Достапни линкови

Зошто се враќа големата кашлица?


Илустрација - вирус на голема кашлица
Илустрација - вирус на голема кашлица

Почна сезоната на зимските болести - грипот зема замав, во регионот коси голема кашлица. Според Комисијата за заразни болести, состојбата не е загрижувачка. Лекарите апелираат на вакцинација, бидејќи опфатот во Северна Македонија е под препорачаниот од 95 отсто, неопходен за колективен имунитет

Пациенти со општа малаксаност, треска, кашлица, болки во грлото, во коските и мускулите, почнаа да ги полнат ординациите на матичните лекари веднаш по празниците. Се вкрстија вирусите и бактериите, се интензивираа „зимските“ болести.

„Се соочуваме со типични болести и кај деца и кај возрасни за овој период од годината. За разлика од обичната настинка, кај грипот најчести симптоми се покачена телесна тепература, кашлица, често силни болки во коските. Даваме лекови што ги намалуваат болката и температурата, им препорачуваме на пациентите да одмараат и да пијат течности“, вели матичен лекар во ординација во Скопје што работи во две смени и цело време чекалната му е полна со пациенти.

Но, тоа што повеќе ги загрижува лекарите се двата појавени случаи на голема кашлица(пертусис), меѓу народот позната како „магарешка кашлица“. Случаите засега не се поврзани меѓу себе, но болеста е силно присутна во регионот и се стравува дека може да се прошири и кај нас.

Никој не е доживотно заштитен, се апелира на вакцинација

Во неколку дена, педијатрите алармираа за лице од Кичево со голема кашлица, дојдено од странство и за шестмесечно бебе од Скопје. Лицето е на домашно лекување, бебето е хоспитализирано во „Козле“.

Ниту еден не е вакциниран со ДиТеПер, комбинирана вакцина која штити од бактерии предизвикувачи на три различни болести - дифтерија, тетанус и пертусис.

Просечна инциденца на заболувања во три периоди
Просечна инциденца на заболувања во три периоди

Токму нискиот опфат на вакцинацијата со оваа, но и со сите други вакцини после пандемијата е една од причините за појавата на големата кашлица, болест што се смета за речиси искоренета откако се појави вакцината.

Според последните податоци, во Северна Македонија опфатот за примарна вакцинација е под 90 отсто за сите вакцини – против жолтица или хепатитис Б (ХепБ), за вакцината против грип или хемофилус инфлуенца тип Б (ХиБ), тројната против дифтерија, тетанус и пертусис ( ДиТеПер) и МРП вакцината против морбили, како и против хуман папилома вирусот (ХПВ), која бележи најнизок опфат од сите вакцини.

За да има колективен имунитет, над 95 отсто од населението треба да е вакцинирано.

Институтот за јавно здравје (ИВЗ) има податоци за бројот на вакцинирани деца во 2022 година. За опфатот во минатата 2023 година, податоците допрва ќе се сублимираат.

Проф.д-р Кристина Ставридис, Институт за јавно здравје
Проф.д-р Кристина Ставридис, Институт за јавно здравје

„Согласно годишниот извештај за спроведена вакцинација во Република Северна Македонија во 2022 година, опфатот со примовакцинација со три дози на ДиТеПер е 83,9 отсто на национално ниво. Од децата кои биле подлежни на вакцинација со трета доза на ДиТеПер пропуштени биле вкупно 3.322 деца. Родителите треба да ги проверат вакциналните картончиња на нивните деца и доколку пропуштиле доза на вакцина или воопшто не ги вакцинирале, веднаш да се јават во вакциналниот пункт и да го вакцинираат детето согласно Календарот за вакцинација“, вели проф.д-р Кристина Ставридис од Институтот за јавно здравје за Радио Слободна Европа.

Таа нагласува дека големата кашлица може успешно да се превенира со вакцина. Вакцинацијата е во три дози, на возраст од 2, 4 и 6 месеци. Потоа има две ревакцинации, првата на возраст од 18 месеци и втора на возраст од 7 години (односно во второ одделение).

Најмногу невакцинирани деца со ДиТеПер има во Скопје и во Куманово.

„Ризикот за стекнување на болест и појава на компликации е најголем кај новородечињата и кај малите деца кои не се вакцинирани. Во средини со висок опфат на вакцинација, пертусисот може да се јави и кај адолесценти и возрасни лица заради слабеење на имунитетот“, вели д-р Ставридис.

Илустрација
Илустрација

Загрижувачка состојба во регионот

Дека од голема кашлица можат да заболат и поголеми деца и возрасни лица, покажуваат и податоците од земјите од регионот каде бројот на случаи аларматно се зголеми– во декември 2023 година, во Белград беше прогласена епидемија на голема кашлица. Заклучно со 7 јануари 2024, во Србија беа забележани 1020 случаи, потврдија за РСЕ од Институтот за јавно здравје „Др.Милан Јовановиќ Батут“.

Подраматично е во Хрватска – според тамошниот Институт за јавно здравје, до 5 јануари се забележани 4.446 случаи на голема кашлица.

Црна Гора извести за околу 290 случаи до 7 јануари.

Тоа е алармантно зголемување во сите овие земји во споредба со претходните години, кога немало воопшто случаи или ги имало во незначителен број.

„И ние имавме поединечни случаи во минатото (минатата 2023 година беа три случаи). Големата кашлица секогаш била тука некаде, проблемот е во тоа што е многу е расширена во соседните земји. Не можеме да кажеме се уште дека е загрижувачка ситуацијата кај нас, но нè загрижува состојбата во регионот“, изјави д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести, за РСЕ.

Докторите велат дека самата вакцина не дава доживотен имунитет. Затоа, во светот покрај примените дози и ревакцини, се препорачува вакцинација во адолосцентниот период а потоа и на секои десет години.

Големата кашлица е едно од најзаразните заболувања. Кашлањето е често, силно, трае и до 100 дена. Силната бактериска инфеција може да предизвика дополнителни компликации.

Грипот фаќа залет

Од почетокот на сезоната на грип во октомври, кога епидемиолозите регистрирале 196 заболени, бројот во јануари се искачи на 1.025 заболени. Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје(ИЈЗ), има и четири починати лица асоцирани со грип - две од Скопје и по едно лице од Куманово и Штип, сите хоспитализирани, со коморбидитети и невакцинирани против сезонски грип.

„За разлика од обичната настинка, кај грипот најчести симптоми се покачена телесна тепература, кашлица, често силни болки во коските. Даваме лекови што ги намалуваат болката и температурата, антихастиминици, им препорачуваме на пациентите да одмараат и да пијат повеќе течности“, велат лекарите.

Графикон за состојба со грип во РС Македонија според податоците на Институт за јавно здравје
Графикон за состојба со грип во РС Македонија според податоците на Институт за јавно здравје

И податоците на ИЈЗ потврдуваат -пријавените 1.025 случаи на грип од 1 до 7 јануари се 2,5 пати повеќе во споредба со неделата претходно.

Очекувањата на епидемиолозите се дека се повеќе луѓе ќе се разболат во следните недели.

„Се забележува зголемување на бројот на заболувања слични на грип, кој за прв пат оваа сезона е над неделната граница за сезонска активност. Резултатите добиени од вирусолошкиот надзор над инфлуенца покажуваат дека има широко-распространета активност на вирусот на грип. Процентот
на позитивност е над границата од 10% три недели со ред. Согласно овие податоци, Р.С. Македонија има широко-распространета географска распространетост и висок интензитет на активноста на вирусот на грип“, велат од ИЈЗ.

Од Комисијата за заразни болести најавија дека ќе се заседаваат следната недела, иако сегашната нивна оценка е дека нема ништо алармантно во однос на магарешката кашлица, ковидот и грипот.

„Со големата кашлица не е ништо вонредно или драматично, низ годините наназад, сме имале од нула до четириесетина случаи во последните пет години. Лани сме имале три случаи. Имаме и типичен старт на сезоната на грипот. При крајот на февруари се очекува пик, максимум од честотата на грип и слични болести на грип“, изјави Александар Петличковски, претседател на Комисијата, за МИА.

Заклучно со првата недела од јануари, 60.766 граѓани се вакцинирале против сезонски грип.

Во Северна Македонија во тек е кампања „Да не си играме со здравјето!“ на Министерството за здравство и УНИЦЕФ со поддршка од УСАИД, во која здравствени работници, педијатри, лекарите од пунктовите за вакцинација и гинеколози зборуваат за опасностите од одложување на вакцинацијата и за придобивките од рутинските вакцини во детството.

XS
SM
MD
LG