Достапни линкови

Зголемен ризик од ширење на војната на Блискиот Исток по атентатот врз лидер на Хамас


Постери со фотографии на заменикот на Хамас, Либан 4 јануари 2024. Салех Ал-Арури, беше убиен во експлозија во Бејрут, Либан на 2 јануари 2024.
Постери со фотографии на заменикот на Хамас, Либан 4 јануари 2024. Салех Ал-Арури, беше убиен во експлозија во Бејрут, Либан на 2 јануари 2024.

Убиството на високиот лидер на Хамас, Салех Ал-Арури во Либан, експлозиите во Иран, како и нападите на јеменските бунтовници Хути врз трговски бродови во Црвеното Море, ги зголемија стравувањата од регионална војна.

Кога проектили истрелани од беспилотни летала погодија станбена зграда во јужниот дел на Бејрут во вторникот, 2 јануари, при што загина еден од воените команданти и неговите офицери, дојде до пресврт во израелската војна против Хамас, јавуваат светските медиуми.

Нова фаза од војната

Израел спроведува целосна воена инвазија на Газа веќе три месеци, уништувајќи голем дел од Појасот, убивајќи повеќе од 22 000 луѓе во потера по милитантите кои го планираа и извршија нападот на Израел на 7 октомври. Досега тој не постапил по втората наведена воена цел, која гласи: „каде и да се“ - мети се главите на Хамас.

Сега, кога конфликтот влегува во четвртиот месец, Израел очигледно ја следеше таа закана, ризикувајќи ескалација на непријателствата долж границата со Либан, дури и кога првпат почна да ги повлекува војниците од Газа, пишува Вашингтон пост.

„Ние сме во третата фаза“, рече Чак Фрајлих, поранешен советник за национална безбедност на Израел, мислејќи на фазата од војната што требаше да следи по првичниот одговор по октомврискиот напад на Хамас и цели во енклавата во Појасот Газа.

„Мислам дека се движиме кон нов начин на вршење на работите, за кој САД се залагаа од самиот почеток“, вели Фрајлих.

Со месеци израелската војска вели дека е подготвена да води војна на два фронта, собирајќи војници и тенкови долж границата со Либан и евакуирајќи најмалку 70 000 жители од областа. Единиците на израелските одбранбени сили често разменуваа оган со Хезболах, либанска воена група поврзана со Иран, но до 2 јануари нападите и ракетните напади никогаш не стигнаа до Бејрут.

Израел одби да потврди или негира каква било улога во убиството на Салех Арури, протеран функционер на Хамас, кој исто така дејствуваше како посредник со Иран и Хезболах.

Либански и меѓународни претставници, еден ден по убиството на Арури во средата, се обидуваа да најдат начин да ја спречат очекуваната одмазда од Хезболах. Досега Хезболах се спротивстави на молбите на Хамас целосно да влезе во војната.

Израелските власти, кои разговараа за Вашингтон пост под услов да останат анонимни, рекоа дека се надеваат дека лидерот на Хезболах, Хасан Насралах, ќе покаже воздржаност со оглед на фактот дека ниту еден од неговите офицери не бил убиен во нападот.

Во говорот во средата, 3 јануари, Насралах предупреди на „одмазда и казна“, но не даде детали за тоа како неговите борци би можеле да одговорат.

Израелските жители во северниот пристанишен град Хаифа се предупредени да бидат подготвени да одат во засолништа за време на нападот. Воените аналитичари велат дека повлекувањето на армијата од Газа најверојатно ќе овозможи повеќе ресурси кон Либан.

„Подготвени сме за секое сценарио“, изјави портпаролот на ИД, адмирал Даниел Хагари по убиството на Арури.

Врската на Хамас со Иран

Убиството на висок лидер на Хамас во напад за кој постои сомневање дека Израел е одговорен, беше најголемото во последниве години и елиминираше играч кој ја поврзуваше палестинската милитантна група, со Иран и неговите полномошници.

Според израелските власти, Хамас му припишува заслуга на религиозниот тврдокорен лидер Салех Аури за организирање на нападот врз Израел на 7 октомври во кој загинаа околу 1 200 луѓе, главно цивили. Тој исто така одигра водечка улога во преговорите со Израел преку Катар и Египет во ослободувањето на израелските заложници во замена за прекин на огнот во Газа и дека според преговарачите имал бескомпромисен пристап, пишува Волстрит журнал.

Израел не ја презеде одговорноста за нападот, кој се случи во јужен Бејрут, каде Хезболах има силно присуство, но шефот на израелската разузнавачка агенција, Мосад, на 3 декември предупреди дека Израел ќе ги таргетира сите вклучени во организирањето на нападот на 7 октомври.

Дејвид Барнеа, шеф на Мосад, рече дека израелската разузнавачка агенција „е должна да се справи со убијците кои ги нападнаа пограничните заедници во Газа на 7 октомври, со оние кои планираа и со оние кои ги издадоа наредбите“.

Арури беше најистакнатиот глас во Хамас кој се залага за блиски односи со Иран и е заслужен за помошта во изградбата на сојузот „Оската на отпорот“ меѓу Хамас, Иран и Хезболах, кој добива значителна помош од Иран во Либан.

Арури се согласи со идејата дека со комбинирање на силите на палестинските милитантни групи на Западниот Брег и Газа, Иран и неговите посредници можат успешно да го нападнат и уништат Израел, рекоа претставници на Хамас и Хезболах.

„Тој навистина веруваше во Оската на отпорот и беше горд што се сметаше себеси за главен посредник меѓу Иран и Хезболах“, изјави висок претставник на Хамас.

Иако неговата смрт веројатно нема да има моментално влијание на бојното поле, неговата улога како клучен посредник со Иран и неговите полномошници нема брзо да се исполни, забележа Волстрит журнал.

Можен одговор од либанскиот Хезболах

Непријателствата меѓу ривалите на Блискиот исток досега беа донекаде контролирани, дури и откако израелските сили беа распоредени низ Газа и Западниот Брег. САД, како најголем сојузник на Израел, постојано споменуваат да не започнуваат војна со Хезболах бидејќи тоа може да има далекусежни последици, пишува Би-Би-Си.

Новата криза предизвикана од убиството на Арури доаѓа кога се зголемуваат тензиите на други фронтови, вклучително и нападите на Хутите поддржани од Иран на клучните бродски рути во Црвеното Море. Хутите наводно напаѓаат бродови со врски со Израел. Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант неодамна зборуваше за седум сцени од кои доаѓаат нападите врз Израел, наведувајќи ги меѓу другото Јемен, Либан, Сирија и Ирак.

Смртта на Арури, еден од основачите на военото крило на Хамас, ја нагласува решеноста на Израел да ги гони лидерите на Хамас по нападот на 7 октомври.

Педесет и седумгодишникот се сметаше за клучна фигура во милитантната мрежа на Хамас, поддржана од Иран, која се протега од палестинските територии до Либан, Јемен и Ирак. Според Фајненшл тајмс, Арури беше силно вклучен во операциите на Хамас на Западниот Брег каде групата се здоби со популарност.

„Неговата смрт е значаен удар за Хамас. Не само како основач на бригадата Касем (военото крило на Хамас), туку и поради неговата улога во водењето на Хамас на Западниот Брег“, рече Маха Јахја, директор на Центарот за Блискиот Исток Карнеги.

Арури помина две децении во и надвор од израелските затвори и конечно беше ослободен во 2010 година под услов да ги напушти палестинските територии. Тој помина извесно време во Сирија, Турција и Катар пред да се пресели во Либан.

Како ќе се развие конфликтот ќе зависи од Насрала, лидерот на Хамас, кој во август го предупреди Израел дека „на секое убиство на либанска почва врз Либанци, Сиријци, Иранци или Палестинци ќе биде одговорено со решителен одговор“.

Хезболах соопшти дека ќе одговори на убиството по експлозиите во Бејрут на 2 јануари и дека го има „прстот на чкрапалото“.

Претходно, Насрала се обидуваше да го ограничи конфликтот со Израел, свесен за потребата да се избегне регионална војна од целосен обем, но убиството во Бејрут, контролиран од Хезболах, значително ги зголеми влоговите за милитантите.

Напади на Хути во Црвеното Море и експлозии во Иран

Американски, израелски и либански официјални лица инсистираат на тоа дека малкумина сакаат војната во Газа да ескалира во поширок конфликт на Блискиот Исток, но убиството на главниот лидер на Хамас во Бејрут на 2 јануари и двете експлозии во Иран во средата, на 3 јануари, се закануваат да го дестабилизира регионот и да ги доближи до работ на војна, пишува Њујорк Тајмс.

Исламската Држава ја презеде одговорноста за експлозијата во Иран еден ден подоцна, иако Иран првично го обвини Израел. Американските и европските претставници рекоа дека се сомневаат дека Израелците го извршиле нападот бидејќи повеќето од нивните напади врз Иран биле прецизни и високо насочени - од убиството на главниот архитект на иранската нуклеарна програма до минирање на објекти во иранската нуклеарна програма.

По нападот, претставници на администрацијата на Бајден планираа да ги засилат дипломатските напори со официјални лица во Либан, како дел од напорите да се изврши притисок врз Хезболах за да не ескалира конфликтот.

„Шансите за регионална војна на Блискиот Исток се зголемија од 15 проценти на дури 30 проценти. Сè уште е релативно ниско, но повисоко од порано и секако непријатно,“ рече пензионираниот адмирал Џејмс Ставридис, поранешен командант на НАТО.

Но, претставниците на администрацијата на Бајден и аналитичарите на Блискиот Исток забележаа дека иако Хезболах и Иран се вклучија во конфликтот и посредуваа во нападите врз Израел, тие не се нужно желни за ескалација на конфликтот.

Друг фактор на нестабилност се јеменските Хути. Имено, САД и нивните 12 сојузници упатија писмено предупредување до друга милитантна група во регионот, јеменските Хути, кои речиси секојдневно напаѓаат трговски бродови во Црвеното Море.

Досега, САД се воздржуваа од одмазда против базите на Хутите во Јемен, во голем дел затоа што не сакаат да го поткопаат кревкото примирје во граѓанската војна во Јемен.

Како што се наведува во соопштението, „Хутите ќе бидат одговорни за последиците доколку продолжат да ги загрозуваат животите и глобалната економија и слободната трговија на клучните поморски патишта во регионот“.

Покрај САД, предупредувањето го потпишаа и Велика Британија, Австралија, Нов Зеланд, Бахреин, Белгија, Канада, Германија, Данска, Италија, Јапонија, Сингапур и Холандија. Во текот на новогодишниот викенд, американската морнарица потопи три брода на Хутите, додека екипажот загина на море кога пукаше врз американските хеликоптери кои му пристигнуваа на помош на товарниот брод Маерск.

Во понеделникот иранската морнарица најави распоредување на воени бродови во водите на Црвеното Море со цел, според иранските власти, да ги поддржи Хутите, но дека нема намера да се судри со американски бродови. Како што јави иранската агенција ИРНА, истиот ден, иранскиот министер за надворешни работи им се заблагодари на Хутите за нивната официјална посета на Техеран поради поддршката на групата за Хамас.

Американскиот претседател Џо Бајден рече дека сака да избегне директни воени напади врз Хутите со цел да се избегне ескалација на блискоисточниот конфликт.

XS
SM
MD
LG