Северна Македонија да ја признае руската агресија врз Украина како геноцид врз украинскиот народ. Истото, да го направи и за Гладоморот од 30-тите години на минатиот век.
Вакви барања од идниот парламентарен состав што ќе се формира по изборите на 8 мај во Северна Македонија, побараа двајца украински пратеници на средба на 4 април во Скопје со Националниот совет за евроинтеграции во Собранието.
Според воспоставената пракса, македонскиот парламент не одржува седници во предизборен период за да нема злоупотреба на собраниската говорница. Но Собранието денеска ја отвори вратата за средба на се уште актуелните македонски пратеници со колегите од Врховната Рада на Украина.
„Би сакале Северна Македонија да не ги прекинува традициите во континуирана помош на Украина. Би сакале Северна Македонија да донесе одлуки во две работи и тука ќе бараме ваша поддршка. Како прво, Северна Македонија да го признае Гладоморот така како што тоа го направија водечките земји во светот и второ ние би барале Македонија да ги признае дејствијата на државата агресор Русија како геноцид кон украинскиот народ“, рече пратеникот Михаило Борисович Радутскиј, претседател на Комисијата за јавно здравје, медицинска нега и здравствено осигурување во Врховната Рада на Украина.
На средбата во македонскиот парламент тој беше придружуван од неговата колешка Олга Анатоливна Стефанишина, претседавачка на Поткомисијата за адаптација на законодавството на Украина со правото на ЕУ, која се приклучи на барањата.
Поддршка од пратеници од власта и опозицијата
Нивните домаќини, пак, беа дел од пратеници членови на Националниот совет за евроинтеграции, на чело со претседателот на ова собраниско тело, Александар Николоски, кој е потпретседател на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу останатите, присуствуваа и Соња Мираковска (НСДП) која е од редовите на актуелното владејачко мнозинство и е заменик-претседателка на Националниот совет, Антонио Милошоски (ВМРО-ДПМНЕ), Дарко Каевски (СДСМ)…
И претставниците на власта и на опозицијата, дадоа поддршка и рекоа дека се убедени оти идниот парламентарен состав ќе донесе декларации за прогласување на руската агресија врз Украина и на Гладоморот за геноцид.
„Во однос на геноцидот, после парламентарните избори би ја разгледале оваа работа и би ја поддржале“, рече Николоски.
Во поздравното обраќање, тој рече дека и му е мило што во Македонија постои неподелено мислење на сите политички структури за поддршка на Украина и, нагласи, „во изминатиот период ние покажавме колку што можеме, дека може да помогнеме и тоа и го правиме“.
„Како Собрание ќе ја имате нашата поддршка за да го осудиме геноцидот“, порача и пратеничката Мираковска која потсети дека на 3 март 2022 во македонскиот парламент била донесена и Декларација за осуда на воените напади од страна на Русија.
Во барањето руската агресија да се прогласи за геноцид, украинскиот пратеник Михаило Борисович Радутскиј, се повика на големиот број жртви од руските воени дејствија кои во февруари влегоа во третата година.
„Според број на загинати цивили кои се огорчени од копнени и бездушни напади може слободно да се нарече геноцид“, рече Борисович Радутскиј.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на двегодишнината од руската инвазија на Украина (25 февруари) рече дека се убиени 31 илјади украински војници и десетици илјади цивили.
Гладоморот веќе е прогласен за геноцид со резолуција на Европскиот парламент, како и националните собранија на повеќе европски држави. Тој се однесува 1930-тите години од минатиот век, кога од глад умреле повеќе од еден милион Украинци, како резултат на радикалните советски економски политики.
Обединување за членството во ЕУ
Покрај воената агресија, украинските пратеници со колегите во Северна Македонија разговараа и за членството на двете држави во Европската Унија.
Северна Македонија ја одржа првата меѓувладина конференција во јули 2022, а Украина доби зелено светло од ЕУ за почеток на преговорите во декември лани. Во моментов, за Украина во тек е скринингот на законодавството, а украинските пратениците се надеваат дека ќе ги започнат преговорите претстојното лето.
Во Скопје, тие побараа двете држави да се обединат и соработуваат на овој пат.
„Би сакала да предложам да ги обединиме нашите напори бидејќи вие бевте први на тој пат, а ние пристигнуваме полека и вашето искуство ќе биде многу ценето за нас бидејќи имате направено многу чекори во тој правец. Исто така предлагаме да се создаде сојуз во рамките на земјите кандидатки. Тоа е политички предлог од наша страна“, рече пратеничката Олга Анатоливна Стефанишина.
Домаќините, пак, се согласија дека е важно да се разменат искуствата од евроинтеграциите. Мираковска порача дека е „одлично што Украина оди забрзано кон ЕУ“, но и дека „за жал, Северна Македонија оди долго време по тој пат“.
Теми од здравството, со оглед дека украинската пратеници се и претставници на тамошната парламентарна комисија за здравство, исто така се најдоа на маса на средбата во Скопје.
Соработка во фармацевтскиот сектор, заедничко признавање сертификати, соработка во набавката на лекови, но и учење од македонските искуства околу легализацијата на медицинскиот канабис, чекор кој планира да го направи и Украина, беа меѓу темите што ги спомена пратеничката Олга Анатоливна Стефанишина.
На официјалната средба меѓу пратениците од двете држави, пак, не се спомена можноста за рехабилитација на украински деца и војници во Северна Македонија и во регионот, идеја која Зеленски ја дискутираше со македонскиот и црногорскиот претседател, Стево Пендаровски и Јаков Милатовиќ, на самитот Украина – Југоисточна Европа што се одржа во Тирана на 28 февруари.
Иницијативата, како што пишуваше Радио Слободна Европа, се разгледува во Скопје. Министерката за одбрана Славјанка Петровска рече дека имала првичен разговор со министерот за здравство Илир Демири, но до овој момент не е пристигнато конкретно барање.
Според податоците кои се познати досега, помошта што Северна Македонија и ја пружи на Украина од почетокот на руската агресија изнесува меѓу 24 и 30 милиони евра.