На маргините на економскиот форум во Владивосток на 4 септември, српскиот вицепремиер Александар Вулин јасно му стави до знаење на рускиот претседател Владимир Путин дека Белград е стратешки партнер и „сојузник на Русија“.
Путин го поздрави својот српски колега Александар Вучиќ, кого го покани да присуствува на претстојниот самит на БРИКС во рускиот град Казан.
Оваа словенска солидарност, сепак, не беше одобрена од Европската унија. Следниот ден, портпаролот на ЕУ за надворешни работи Петер Стано рече дека „одржувањето или дури и интензивирањето на врските со Русија во времето на нејзината нелегална агресија врз украинскиот народ не е во согласност со вредностите на ЕУ“.
Посетата на Вулин на Русија можеби за ЕУ беше уште потешка за прифаќање бидејќи неодамна имаше знаци дека Србија се приближува кон европскиот блок.
Србија на крајот на август потпиша договор со Франција за замена на старите руски МиГ со авиони Рафал. Таа претходно склучи договор со ЕУ за експлоатација на литиум за производство на батерии за електрични автомобили.
Сепак, спротивставените пораки се вообичаени за Србија под Вучиќ, кој во текот на неговите 12 години на власт водеше мултивекторска надворешна политика, балансирајќи ги односите со Западот, Русија и Кина.
Оние кои се надеваат дека неодамнешните деловни зделки на Србија се знак за нејзиното сесрдно свртување кон Запад може да бидат разочарани.
Иван Крастев, кој претседава со Центарот за либерални стратегии во Софија и е постојан соработник на Институтот за хуманистички науки во Виена, за РСЕ вели дека договорот со Франција не е чисто трговски, но дека „не е едноставно ниту приклонување кон една страна еднаш засекогаш“.
Тоа беше јасно кога Вучиќ на прес-конференција со францускиот претседател на 29 август рече:
„Знам дека Емануел (Макрон) би сакал да воведам санкции кон Русија. Но, ние не го направивме тоа и не се срамиме од нашата одлука“, рече тој.
На прв поглед, неодамнешните договори со Германија и Франција може да изгледаат како некаков „европски момент“ за Србија, изјави за РСЕ Весела Чернева, заменик директор на Европскиот совет за надворешни работи.
„Но, она што ме прави малку скептична е фактот дека знаеме дека покрај чистите трговски односи и безбедносната димензија, постои и димензијата на демократијата и проевропските сили во Србија. Во каква ситуација ги стави тоа?" праша таа.
Секому да му дадеш нешто, но никому сè
Вучиќ изворно нема педигре на западен демократ. Во доцните 1990-ти, тој беше министер за информации во Владата на Србија во последните години од режимот на Слободан Милошевиќ. Тој беше висок функционер на ултранационалистичката Српска радикална странка, од која се огради во 2008 година.
Додека Милошевиќ беше перципиран на меѓународно ниво како „парија“ и „балкански касап“ поради неговата улога во војните во Југославија во 1990-тите, Вучиќ во голема мера е кооперативен на светската сцена, а ЕУ и САД го третираат како неопходен и клучен актер за стабилност на Балканот.
„Третиот пат“ на меѓународен план отсекогаш бил дел од ДНК-то на Југославија и Србија.
Српските функционери сè уште сакаат да кажат дека Србија е „Исток на Западот“ и „Запад на Истокот“. Балансирачкиот пристап на Вучиќ има силен преседан во политиката на долгогодишниот југословенски водач Јосип Броз Тито, кој беше еден од основачите на Движењето на неврзаните, сојуз на држави што имаше неутрална позиција меѓу западниот и советскиот блок.
Србија, сепак, не е толку силна како некогаш Југославија - а тоа значи дека политиката на Вучиќ бара поголема флексибилност и постојано прилагодување.
Вучиќ е умешен да се договори со меѓународните партнери на Србија, внимавајќи да им даде нешто на сите заинтересирани страни, но што е најважно, да не дава никому сè.
Во овој поглед, ЕУ е најголемиот инвеститор во Србија, вклучително и 96 милиони евра во 2024 година за модернизација на патишта и железници, покрај проектите за поддршка на транзицијата на Србија кон зелената енергија.
Сепак, Русија ја контролира нафтената индустрија на Србија (НИС), а Кина, преку рударската групација Зијин, поседува 63 отсто од „РТБ Бор“ - најголемата рударска компанија во земјата.
Вучиќ ја отвори Србија и за арапскиот свет. Обединетите Арапски Емирати инвестираа милиони долари во проектот „Белград на вода“, кој беше проследен со разни контроверзи - од обвинувања за узурпација на земјиште до корупција.
Не изостанаа ниту САД. Во мај Србија склучи договор со Џаред Кушнер, зетот на поранешниот американски претседател и републикански претседателски кандидат Доналд Трамп, за изградба на деловно-станбен комплекс на урнатините на зградата на Министерството за одбрана на поранешна Југославија, во центарот на Белград, кој беше уништен за време на кампањата на НАТО во 1999 година.
Со претседателските избори во САД во ноември, многу набљудувачи го протолкуваа овој договор со Кушнер како подготовка на властите во Србија за можно враќање на Трамп во Белата куќа.
Меѓутоа, во неодамнешното интервју за британскиот Фајненшл тајмс, Вучиќ инсистираше на тоа дека тоа е чисто „деловен потфат“.
Како и секогаш, тој се обидува добро да се позиционира меѓу различните страни. „Мојот пријател (унгарскиот премиер) Виктор (Орбан) е 100 отсто на страната на Трамп“, изјави Вучиќ за „Фајненшл тајмс“.
„Моите пријатели од Брисел се 100 отсто на страната на Бајден. Јас не сум. Јас сум на српска страна и ги чекам резултатите“, рече Вучиќ.
Тој имаше сличен пристап кон Украина, обидувајќи се да ги диверзифицира ризиците. Иако одбива да ги поддржи западните санкции против Русија, Србија истовремено ѝ обезбедува гранати на Украина преку трети земји во вредност од 800 милиони евра од 2022 година наваму, или една третина од вкупниот европски контингент.
Србија негира дека е руски „тројански коњ“ во ЕУ
Односот на Србија со Русија, иако е сложен и оптоварен со историја, го следи сличната политика на Вучиќ на „притисни и попушти“ и цик-цак. Двата словенски народи се историски и духовно блиски, а Србија дипломатски се потпира на Русија, на пример, во блокирањето на приемот на Косово во ОН.
Сепак, Вучиќ во одредени ситуации се обидува да држи дистанца од Русија.
Непосредно пред посетата на германскиот канцелар Олаф Шолц на Белград на 19 јули за потпишувањето на договорот за литиум, во српската престолнина пристигна рускиот заменик министер за надворешни работи Александар Грушко.
Еден инсајдер изјави за Фајненшл тајмс дека средбата била „ладна“.
„Грушко седна и почна да чита список од 23 поплаки, вклучувајќи го и гневот на Кремљ поради одлуката на Белград да ја снабдува Украина со муниција“, изјави овој извор за британскиот весник.
„Кога Грушко помина околу половина од списокот, Вучиќ стана, објави дека средбата е завршена и си замина“, пишува „Фајненшл тајмс“.
Вучиќ во четвртокот даде резервиран одговор на поканата на Путин да се приклучи на самитот на БРИКС во Русија во октомври, велејќи дека Србија во тој период ќе има важни гости.
Сепак, во петокот тој го модерираше својот одговор, велејќи дека ќе донесе одлука за одење на самитот на 10 или 15 октомври бидејќи не сака ништо да одбие или прифати.
„Нема сомнеж дека тоа е важен повик, бидејќи претходно имаме закажано важни посети“, рече Вучиќ.
Иван Крастев вели дека во тој период се очекува да го посети Белград и полскиот премиер Доналд Туск.
Говорејќи на форумот Глобсек во Прага на 31 август, Вучиќ ја отфрли идејата дека Белград е „тројански коњ“ на Кремљ, велејќи дека немал личен контакт со рускиот претседател Владимир Путин две и пол години.
„Додека Вучиќ многу се потпира на Русија“, вели за РСЕ Курт Волкер, поранешен американски амбасадор во НАТО и пратеник во Украина, тој „се уште се обидува да одржи одредена слобода на маневрирање и независност“.
„Стабилитократија“ на сметка на демократијата
Честа критика кон е ЕУ е дека таа е подготвена да замижи пред кршењето на демократските принципи заради одржување на геополитичката и етничката рамнотежа на нестабилниот Балкан. Некои критичари ова го нарекоа „стабилитократски пристап“ на ЕУ.
Иако Европската унија првично ја критикуваше регуларноста на последните парламентарни избори во Србија во декември 2023 година, тие поплаки набрзо беа ставени под тепих по деловните договори за литиум и за француските борбени авиони.
„Ако Макрон може да продава авиони, тој нема многу да се залага за други прашања“, рече Волкер.
Овие договори им отежнуваат на проевропските сили во Србија да веруваат дека Европа ќе биде критична кон домашните власти, како што се надеваат некои од нив, вели Весела Чернева.
„Со други зборови, геополитиката добива примат на сметка на проевропските сили и демократијата во Србија. Се разбира, за Србија е многу подобро да има француски авиони отколку руски, да извезува литиум во Европа, а не во Кина или на некое друго место, но по која цена?" прашува Чернева.
Меѓународните групи за човекови права со години предупредуваат за лошата ситуација во Србија во однос на слободата на медиумите, владеењето на правото и широко распространетата корупција.
Во најновиот извештај на Фридом хаус, Србија е класифицирана во категоријата „делумно слободни“ земји, добивајќи 18 поени на скала до 40. Се проценува дека ова е најголемиот пад во последните десет години.
Додека властите во Србија ја претставуваат земјата како „економски тигар“ со една од највисоките стапки на раст во Европа, земјата сè уште се соочува со бројни пречки.
Според јулската проценка на американската меѓународна трговска администрација, „овие предизвици вклучуваат слабо владеење на правото; политичко мешање во економијата; бавен судски систем кој е подложен на политички притисок; и реални и перцепирани прашања за корупција; премногу сложена и понекогаш нетранспарентна бирократија (и) непроѕирен тендерски процес“.
Посилен од Милошевиќ
Позицијата на Вучиќ е, според некои стандарди, посилна од онаа на Милошевиќ, кој почина во 2006 година во затворот во Хаг, каде што му се судеше за воени злосторства. Така партијата на Вучиќ успеа да ја освои власта во централните белградски општини каде што Милошевиќ не можеше да го стори тоа ниту на врвот на својата моќ.
„За време на Вучиќ, гледаме зајакнување на српскиот национализам, напори за поткопување на Црна Гора. Видовме напори за поддршка на (лидерот на босанските Срби) Милорад Додик и поткопување на Босна и Херцеговина“, рече Волкер.
Со оглед на тоа што речиси 70 отсто од трговијата на Србија оди во Европската унија, многумина во неа се прашуваат дали Вучиќ навистина е посветен на принципите на ЕУ или дали амбицијата на Србија да се приклучи кон неа е единствено мотивирана од економската неопходност.
„Политика за сите“
Вучиќ води политика речиси како постојана изборна кампања: држејќи ги своите противници – па дури и партнерите – во дефанзива и чекајќи го својот следен потег.
Иако Вучиќ беше тој што го склучи договорот со западните земји за експлоатација на литиумот, истовремено обвинува одредени западни безбедносни служби дека поттикнуваат протести против овој проект и „обоена револуција“ за да го уништат.
„Вучиќ води политика за сите“, изјави за Фајненшл тајмс Иван Вејвода, соработник на Институтот за хуманистички науки во Виена.
„Во еден момент го имате Си (Џинпинг, кинескиот претседател) во посета. Потоа... неколку дена подоцна, (првата дама на Украина, Олена) Зеленска и (министерот за надворешни работи на Украина) Дмитро Кулеба. Потоа (Вучиќ) оди во Рускиот културен центар и прави ревизионистички говор, а потоа, два дена подоцна, разговара со ЕУ за плановите за раст“, истакнува Вејвода.
Иако политиката на Вучиќ изгледа прагматична, постои ризик на крајот меѓународните партнери на Србија да ја изгубат довербата во него.
„Балансирањето, одењето по работ не е лесно“, посочува Иван Крастев: „Станувате премногу ранливи на некој начин.“
Волкер, од друга страна, не мисли дека Вучиќ нужно има на ум крајна цел.
„За некој на неговата позиција, тоа е како возење велосипед“, рече тој. „Треба да продолжите така, да жонглирате со сите топки. И тоа е целта сама по себе, само да се биде на власт и да се продолжи понатаму“, смета Волкер.