Достапни линкови

Чернева: Ако Украина ја загуби војната, нема европска перспектива за Западен Балкан


Весела Чернева, заменик-директорка на Европскиот совет за надворешни работи
Весела Чернева, заменик-директорка на Европскиот совет за надворешни работи

Исходот од преговорите во процесот на приклучување на Западен Балкан во Европската Унија (ЕУ) е директно поврзан со исходот од војната во Украина, вели за Радио Слободна Европа, Весела Чернева, заменик- директорка на Европскиот совет за надворешни работи и шефица на канцеларијата во Софија.

„Затоа што ако Украина ја изгуби војната, тогаш не гледам перспектива за проширување“, смета Чернева.

Таа посочува дека пристапниот процес функционира само кога општествата во земјите кандидати навистина сакаат да влезат во ЕУ.

„Украинците беа подготвени да се борат за тоа. Но, ако општествата во тие земји не се подготвени да се борат за нивните демократски реформи, ЕУ не може да го направи тоа за нив“, вели Чернева, коментирајќи го фактот дека само нешто повеќе од 30 отсто од српските граѓани го поддржуваат членството во ЕУ.

За неодамнешните договори на Србија со ЕУ за литиум и Франција за купување на борбени авиони Рафал, таа посочува дека освен бизнис и безбедност, има и демократска димензија.

„Кога зборуваме за проевропските сили во Србија, а со некои од нив работам многу, многу години, разбирам дека тие навистина се плашат дека никогаш повеќе нема да има место за нив, бидејќи на Вучиќ се гледа како европски политичар. Со сите овие неправилности, со состојбата на општествениот систем, со колапсот на демократијата, многу од овие луѓе веројатно се чувствуваат изневерени“, вели заменик-директорката на Европскиот совет за надворешни работи.

Таа вели дека Србите не треба да престанат да се потпираат на Европа.

„Мислам дека ќе ја најдат вратата отворена во моментот кога сакаат Европа да им биде партнер во промената на Србија. Но, мислам дека засега европските влади се обидуваат да го направат она што е можно и сосема е јасно дека Вучиќ има други опции. Затоа се обидуваат да најдат начини да ја доближат до Европа“, оценува Чернева.

Таа наведува дека можете да бидете цинични, па дури и скептични за вредноста на ЕУ кога сте далеку од членство.

„Во моментот кога ќе се зближите, тогаш мора да се усогласите не само за надворешната политика, туку и за сите други вредносни премиси кои ја држат ЕУ заедно. Мислам дека затоа ЕУ и некои земји-членки сега така ја третираат Србија, бидејќи таа не е ни блиску до членство во европскиот блок“, посочува Чернева.

Затоа, според неа, ова е пресвртница.

„Ако српското општество и политичарите одлучат дека членството е нивна цел и вложат повеќе напори на тој пат и, во исто време, тоа членство е веродостојно (затоа што ЕУ исто така треба да обезбеди веродостојни знаци дека сака проширување), тогаш ваков вид односи повеќе нема да бидат можни“, смета Чернева.

Приматот на геополитиката над демократијата во Србија

Многумина сметаат дека по договорот со ЕУ за литиум и купувањето на францускиот Рафал, Србија се повеќе се врти кон Запад, иако се обидува да балансира во меѓународната политика. Дали, на пример, купувањето на француски борбени авиони „Рафал“ е само трговски договор или е исто така од стратешко значење затоа што по неколку децении Србија во воздухопловството, наместо руски ќе има западни авиони?

Ова е, се разбира, геополитички важен договор бидејќи го означува влезот на голем европски производител на оружје во Србија. Ова, истовремено, значи и подобрување на односите меѓу Франција и Србија во многу практична смисла. Спомнавте авиони Рафал, има и проект за изградба на метро, а можеби и нуклеарна централа. За мене клучното прашање е дали тоа е дел од поголемо свртување на Србија кон Европа или не?

Ако на тоа се додаде договорот за литиум со Германија и другите европски производители, ова за Србија изгледа како некаков европски момент.

Но, она што ме прави малку скептична е фактот дека знаеме дека покрај чистиот трговски однос и безбедносната димензија, постои и димензијата на демократијата и проевропските сили во Србија. Во каква ситуација тоа ги става?

Затоа што во текот на целиот процес на проширување на ЕУ, таа отсекогаш била природен сојузник на реформисти, проевропски, невладини организации кои работат за јавниот интерес во европска смисла.

И се чини дека овие договори им отежнуваат на проевропејците во Србија да веруваат дека Европа ќе биде толку критична кон српската влада како што се надеваат некои од тие реформисти.

Со други зборови, се чини дека геополитиката добива примат на сметка на проевропските сили и демократијата во Србија. Се разбира, за Србија е многу подобро да поседува француски авиони отколку руски, да извезува литиум во Европа, а не во Кина или на друго место, но по која цена?

Проевропските сили во Србија се чувствуваат изневерени

По неодамнешните избори во Србија, ЕУ беше многу критична наведувајќи разни нерегуларности. Но, подоцна, поради договорот за Рафал, а претходно и за литиумот, се чини дека оваа проблематика е затрупана под тепих. Се добива впечаток дека за доброто на актуелните геополитички цели, пред се одвојувањето на Србија од Русија и Кина, Европската Унија е подготвена да замижи пред проблемите на демократијата.

Тоа е дилемата на многумина, не само мојата. Кога зборуваме за проевропските сили во Србија, а со некои од нив работам многу, многу години, разбирам дека тие навистина се плашат дека никогаш повеќе нема да има простор за нив, бидејќи на Вучиќ се гледа како на европски политичар.

Со сите овие неправилности, со состојбата на општествениот систем, со колапсот на демократијата, многу од овие луѓе веројатно се чувствуваат изневерени. Истовремено, морам да кажам дека овие договори се сметаат за билатерални и се дел од преговарачкиот процес за проширување. Затоа, преговорите на ЕУ со Србија продолжуваат.

Европската комисија, која бара спроведување на реформите во земјите кандидати, ќе продолжи да бара исполнување на критериумите од Копенхаген.

Овие преговори главно се во застој, бидејќи последното поглавје беше отворено пред неколку години?

Многу зависи од српските власти, нели? Доколку Србија навистина сака да се приближи до ЕУ преку преговори...

Но, зошто Вучиќ би бил заинтересиран за вистински реформи ако ЕУ е подготвена за такви прагматични договори како што се со литиумот, француските авиони?

И никој не обрнува внимание на неговите домашни работи...

Само 30 отсто од граѓаните на Србија сакаат членство во ЕУ

Рековте дали Вучиќ е европски политичар. Дали мислите дека тој е вистински Европеец или се однесува прагматично затоа што го има предвид фактот дека речиси 70 отсто од српската трговија оди во Европската Унија?

Но, само 30 отсто од српските граѓани сакаат да влезат во Европската Унија.

Ова е поради негативната кампања против Европската Унија предводена од медиумите контролирани од владата?

Апсолутно. Сето тоа го знаеме. Мислам дека треба да бидеме многу јасни за тоа каде стоиме. ЕУ на потешкиот пат низ војната дозна дека не може да го трансформира своето соседство во однос на вредностите, освен ако луѓето во тие земји не го сакаат.

Со други зборови, пристапниот процес функционира само кога општествата во тие земји навистина сакаат да влезат во ЕУ. Украинците беа подготвени да војуваат за тоа. Но, ако општествата во тие земји не се подготвени да се борат за нивните демократски реформи, ЕУ не може да го направи тоа наместо нив.

Доаѓајќи од земја која доби голема помош од Европа во нејзините демократски реформи кон крајот на 1990-тите и почетокот на 2000-тите, разбирам дека ова е многу тешко. Србите не треба да престанат да се потпираат на Европа. Мислам дека вратата ќе ја најдат отворена во моментот кога сакаат Европа да им биде партнер во промената на Србија. Но, мислам дека засега европските влади се обидуваат да го направат она што е можно и сосема е јасно дека Вучиќ има други опции. Затоа се обидуваат да најдат начини да ја доближат до Европа.

ЕУ не може да се бори против „заробувањето на државата“

Рековте дека кога општеството е подготвено, мора да има одредени околности како објективни медиуми, слободни избори?

Секако. Генерално, ЕУ нема алатки за борба против заробување на државата. Тоа е крајната линија. Затоа што кога имате систем кој е политички презаштитен, премногу централизиран и овде не мора да зборувам за Србија, туку и за мојата земја и Унгарија, како и за другите членки на ЕУ - сфативме дека ЕУ нема средства да се бори против заробување на државата.

Има механизми за советување за прашања поврзани со владеењето на правото и користењето на фондовите на ЕУ, но нема насоки, нема клуч надвор од критериумите од Копенхаген. Освен некакви основни принципи на владеење на правото, нема клуч за судството и поделбата на власта.

Доколку граѓаните на Србија видат дека некои членки на ЕУ се однесуваат слично, како Унгарија, Словачка, претходната полска влада, тогаш посочуваат дека има двојни критериуми во однос на барањата од Брисел?

Тоа го мислев со неможноста да се бориме против заробувањето на државата. Заробувањето на државата значи не само контрола на сите овие институции, медиумите и бизнисот и така натаму, туку и употреба на национализмот за зајакнување на оваа целосна моќ. Мислам дека ова е многу важен елемент на Балканот.

Европа плаќа за српско оружје наменето за Украина

Можеби една од причините зошто ЕУ замижува пред кршењето на демократските принципи во Србија е тоа што официјален Белград извезува гранати во Украина преку трети земји?

Европа во моментов не испраќа доволно муниција во Украина. Ако третина од испратеното се произведува во Србија, тоа е добра бројка. Но, ЕУ треба да го откупи тоа (оружје од Србија) или Украина да најде пари за таа цел.

Значи, поголемото прашање е колку сме посветени на нашата поддршка за Украина. Мислам дека исходот од преговорите во процесот на приклучување кон Западен Балкан е директно поврзан со исходот од војната во Украина. Затоа што, ако Украина загуби, тогаш не гледам изгледи за проширување.

Не само за Украина, туку и за балканските земји?

Без никаков процес за проширување, за кого било.

Можно е да си евроскептичен ако си далеку од ЕУ

Која е крајната цел на Вучиќ и дали ЕУ ќе ја продолжи досегашната политика кон Србија или ќе ја заостри?

Можете да бидете цинични, па дури и скептични за вредностите на ЕУ ако сте далеку од членство. Во моментот кога ќе се зближите, тогаш треба да се усогласите не само за надворешната политика, туку и за сите други вредносни премиси што ја држат ЕУ заедно.

Причината поради која мислам дека ЕУ и некои земји-членки сега така ја третираат Србија е затоа што таа не е ни блиску до членство во европскиот блок. Затоа ова е пресвртница. Ако српското општество и политичарите одлучат дека членството е нивна цел и вложат повеќе напори на тој пат и, во исто време, дека членството е веродостојно (затоа што ЕУ исто така треба да даде веродостојни знаци дека сака проширување) тогаш овој вид на односи повеќе нема да бидат можни.

Моделот на управување на Орбан се шири во регионот

Но, се добива впечаток дека Вучиќ всушност не е толку заинтересиран за полноправно членство, туку за да остане помеѓу, да има пристап до единствениот европски пазар, користејќи разни фондови од Брисел. Таа позиција му овозможува да балансира меѓу Западот и другите актери како Русија и Кина.

Тоа е модел кој Виктор Орбан го промовира долго време. Тој тврди дека ЕУ треба да дава, да се реформира, а земјите-членки да имаат поголем суверенитет, што во основа значи дека треба да му се дозволи да ја злоупотребува власта како што сака.

И Орбан ја искористи оваа идеја за флертување со Кина, со Русија, за да ја докаже таа теза. Значи, кога го гледаме Орбан, гледаме многу посилен притисок врз медиумите, судството, економијата. За жал, овој модел на владеење се шири во регионот.

XS
SM
MD
LG