Достапни линкови

Зошто израелската разузнавачка служба не го предвиде нападот на Хамас?


илустрација
илустрација

Имајќи ги предвид комбинираните ресурси на Шин Бет, израелската разузнавачка служба и Мосад, агенција со странски опфат во разузнавачкиот сектор, но и сè друго што им е на располагање на израелските одбранбени сили, зачудува фактот што никој не ги предвиде нападите на милитантната група Хамас

Израел ја има најголемата и најдобро опремена разузнавачка агенција со најголем буџет на Блискиот Исток. Има свои агенти во редовите на палестинските милитантни групи, како и во Либан, Сирија и на други места.

За Палестинците во Газа, очите на Израел никогаш не се далеку. На небото постојано зујат дронови за надзор. Добро чуваната граница е преплавена со безбедносни камери и војници на стража.

Но, милитантите на Хамас се пробиле преку бодликава жица или ја нападнале израелската територија од морето и летале со параглајдери.

За да подготви и координира ваков комплексен напад под носот на Израелците, Хамас мораше посебно да се грижи за безбедноста на операцијата, пишува Би-Би-Си.

Американските и израелските власти велат дека ниту една израелска служба немала конкретни предупредувања дека милитантите на Хамас подготвуваат напади од големи размери.

Хамас истрела илјадници ракети врз Израел, ги нападна израелските градови, села и кибуци, масакрира цивили и војници и зеде заложници. Повеќе од 48 часа милитантите на Хамас се бореле со израелските сили на територијата на Израел.

Израел прогласи воена состојба и ја изолира Газа. Премиерот Бенјамин Нетанјаху рече дека „нашите непријатели ќе ја платат цената како никогаш досега“.

Вакво нешто не се случило во модерната историја на израелско-палестинскиот конфликт, дури и за време на крвавата Втора Интифада во раните 2000-ти, ниту тогаш немало толку голема пенетрација на територијата на Израел.

Настаните предизвикаа натамошна ескалација на насилството, додека прашањето што останува да виси во воздух е како дошло до толку голем неуспех на израелските разузнавачки служби?

Сега Израел и Хамас се во отворена војна.

Жителите кои живеат во регионите кои граничат со Газа, една од териториите под контрола на Палестинците, односно милитантното крило на Хамас, залудно ја предупредиле израелската влада за безбедносни слабости, како што пишува во коментар на порталот „Чатам хаус“.

Со месеци преовладуваше мислењето во Израел дека интересот на Хамас да излезе од „ќорсокакот во Газа“, како што пишува Чатам Хаус, опаѓа поради неодамнешното подобрување на економските услови, бидејќи Израел им издаде десетици илјади работни дозволи за жителите на Газа кои на тој начин би можеле да работат во Израел. Дозволено е и повеќе стоки да влезат во Газа.

Меѓутоа, испадна нешто сосема спротивно - Хамас го нападна Израел во време на длабоки внатрешни поделби, неколкумесечни протести поради обидот на премиерот Бенјамин Нетанјаху да го ослабне правосудството и генерално демократскиот систем, што ја загрози воената подготвеност на земјата.

Според експертите, нападот на Палестинците ја одразува фрустрацијата што решението на палестинското прашање е запоставено во политичките агенди на регионалните држави на Блискиот Исток, како и на пошироката меѓународна заедница.

Од 2020 година, кога Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Мароко се дел од Аврамските договори иницирани од администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, започна нормализацијата на односите на Израел со арапските држави, што наиде на жестоки критики од Палестинците.

На прашањето како израелските разузнавачки служби не виделе што следува, Дејвид Калфа, експерт за Северна Африка и Блискиот Исток, изјави дека Хамас го искористил моментот на слабост на Израел за да изврши операција наречена „Ал Акса Бура“.

„Овој неуспех дури може да се опише како историски и без претерување, може да се спореди со она што се случи во 1973 година“, вели Калифа.

Имено, нападот се случи на 50-годишнината од нападот што го изненади Израел, со кој започна војната во Јом Кипур во октомври 1973 година, кога Египет и Сирија, поддржани од други арапски држави, извршија напад во областа на Суецкиот канал и Голанската Висорамнина. Нападот започна на 6 октомври, на еврејскиот празник Јом Кипур.

„Израел е држава која е во постојана состојба на подготвеност, подготвена да оди во битка во секое време. Јасно е дека постоеше одреден степен на неподготвеност, можеби поради аналитичка грешка и погрешна проценка на израелските служби, но и на израелските специјални сили. Изгледа како целата држава Израел да е во шок. Земјата е во облакот на војната, а успехот на Хамас во голема мера зависел од елементот на изненадување, но и од заедничките воени маневри “, рече Калифа, истакнувајќи дека нападот бил „тродимензионален“ бидејќи бил извршен од море, копно и воздух.

Во текот на децениите, израелските разузнавачки служби стекнаа аура на непобедливост поради нивните достигнувања. Аура на мистика опстојува околу Шин Бет и Мосад, иако тие се осомничени дека се вмешани во ловот на оперативците на Хамас во Дубаи или обвинети за убиство на ирански нуклеарни научници сред Иран, пишува АП.

„Ова е кардинална грешка. Оваа операција всушност докажува дека разузнавачките способности во Газа не се добри“, рече Јаков Амидрор, поранешен советник за национална безбедност на премиерот Нетанјаху.

Како што пишува АП, некои велат дека е рано целата вина да се префрли на неуспехот на разузнавачките служби. Тоа укажува на бран на насилство со низок интензитет на Западниот Брег, поради кој воените ресурси беа пренасочени од Газа таму, како и политичкиот хаос во Израел додека екстремно десничарската влада на Нетанјаху се обидува да го реформира судството.

Сепак, недостатокот на претходно знаење за заговорот на Хамас веројатно ќе се смета за главен виновник во синџирот на настани што доведоа до најсмртоносниот напад врз Израел во последните децении.

Американските власти сега разговараат за почесто споделување разузнавачки информации со Израел за да го поддржат одговорот на нападот, пишува Ен-Би-Си Њуз.

Последици од гранатирањата меѓу Израел и Хамас
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:37 0:00

Дополнителната разузнавачка активност може да вклучува информации собрани преку беспилотни летала, прислушување и сателити. Не беа дадени повеќе детали.

Исто така, не е јасно зошто американските разузнавачки агенции наводно не го предвиделе нападот, како и пријателските арапски држави Египет, Јордан, Катар и Саудиска Арабија. Иако, како што пренесува АП, египетски разузнавач им кажал на Израелците за „нешто големо“ што следува.

Египет често беше посредник меѓу Хамас и Израел. Египетскиот разузнавач рекол дека Израелците биле фокусирани на Западниот Брег и дека ја игнорирале заканата од Газа.

Владата на Нетанјаху е составена од оние кои ги поддржуваат еврејските доселеници на Западниот Брег и кои повикаа на зголемена безбедност во услови на зголемен бран насилства во последните 18 месеци.

„Ги предупредивме дека ќе има експлозивна ситуација, и тоа многу брзо. Но, тие ги потценија таквите предупредувања“, рече функционерот кој сакаше да остане анонимен.

Нетанјаху постојано беше предупредуван од неговите началници на одбраната, како и од неколку поранешни шефови на разузнавачки агенции, дека планот за поделба штети на кохезијата на израелските безбедносни служби.

Мартин Индик, кој беше специјален пратеник за израелско-палестинските преговори за време на администрацијата на Обама, рече дека внатрешните поделби околу судските реформи кои ќе го намалат влијанието на Врховниот суд се отежнувачки фактор што придонесува за неподготвеноста на Израелците.

Израелските власти рекоа дека голема истрага за она што се случи е веќе започната и „ќе трае со години“.

Истрагата може да го допре прашањето зошто штитот на израелската Челична купола, противракетен одбранбен систем кој сега е стар повеќе од 10 години, беше обземен од низа евтини, но смртоносни ракети на Хамас? Како успеа Хамас да изгради таков арсенал на ракети додека израелските разузнавачи открија дека нивните залихи се зголемуваат?

Дали Израел беше премногу фокусиран на заканата од Хезболах и Западниот Брег и не се занимаваше со информации од Газа? Како и зошто толку многу израелски војници беа на одмор или далеку од јужната граница дозволувајќи му на Хамас да изврши рација во израелските воени бази во близина на Газа?

Стотици луѓе сигурно биле вклучени во операцијата „Бура Ал Акса“, која покажува како Хамас успешно ја разби израелската мрежа на доушници.

Иако неуспехот на Израел да се подготви за нападот е шокантен, како што изјави за Њујорк тајмс, Бет Санер, поранешен висок официјален претставник на американското разузнавање, има малку разузнавачки агенции кои учат од своите грешки, како што се тоа Израелците.

Клучното прашање што сега ги вознемирува американските разузнавачки агенции е степенот на вмешаноста на Иран во снабдувањето на Хамас, планирањето и охрабрувањето на таков напад. Веројатно е дека Иран можел да одигра некаква улога, рекоа американските власти, но за што точно се работи сѐ уште не е јасно.

За Иран, сојузот со Хамас е клучен за ширење на натамошното влијание. Според повеќето западни функционери, Техеран сака да го спречи постигнувањето мир меѓу Саудиска Арабија и Израел, а секоја војна меѓу Израел и Хамас што би предизвикала значителни цивилни жртви на двете страни во голема мера би го попречила постигнувањето на таков мир.

XS
SM
MD
LG