Израел објави список на палестински затвореници кои ќе бидат ослободени според договорот со екстремистичката организација Хамас за ослободување на заложниците.
Списокот, објавен од израелското Министерство за правда, содржи 300 имиња на затвореници, или двојно повеќе од претходно пријавените 150 затворени жени и деца што Израел се согласи да ги ослободи.
Во договорот договорен преку ноќ, Хамас е подготвен да ослободи 50 заложници во замена за 150 затвореници и четиридневно примирје. Хамас е прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ.
Иако Израел и Хамас постигнаа договор, тој сепак може да биде поништен, бидејќи израелската јавност има 24 часа да поднесе петиција против планираното ослободување на палестинските затвореници.
Тоа, сепак, не се очекува, бидејќи роднините на 240-те заложници кои Хамас ги зеде на 7 октомври и илјадници други луѓе извршија притисок врз владата нивното ослободување да биде приоритет.
Пред стартот на паузата, Израел продолжува со воените операции врз Газа
Израелските одбранбени сили штотуку објавија дека продолжуваат со операции од воздух, копно и море во Појасот Газа пред четиридневната пауза во борбите.
Почетокот на паузата ќе биде објавен во следните 24 часа.
На платформата X, израелските сили детално ги опишуваат воздушните напади, размената на оган со милитантите на Хамас и уништувањето на наводната инфраструктура на Хамас.
Катар се надева дека договорот за прекин на огнот е првиот чекор кон деескалација
Портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи, Маџед ал-Ансари, изјави дека Израел и Хамас се согласиле на договор за прекин на огнот „по неколку недели интензивни преговори“.
„Катар го предводеше посредништвото во координација со САД и регионалните партнери, на кои им изразуваме благодарност. Сега сме фокусирани да обезбедиме двете страни да се придржуваат до условите од договорот“, рече Ал-Ансари.
„Деталите вклучуваат почитување на четиридневната хуманитарна пауза за да се олесни ослободувањето на одреден број цивилни заложници во замена за затвореници во израелските затвори“, додаде портпаролот.
Тој истакна дека договорот може да биде продолжен доколку се договори ослободување на дополнителни заложници.
Катар се надева, рече тој, „дека овој договор е првиот чекор кон деескалација и обезбедување долгорочен прекин на огнот, проследен со сеопфатен политички процес за ставање крај на овој повеќедецениски конфликт“.
Клучните точки на договор, според изјавите на израелската влада и Хамас
- Педесет израелски жени и деца кои ги држи Хамас во Газа ќе бидат ослободени за време на четиридневната договорена пауза во борбите
- На секои дополнителни 10 заложници ослободени потоа, ќе има уште еден ден затишје во борбите
- Од израелските затвори ќе бидат ослободени 150 Палестинки и лица помлади од 19 години
- Треба да се дозволи хуманитарна помош, медицинска помош и помош со гориво во сите области на Појасот Газа
- Израел ќе го прекине воздушниот надзор на јужниот дел на Појасот Газа на четири дена
- За четири дена Израел ќе го прекине воздушниот надзор шест часа дневно од 10 до 16 часот во северниот дел на Појасот Газа
- За време на прекинот на огнот, Израел се обврзува да не напаѓа или апси никого во сите области на Појасот Газа
Американскиот претседател Џо Бајден рече дека е „исклучително задоволен“ што некои од заложниците кои претрпеа „неделно заробеништво и нераскажани страдања“ ќе бидат повторно обединети со нивните семејства по спроведувањето на договорот.
Тој им се заблагодари на лидерите на Катар и Египет за нивното „клучно лидерство и партнерство“ во постигнувањето на договорот и рече дека ја цени „посветеноста“ на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да поддржи пауза во борбите.
„Важно е сите аспекти од овој договор да бидат целосно имплементирани“, нагласи тој.
Бајден, исто така, го пофали Нетанјаху за обезбедувањето поголема хуманитарна помош да стигне до Газа како дел од договорот, велејќи дека тоа „ќе ги олесни страдањата на невините палестински семејства во Газа“.
Договорот вклучува дозвола за влез во Газа за уште стотици камиони кои превезуваат медицинска помош и гориво.
Хамас го поздрави „хуманитарниот прекин на огнот“ во Газа
Хамас соопшти дека го поздравува „хуманитарното примирје“ одобрено од Израел, според кое радикалната група ќе ги ослободи заложниците што ги држи во Газа во замена за ослободување на Палестинците од израелските затвори.
Инаку израелската влада цела ноќ го разгледуваше договорот според кој радикалната група Хамас ќе ослободи некои од заложниците што ги држи во Газа во замена за повеќедневно примирје и ослободување на повеќе палестински затвореници во Израел.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека неговата влада се соочува со тешка одлука за тоа дали да постигне привремен договор за прекин на огнот со Хамас за ослободување на заложниците, но дека тоа ќе биде правилна одлука.
Сепак, Нетанјаху уверува дека Израел ќе ја продолжи војната против Хамас, дури и ако се постигне привремен прекин на огнот со исламската екстремистичка група за ослободување на заложниците.
„Ние сме во војна и ќе ја продолжиме војната. Ќе продолжиме додека не ги постигнеме сите наши цели“, изјави Нетанјаху.
Тој рече дека шефовите за безбедност целосно ја поддржуваат одлуката и велат дека договорот ќе и овозможи на армијата да се подготви за продолжување на борбите.
Меѓународни реакции за привременото примирје
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска од Скопје го поздрави договорот за примирје меѓу Хамас и Израел, што ќе доведе до ослободување на дел од заложниците од двете завојувани страни.
Според него, тоа исто така ќе доведе до пристигнување на хуманитарна помош за погодените места.
И Европската Унија го поздрави постигнатиот договор.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во писмена изјава им изрази благодарност „на сите оние кои неуморно работеа преку дипломатски канали во последните недели за да го издејствуваат овој договор“.
„Од се срце го поздравувам постигнатиот договор за ослободување на 50-те заложници и за пауза во непријателствата. Секој ден во кој овие мајки и деца се држат како заложници од терористите е премногу. Ја споделувам радоста на семејствата кои наскоро ќе можат повторно да ги прегрнат своите најблиски“, наведе Фон дер Лајен во пораката.
Таа во исто време го повика „терористичкиот Хамас“ веднаш да ги ослободи сите заложници и да им дозволи безбедно да се вратат дома.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас во средата го поздрави хуманитарниот договор меѓу Хамас и Израел во Појасот Газа и повика на пошироки решенија за долготрајниот израелско-палестински конфликт.
„Администрацијата на Абас, со седиште на окупираниот Западен Брег, „ги цени катарско-египетските (посреднички) напори“, сака продолжено примирје со Израел и „имплементација на политичко решение засновано на меѓународна легитимност“, објави на социјалните мрежи, високиот палестински помошник Хусеин Ал-Шеик.
И Франција го поздрави договорот, но и работата на Катар во обезбедувањето на договорот. Официјален Париз соопшти дека се надева дека француските државјани ќе бидат меѓу ослободените заложници.
„Се надеваме дека има Французи“ меѓу заложниците што Хамас ќе ги ослободи, рече министерката за надворешни работи Кетрин Колона на радиото „Франс Интер“.
Германскиот министер за надворешни работи повика на испраќање „витална помош“ во Газа.
„Најавеното ослободување на првата голема група заложници е пробив, дури и ако ништо на светот не може да го поништи нивното страдање“, напиша Аналена Баербок на платформата X, поранешен Твитер.
„Хуманитарната пауза мора да се искористи за да се донесе витална помош за луѓето во Газа“, додаде таа.
Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон го поздрави договорот меѓу израелската влада и Хамас, нарекувајќи го клучен чекор и повикувајчи ги страните да го спроведат договорот во целост.
„Овој договор е клучен чекор кон обезбедување помош за семејствата на заложниците и решавање на хуманитарната криза во Газа. Ги повикувам сите страни да обезбедат договорот да биде испорачан во целост“, изјави Камерон.