Достапни линкови

Д-р Игор Алуловски: Со низок опфат на вакцинација не може да говориме за намалување на заболувања од ХПВ


Д-р Игор Алулоски од Универзитетската Клиника за гинекологија
Д-р Игор Алулоски од Универзитетската Клиника за гинекологија

Австралија го елиминира ракот на грло на матка благодарение на високата стапка на вакцинација против ХПВ и скринингот, додека во Македонија вакцинацијата опаѓа, а секоја година над 150 жени заболуваат од овој канцер вели др Игор Алуловски од УК за гинекологија.

Колку карциномот на грло на матка е застапен кај нас?

За жал бројките со цервикалниот карцином во државата се лоши односно не покажуваат тренд на намалување, дури можам да кажам дека низ годиниви наназад постои и одреден тренд на зголемување на инциденцата на овој карцином. Причината најверојатно лежи во тоа што за жал се уште немаме иако се трудиме во последниве години да се направи организиран скрининг за цервикален карцином, кој што дефакто е едeн од првите борбени линии против оваа болест со кој може навремено да се детектира заболувањето и да се лекува во фаза пред да дојде до инвазивен карцином. Според последната статистика, иако мислам дека бројките се и повисoки, минатата година имаше некаде околу 150-160 новодијагностицирани инвазивни карциноми на грло на матка, а од тоа за жал некаде околу 50-60 смртни случаи како последица на инвазивниот карцином на грло на матка. Во однос на возраста, врвот на највисоката инциденца е некаде од кај 40-45 до 50-55 годишна возраст, но за жал не се поштедени и другите возрасни категории и откриваме карцином и кај помлади пациентки. Најмладата пациентка која сме ја детектирале имаше само 23 години.

Во Македонија повеќе од десет години се поминати откако вакцината против ХПВ влезе во редовниот календар за имунизација. Дали и каков е ефектот од вакцинацијата?

За жал и покрај тоа што нашата држава е меѓу првите на балканскиот простор кои што ја воведе ХПВ вакцината во календарот за редовни вакцинации, не може да се пофалиме со голема опфатност. Имено, од сите вакцини кои што се влезени во редовниот календар, за жал ХПВ вакцината е со најмала опфатност и таа никако да ја помине границата од 50% . Дел од причините може да кажеме дека е и ковид кризата, меѓутоа независно од тоа, бројките и пред и после ковидот остануваат ниски, што значи дека со таква ниска опфатност не може да говориме за намалување на инциденците на било кои заболувања врзани со ХПВ инфекцијата, така што од гледна точка на вакцинацијата треба да се гледа малку пошироко. Во земјите во Европа, САД и Австралија ќе ја земам како апсолутен победник во опфатот со вакцинацијата, таму освен девојчињата и момчињата се опфатени со вакцинацијата, нешто што во нашата држава се уште за жал не сме дошле ниту да го дискутираме, бидејќи кај нас се уште се обидуваме да се зголеми вакцинацијата со оваа вакцина.

Дали и колку оваа вакцина ги намалува шансите за појава од рак и какви се искуствата во овие земји кои што се лидери во вакцинацијата?

Идејата генерално на сите вакцини е најдбориот начин за заштита од инфективни болести и историски ако гледате токму благодарение на вакцините генерално се овозможува победа на голем број на инфективни болести кои што имале огромна смртност. Во таа смисла и со таа идеја е и ХПВ вакцината. Ако ја земеме Австралија како пример, Австралија до 2025 година практично ќе прогласи ерадикација на цервикалниот карцином односно ќе се сведе бројот на новодијагностицирани карциноми на грло на матка на еден до два случаи на 100.000 жени. Тоа е типичен пример за земја која што ќе успее да го елиминира цервикалниот карцином. Тоа е постигнато со добри скрининг програми но и со вакцинацијата, која што значи примарна превенција. Од таа гледна точка јасна е улогата и ефикасноста на оваа вакцина конкретно и во намалувањето не само на карциномот на грлото на матката туку и инциденцата на сите други заболувања поврзани со ХПВ инфекцијата. Низ годините откако е воведена вакцината, резултатите се непобитни за ефикасноста и ефективноста во борбата против цервикалниот карцином, односно против конркетно ХПВ со ефективност преку 98% , за некои конкретно заболувања поврзани со ХПВ за некои преканцерозни верзии и до 100% заштита што ги предизвикува ХПВ така што тука апсолутно нема дилеми.

Што би ги советувале родителите кои се двоумат за оваа вакцина?

Вакцините се безбедни, даваат заштита од заболувања. Вакцината против ХПВ е првата вакцина која што се бори против карцином, што значи апсолутно да веруваат на здравствените работници, не треба да имаат недоверба и треба да се приклучат кон овие апели кои што ние цело време како здравствени работници и државата генерално ги даваме. Апсолутно да немаат никаква дилема во поглед на ефектите и за добробитот на сопствените деца.

XS
SM
MD
LG