Достапни линкови

Проруската десница во Србија ја критикува Москва за нејзиниот однос кон протестите


Еден од протестите за поддршка на Русија, организиран од десницата во Србија по инвазијата на Украина, Белград, 4 март 2022
Еден од протестите за поддршка на Русија, организиран од десницата во Србија по инвазијата на Украина, Белград, 4 март 2022

Ретки моменти на српската политичка сцена во Србија, по последните протести против ископувањето на литиум се критиките за проруската десница и екстремните десничари на сметка на официјална Москва.

Меѓу нив се десничарската партија „Двери“, ултрадесничарската група „Народна патрола“, како и Младен Обрадовиќ, поранешниот лидер на забранетата клерофашистичка организација „Образ“.

Сите тие некогаш беа организатори или учествуваа на протестите за поддршка на руската инвазија на Украина, кои во претходните години се одржуваа во Србија.

Во Москва, тие гледаат сојузник на меѓународната сцена во оспорувањето на независноста на Косово и се залагаат за сојуз со Русија наместо пат кон членство во Европската Унија.

Тие денес како еден од учесниците на демонстрациите против ископувањето литиум кои со недели се одржуваат низ Србија не го поздравија односот на Москва, која протестите ги смета за „обид за дестабилизација на политичката ситуација во Србија“.

Тие ја обвинија Русија дека „застанала на страната на владата“ предводена од Српската напредна партија и дека тоа „се коси со српските интереси“.

По тој повод од Двери испратиле отворено писмо до руското Министерство.

„Таа изјава на Русија не наиде на поддршка, не беше позитивно прифатена од луѓе кои се на страната на Русија, кои ја сакаат Русија и ја сметаат за пријателска земја кон Србија“, изјави Иван Костиќ, функционер на вонпарламентарното движење Двери.

Што се слушна од Москва за протестите?

Официјални лица на Кремљ ги обвинија западните земји дека ги охрабруваат демонстрациите во Србија.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, на 8 август оцени дека „ова е озлогласена шема, која постојано ја користеле западните идеолози на демократијата и нивните локални слуги на Балканот, како и во други региони.

„Анализата на моменталната ситуација во пријателска Србија укажува на повторени обиди на одредени злонамерни сили да го активираат познатиот деструктивен арсенал со цел да ја поткопаат внатрешно-политичката ситуација во оваа земја“, рече Захарова.

Ден пред големиот протест во Белград на 10 август, српскиот претседател Александар Вучиќ објави дека „руските безбедносни служби предупредија дека во Србија се подготвуваат масовни немири, чија крајна цел е државен удар и соборување на лидерство“.

Илјадници демонстранти ја блокираа белградската железница
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:46 0:00

Близок до Кремљ, потпретседателот на Владата на Србија, Александар Вулин, подоцна ќе замине во Москва, каде им се заблагодари на руските безбедносни структури за „предупредувањето за обид за државен удар“ во Србија.

Протестот во Белград помина без инциденти.

Поради сообраќајните блокади кои следеа, тројца еколошки активисти беа уапсени и осудени на затвор од еден месец или повеќе. По реакциите на дел од јавноста и правните експерти, тие беа пуштени да се бранат од слобода.

Организаторите на протестот од Алијансата на еколошките организации на Србија ги демантираа тврдењата на претседателот на Србија дека биле поддржани од странски служби и дека целта на демонстрациите во Белград е „рушење на власта“.

Тие посочија дека забраната за ископ на литиум е нивното единствено барање.

Што десницата во Србија и забележува на Москва?

Десничарите ја обвинуваат Москва дека ги занемарува интересите на граѓаните на Србија за да ја поддржи актуелната власт.

„Мислам дека изјавата на Министерството за надворешни работи на Русија е претерана и не е во согласност со реалноста, со вистинската состојба на работите на теренот“, изјави за РСЕ Иван Костиќ од Двери.

Костиќ смета дека Русија таквиот став го заснова на „неточни информации“ што ги добива од своите претставници во Белград.

„Верувам дека Министерството за надворешни работи на Русија ја доби оваа информација од нејзината амбасада во Белград, која често е многу пристрасна кон властите и српскиот претседател Александар Вучиќ кога станува збор за внатрешната политика во Србија. И кога треба и кога не треба“, рече Костиќ.

Тој посочува дека тоа се погрешни заклучоци и дека немало планови „да се урива системот, да се уништи имот“ или „какво било крвопролевање“.

„Народот едноставно застана да се спротивстави на ископувањето на литиум, да ја зачува здравата животна средина и тоа е единствената причина за протестот“, додава тој.

Лидерот на ултрадесничарската „Народна патрола“ Дамјан Кнежевиќ за РСЕ изјави дека тоа нема да го промени нивниот однос кон Русија, но дека „не можат да ја поддржат“ Москва во овој случај.

„Доаѓаме во ситуација Марија Захарова, која патриотскиот свет во Србија ја доживува доста позитивно, некако со својата изјава како да го брани Александар Вучиќ“, вели Кнежевиќ.

„Не можеме да го поддржиме тоа, без разлика колку ја поддржуваме Москва, бидејќи не сакаме да се ископува литиум во Србија.

„Народна патрола“ е нерегистрирана ултрадесничарска организација, позната по антиимигрантските акции, ширењето национална, расна и верска омраза, но и по врските со идеолошки блиски групи од Руската Федерација.

Од почетокот на руската инвазија на Украина, тие организираа неколку протести за поддршка на Русија во Белград.

Во тој период, самиот Кнежевиќ неколку пати заминал во Русија, каде што се сретнал со членови на екстремно десничарски руски групи.

„Колку и да се надеваме на поблиски односи меѓу Русија и Србија во иднина, нашиот одговор до нив беше јасен: „Ве молам, ако не можете да помогнете во даден момент, поради една или друга причина, немојте да ни одмагате“, изјави Кнежевиќ.

Мнозинството десничари кои во последните денови јавно ја критикуваа Москва исто така изјавија дека односот на Русија кон протестите се заснова на „неточни информации“ што ги добива од нејзината амбасада во Србија.

Предраг Петровиќ од невладиниот белградски Центар за безбедносна политика вели дека десничарите во Србија се обидуваат да најдат оправдување за односот на Москва кон протестите, оценувајќи дека тој се заснова на „неточни информации“.

Ставот дека „оние што се на власт не се добро информирани, а околу нив манипулираат и лажат“ е испробан начин за оправдување на таквата ситуација“, вели Петровиќ.

Дали Русија ја губи поддршката од десничарите во Србија?

Според Предраг Петровиќ, се уште не може да се каже дека односот на екстремната десница кон Русија е целосно променет.

„Затоа што екстремните десничари и претходно ја критикуваа Русија, особено нејзиниот однос кон владата во Србија. Па така, можеше да се слушне дека тие не гледаат дека Александар Вучиќ е всушност „викенд Русин“ и дека неговата русофилија не е искрена“, рече тој.

Една од причините зошто, како што вели, не верува во драстичен пресврт во односот на десницата кон Русија е нивната „главна водечка идеја“, а тоа е противењето на Западот.

„Сепак, ќе видиме во наредниот период дали нивните критики кон Русија ќе продолжат, пред се затоа што не ги поддржуваат протестите на кои и тие учествуваат“, изјави Петровиќ за РСЕ.

Костиќ од движењето Двери забележува дека односот кон протестите не е тесно поврзан со односот на Русија кон Србија на меѓународен план.

Десничарската опозициска партија Двери е против европската интеграција и се залага за свртување кон Русија како главен партнер во надворешната политика.

„За она што Русија добро го прави кон Србија, ние пофалуваме, за она што сметаме дека е спротивно на интересите на српскиот народ, го критикуваме. Кој и да ги брани интересите на српскиот народ, ние ќе го поддржиме, немаме проблем таа поддршка да стигнува од која и да било страна - од запад или од исток“, вели Костиќ.

Белград има поддршка од Москва во одбивањето да го признае Косово, кое прогласи независност во 2008 година. Исто така, Русија гласаше против Резолуцијата на Обединетите Нации за геноцидот во Сребреница, која беше усвоена во мај, а на која се спротивстави официјален Белград.

Со кого Кремљ одржува односи во Србија?

Иван Костиќ од Двери за РСЕ вели дека во последните 15 години биле во контакт со одредени политичари од Русија.

„Ние сме помала партија во однос на севкупните официјални руско-српски односи. Имаме редовна комуникација со млади политичари од Руската Федерација и продолжуваме да ги одржуваме тие односи“, вели Костиќ.

Предраг Петровиќ од белградскиот Центар за безбедносна политика објаснува дека комуникацијата меѓу Русија и десницата во Србија отсекогаш поминувала низ помалку официјални канали.
Во исто време, посочува, комуникацијата со екстремно десничарските движења се случува главно индиректно, преку неофицијални канали.

„Тоа можеше да се види на примерот на организацијата „Народна патрола“ и нивните посети на Русија. Тие се сретнаа со екстремно десничарските движења и Вагнер, кои исто така се поврзани со Москва, но таа линија на контакт не е директна“, објаснува Петровиќ.

Во ноември 2022 година, лидерот на ултрадесничарската организација „Народна патрола“ го посети новоотворениот центар на паравоената група Вагнер во Санкт Петербург.

Вагнер е платеничка армија под санкции од Европската Унија поради кршење на човековите права во вооружените конфликти ширум светот.

Петровиќ објаснува дека Москва во Србија има контрола врз дел од екстремната десница.

„Тоа се првенствено оние групи кои отворено ја критикуваат владата на Александар Вучиќ и за кои не можеме да кажеме дека се под негова директна контрола“, објаснува тој.

„Екстремните десничари во Србија се важен актер за Русија“

Според Петровиќ, екстремните десничари во Србија се значајни за руските власти бидејќи „ги користат како еден од инструментите и каналите за влијание и испраќање пораки“.

„За Русија, екстремната десница служи да им каже на властите во Србија дека „ги држи на око“, но и да испрати пораки до Западот дека нејзиното присуство е релативно силно, дека ја контролира екстремната десница и дека преку неа може ја дестабилизира ситуацијата во Србија и на Балканот“, оцени Петровиќ.

Покрај тоа, напоменува, на Москва сепак и се поважни односите што ги има со официјален Белград.

„Моќта е секако понеопходна за Русија“, истакнува Петровиќ и додава дека Москва „сака да одржува и негува официјални контакти“.

„Ова се однесува на меѓудржавните односи, но и на контактите меѓу владејачките партии. И Москва не отстапува од тоа“, смета Петровиќ.

Србија е една од ретките европски земји чии претставници одржуваат блиски односи со Москва, а дури три години по инвазијата на Украина, таа не се приклучи на западните санкции против Русија.

Како земја кандидат за членство во Европската Унија, западните партнери редовно ја повикуваат да го стори тоа.

Одбивањето го оправдува со пријателските односи со Русија, но и со поддршката што ја добива од неа на меѓународен план.

Соработка на текстот: Душан Комарчевиќ

XS
SM
MD
LG