурност дека овој договор е поволен и безбеден за граѓаните на ЕУ“, вели Туск.

Тој објасни дека клучната промена во договорот во однос на претходната верзија е прифаќањето на царинските проверки на влезните места во Северна Ирска со што ќе се избегнат гранични проверки меѓу Ирска и Северна Ирска со што ќе се обезбеди интегритетот на единствениот пазар.

„Реалноста е дека денеска имаме договор кој ни овозможува да избегнеме хаос и атмосфера на конфликт меѓу 27-те земји членки на ЕУ и Велика Британија. Во однос на личниот став, јас денеска чувствувам тага, се надевам дека некогаш нашите британски пријатели ќе посакаат да се вратат и нашата врата за нив ќе биде отворена“, вели Туск.

Во договорот е предвидено Обединетото Кралство, откако ќе ја напушти европската царинска унија, да може да склучува трговски договори со други земји, царинската граница да остане во ЕУ но во пракса да се наоѓа меѓу Велика Британија и Ирска, при што царинските постапки би се вршеле во делот на Северна Ирска.

Британските пратеници в сабота за овој договор ќе имаат свои излагања вкупно пет часа, но дебатата ќе биде ограничена на 90 минути, соопшти Џејкоб Рис Мог од партијата на Џонсон.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG