Руската приватна воена компанија Вагнер повторно е во очите на јавноста по обидите за регрутирање во земјите од Западен Балкан, преку врски со десничарски организации.
Локалните власти, но и САД, реагираа на обвинувањата, а медиумите шпекулираат која е вистината. Радио Слободна Европа (РСЕ) ви го пренесува она што е досега познато за врските на Вагнер.
Што е Вагнер?
Вагнер е платеничка војска основана во 2014 година од рускиот државјанин Евгениј Пригожин, кој е близок до Кремљ. Таа година Русија го анектираше украинскиот полуостров Крим. Вагнер се соочува со можни обвиненија за воени злосторства во Украина, Сирија и одредени африкански земји.
Единицата е под санкции на Европската унија (ЕУ) од декември 2021 година поради кршење на човековите права во вооружени конфликти ширум светот. Вагнер е на црната листа на САД од јуни 2017 година поради неговата вмешаност во конфликтите во источна Украина.
Ројтерс на 4 ноември објави дека групата Вагнер отворила центар за воена технологија во Санкт Петербург, Русија. Како што соопштија на отворањето претставници на центарот, целта е да се привлечат старт-ап-и и компании кои се занимаваат со индустриска технологија „со нови идеи кои се подготвени да се применат во сферата на националната одбрана“.
На отворањето присуствуваа воени ветерани и ИТ експерти, како што јави Ројтерс, додека пред Центарот беше паркиран камион со истакната буква „Z“, еден од симболите на руската инвазија на Украина.
Врски со десничари во Србија
Лидерот на десничарската организација „Народна патрола“ од Србија, Дамјан Кнежевиќ, во ноември 2022 година го посети Воениот технолошки центар Вагнер во Русија.
„Многу мои пријатели ќе се гордеат што ја имав честа да го посетам Вагнер центарот“, изјави тогаш Кнежевиќ во видеото за руските медиуми.
- Дали руската паравоена група Вагнер ќе помогне доколку има „конфликт на Косово“
- Пригожин: Групата Вагнер никогаш не била во Србија
На прашањето за неговите врски со Вагнер, Кнежевиќ во интервју за РСЕ негираше дека некогаш работел или бил на кој било начин поврзан со единицата.
Сепак, тој рече дека познава „некои Срби кои биле таму“.
„Народни патроли“, организацијата со која тој раководи, на пошироката јавност и е позната по антиимигрантските акции и организирањето протести за поддршка на Русија во Белград, откако Кремљ започна инвазија на Украина.
Мурали за поддршка
Во Белград, на 18 јануари, во центарот на градот беше насликан мурал посветен на Вагнер, зад кој стои ултрадесничарската организација „Народна патрола“. Таа организација ја поддржа групата Вагнер на нејзиниот канал Телеграм. Муралот првично беше откриен на 14 јануари, за да биде насликан еден ден подоцна.
Кога првпат се појави, муралот на Твитер го осудија активисти на неформалната организација „Русите, Украинците, Белорусите и Србите против војната“, кои го критикуваат режимот на Владимир Путин од Србија.
Друг мурал посветен на Вагнер се појави во 2021 година во Нов Белград. Сликњето го организираше лидерот на вонпарламентарната „Српска десница“, Миша Вачиќ.
Од почетокот на агресијата врз Украина, десничарските организации во Србија гласно ја поддржуваат политиката на Кремљ и се противат на воведувањето санкции против Русија. Србија, иако е кандидат за членство во ЕУ, одбива да воведе санкции за Кремљ.
Рекламирање преку сервисот „РТ“ во Србија
Во јануари, порталот на српски јазик Раша тудеј Балкан објави оглас на Вагнер групата за регрутирање на сите потенцијални волонтери.
Под наслов „Вагнеровци објавија оглас за волонтери, условите се повеќе од примамливи“ се дадени детали за условите за учество во војната, заработката и обуката.
Сепак, веста подоцна беше променета. Сегашната верзија е за група поранешни затвореници кои доброволно се пријавиле да учествуваат во воена операција на страната на Русија.
На крајот од веста само беше наведено дека Вагнер објавил оглас на социјалните мрежи за прием на нови членови. Оригиналната верзија на веста може да се најде во историјата на Гугл.
Прашан за рекламата, српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ на 16 јануари изјави дека не слушнал за тоа и додаде дека Србија ги казнува сите кои учествуваат во воените дејствија во странство, пренесе агенцијата Бета.
За огласот што го објави РТ во Србија, реагираше и Амбасадата на Украина во Белград. Во соопштението доставено до медиумите, Амбасадата ја повика Србија „веднаш да преземе мерки“ за запирање на руската пропаганда и повикување на доброволци во војна преку реклами, како и „итно да ги забрани активностите“ на РТ на српски јазик.
Рускиот државен канал Раша тудеј (РТ), со емитување онлајн, односно веб-содржини во Србија, започна со работа на 15 ноември. РТ, како медиум контролиран од Кремљ и финансиран од државниот буџет, е забранет да емитува програма во Европската унија од март 2022 година.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, го осуди огласот на руската паравоена група „Вагнер“ за пријавување на волонтери, кој беше објавен на српскиот сервис РТ.
„Што ѝ правите на Србија, зошто викате некого од Србија кога знаете дека тоа е спротивно на нашите закони“, праша Вучиќ за време на гостувањето на ТВ Хепи на 16 јануари.
Тој им порача на своите „руски пријатели“ дека не е фер кон некој што страда затоа што не ги казнил Чајковски, Достоевски и Толстој.
Во Србија една пресуда за војната во Украина под Вагнер
Учеството и организирањето учество во војна во странска држава е кривично дело во Србија од 2014 година, а се казнува со затвор до 10 години.
Меѓу 32-те пресуди што Србија ги донесе против борците во окупираните делови на Украина, во една од март 2017 година, државјанин на Србија е осуден за борење во Украина на страната на проруските сепаратисти во рамките на групата Вагнер.
- Генерал Хоџис: Русија нема „кохерентен воен план“ во Украина
- Навални - Пригожин регрутирал затвореници за војната во Украина
Со пресуда на Вишиот суд од 10 март 2017 година, државјанинот на Србија е осуден на условна затворска казна во траење од една година.
Условната казна значи дека осудениот не ја одлежал казната во затвор, туку бил пуштен на слобода. Но, доколку осудениот во следните три години од изрекувањето на пресудата стори ново кривично дело, во тој случај би бил уапсен и ставен во затвор во траење од една година. Според пресудата, обвинетиот „свесно и доброволно го признал извршувањето на делото“, додека спогодбата „се откажала од правото на судење“.
Во документот, пак, судот го сокрил идентитетот на осудениот со затемнување на сите детали - од име и презиме, година на раѓање и адреса на живеење. Пресудата, како што се наведува, е донесена врз основа на спогодба за вина.
Српскиот државјанин Димитрије - Саша Јојиќ, кој загина во војната во Сирија во јуни 2017 година, борејќи се на страната на силите на сирискиот претседател Башар ал Асад, беше спомнат меѓу членовите на групата Вагнер во медиумите во Србија. Јојиќ пред Сирија се борел во Украина.
Нема потврдени информации дали на Вагнер му се приклучиле нови борци од Србија по инвазијата на Украина. На неколкуте досега достапни видеа и фотографии, објавени на социјалните мрежи, наводно се гледаат српски борци во руските единици.
Властите во Србија рекоа дека ги истражуваат случаите, но јавно не го објавија исходот.
Загриженост за обидите на Вагнер да регрутира војници во Србија и во други земји изрази специјалниот советник на американскиот Стејт департмент Дерек Шоле за време на неговата посета на Србија.
„Работиме со Владата на Србија и другите земји за да се стави крај на овие активности“, изјави Шоле за новинарите во Белград на 12 јануари.
Присуството на Вагнерци во Србија
Локалните медиуми, известувајќи за Вагнер, го покренаа прашањето за присуството на единицата во Србија и соседните земји. Присуството на Вагнер во Србија на 16 јануари го демантираше претседателот на државата Александар Вучиќ.
А основачот на Вагнер, Евгениј Пригожин, го негираше присуството на Вагнер во Србија во објава на 17 јануари на каналот Телеграм.
„ПМК Вагнер никогаш не бил во Србија. И немала никакви контакти со Србија. Во моментов нема граѓани на Србија во ПМК на Вагнер, а ги немало одамна“, ја пренесе неговата прес-служба изјавата на Пригожин.
Врски со настаните во Косово
Во мај 2022 година, Косово се приклучи на санкциите на Европската унија против субјекти и групи од Русија, вклучувајќи ја и групата Вагнер.
„Поединци, кои се на списокот на ЕУ, се вклучени во сериозни прекршувања на човековите права, вклучително и тортура и убиства“, рече тогашниот заменик-министер за надворешни работи и дијаспора на Косово Крешник Ахмети, алудирајќи на поединци од групата Вагнер.
Во декември 2022 година, десничарските организации и движења од Србија организираа протест на Јариње, граничниот премин меѓу Србија и Косово во екот на засилените тензии на северот на Косово во тоа време. Протестот беше организиран под слоганот „Молете се на Бога и држете се до Русија“.
Во Јариње беше лидерот на ултрадесничарската „Народна патрола“, Дамјан Кнежевиќ. Оваа група организираше и протест за „поддршка на Србите од Косово“ на 12 декември во Белград.
Видеото од тој протест го објави групата Вагнер на својот канал Телеграм со коментар „Патриотска акција во Белград во услови на влошување на ситуацијата во Косово“.
Во Србија од почетокот на руската инвазија на Украина, паралелно со антивоените протести за поддршка на Украина, се организираат и протести за поддршка на руската инвазија и на претседателот на Русија, Владимир Путин.
Руските знамиња и буквата „Z“, како еден од симболите на руската инвазија на Украина, се чести детали на овие протести.
Разузнавачки податоци за присуството на Вагнер во Босна и Херцеговина
Министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Селмо Цикотиќ, во изјава за РСЕ на 9 јануари потврди дека разузнавачките податоци укажуваат на присуство на групата Вагнер во таа област.
„Тоа се повеќе или помалку екстремни и радикални групи кои се присутни на овие простори долго време“, изјави Цикотиќ за РСЕ.
Во пресрет на Денот на Република Српска, кој Уставниот суд на Босна и Херцеговина го прогласи за неуставен, тој предупреди на можно присуство на членови на радикални и екстремистички групи, вклучително и групата Вагнер.
Тимот на РСЕ не можеше да го потврди присуството на членовите на групата Вагнер на 9 јануари во Источно Сараево.
Граѓанин на БиХ, наводно, регрутирал борци од Западен Балкан
Во декември 2020 година, независниот руски портал Медуза го објави сведочењето на еден од членовите на групата Вагнер, кој споменува дека меѓу борците на Вагнер во источна Украина има државјани на Србија, кои се допишувале со извесен Давор Савичиќ, државјанин на Босна и Херцеговина.
„Давор успеа да им ја всади идејата дека „ти си овде, во Русија, на моја сметка. И без мое покритие, ќе те вратат во Србија“. Значи, 50 [илјади] рубли од секоја плата - за мене (околу 600 евра)“. Вака Габидулин го опиша она што се случи на истокот на Украина во 2015 година.
- Руските платеници од групата Вагнер тврдат дека формираат гранична милиција
- „Готвачот на Путин“ призна дека се меша во американските избори
Некои медиуми во Србија пишуваа за Савичиќ, наведувајќи дека тој е родум од Босна и Херцеговина, каде што учествувал во војната како член на паравоената формација на Српската доброволна гарда, предводена од Жељко Ражнатовиќ Аркан, кој беше обвинет во 1999 година пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг за воени злосторства.
Медиумите за Савичиќ пишуваа и дека бил дел од Единицата за специјални операции на МВР, на чело со Милорад Улемек Легија, кој во 2007 година беше осуден за организирање на атентатот на премиерот Зоран Ѓинѓиќ.
Вагнер излегува од сенките
Со руската инвазија на Украина, приватната воена компанија „Вагнер“, основана од рускиот државјанин Евгениј Пригожин, блиску до Кремљ, излезе од сенка. И Пригожин и Кремљ со години негираа дека имаат некаква врска со активностите на групата, само за Пригожин во септември 2022 година да признае дека го основал баталјонот Вагнер со цел „да ги брани интересите на Русија“.
Кога започна руската инвазија на Украина, руските државни медиуми секојдневно во пофален контекст известуваа за активностите на членовите на Вагнер на фронтот. Пригожин во јавноста го нарекуваа „готвачот на Путин“ поради профитабилните договори што неговата угостителска компанија ги имала со државата. САД го обвинија за мешање во американските избори, што самиот Пригожин го потврди во ноември 2022 година.
Наводи за воени злосторства
Тројца членови на Вагнер се обвинети во Украина дека извршиле воени злосторства во април 2022 година во селото Мотижин во близина на Киев, додека германската разузнавачка служба ги сомничи платениците за веројатно вмешаност во убиствата на цивили во Буча, за време на повлекувањето на руските сили од околината на Киев.
Меѓународната организација за човекови права Хјуман рајтс воч изјави во мај 2022 година дека има „убедливи докази“ дека руските паравоени сили убиле цивили и извршиле сериозни прекршувања на човековите права во граѓанската војна во Централноафриканската Република.
Вагнер се соочува и со обвиненија за злосторства против цивили во Либија.
Во извештајот на независната мисија за проверка на факти во Либија, нарачана од Советот за човекови права на Обединетите нации, експертите наведуваат дека постојат причини да се верува дека членовите на Вагнер пукале директно кон луѓето кои не учествувале во конфликтите.
Вагнер е поврзан и со масакрите и убиствата на цивили во Мали во текот на 2022 година.