Судењето за двојното убиство на 14 годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74 годишниот Панче Жежовски од Велес, кое требаше да започне денеска (4 септември), се одложи за 20 септември.
Причината за одложувањето е што Основниот кривичен суд Скопје одлучи да ги спои двете обвиненија во еден предмет. Во случајот обвинети се вкупно пет лица. Првично беше поднесено едно обвинение против четворица од осомничените, за кои денеска требаше да почне судскиот процес. Во него го немаше првоосомничениот Љупчо Палески - Палчо бидејќи беше во бегство. Откако беше фатен и екстрадиран од Турција, Обвинителството поднесе обвинение и за него, по што побара двата предмети да се спојат во еден.
Од Кривичен денеска соопштија дека го прифатиле барањето поради економичност на постапката и затоа што станува збор за ист кривично-правен настан, исти кривични дела и за обвинети кои се гонат како соизвршители.
Четворицата соучесници на Палчо, меѓу кои е и таткото на девојчето Вања, Сашо Ѓорчевски, сепак, утрово беа спроведени во судот во Скопје.
Покрај таткото, кој се товари дека на групата и кажал во колку часот девојчето само ќе излезе од дома за на училиште, во судницата се појавија и штипјанецот Влатко Кешишов и велешаните Велибор Манев и Боре Видевски кои биле соучесници во делата. Тие беа уапсени на 4 ти декември 2023 година откако полицијата влезе во траг на обвинетите кои го грабнале и убиле велешенацеот Жежовски, му го земале возилото кое го искористиле за по неколку денови да го грабнат и девојчето, а подоцна и убијат.
Љупчо Палески не беше уапсен во земјава бидејќи преку Белград успеа да избега во Турција. Тој на 5 декември 2023 година беше уапсен во Турција, а екстрадиран во земјава на 15 мај годинава. Тој беше претседател на партијата Десна, многумина го профилираа како медиумски експониран, политички активен, прорускиот „експерт“кој се прослави со прислушуваните разговори кои ги имаше во сеф, а јавно ги пушташе и по плоштади. Тој се товари за убиство и грабнување, а судењето го дочекува во притвор заедно со останатите обвинети. Само таткото на Вања е во куќен притвор откако врховниот суд му го укина затворскиот.
На чело на судечкиот совет кој ќе го води судењето е судијата Ивица Стефановски.
Панче Жежовски беше пријавен за исчезнат на 24 ноември лани, а малолетната Вања на 27 истиот месец, а беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември 2023 година. Мотивот за нивното грабнување и убиство според обвинителството е заради барање откуп, но до сега остана неразјаснето прашањето зошто заврши со убиства.
Убиствa со умисла на свиреп начин
Поднесеното обвинение против четворица обвинети поврзани со двојното убиство кое се случи лани во декември содржи низа детали за тоа како 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот Панче Жежовски беа свирепо убиени. Радио Слободна Европа имаше увид во поднесеното обвинение, без она кое е додатно поднесено против Љупчо Палески - Палчо. Во обвинението се открива дека се уште не е пронајдено оружјето со кое е стрелано во главата на жртвите.
„На свиреп начин и со умисла“. На овој начин во обвинението против четворица обвинети обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска открива дел од грозоморниот чин кој ја вознемири јавноста во декември лани. Во него како обвинети за убиство и грабнување се јавуваат Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, а како помагач во грабнувањето таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски.
На 27 ноември 2023 година рано утрото со умисла тројцата обвинети се нашле пред зградата каде живеела Вања. Според обвинението претходно таткото на Вања на Палевски му дал упатства за времето кога таа ќе излезе сама од дома. Цитроен кој бил сопственост на убиениот Панче Жежовски го возел Велибор Манев а според обвинението по претходен план и дадени инструкции од Палчо дошле пред влез на врата и додека Влатко Кешишев чекал и внимавал да не наиде некој, Велибор со шравцигер заедно со Боре Видевски кој ја носел вреќата за спиење ја отвориле вратата од влезот.
„Влегле внатре, застанале кај сутеренот кој води кон подрумите, го чекале детето па кога излегла од лифтот Боре Видевски ја фатил за половината и устата, обвинетиот Велибор Манев ја држел за нозете, ја однеле до сутеренот каде Велибор и ставил селотејп трака на устата. Боре Видевски и се заканил да не вика инаку ќе пукаат ја ставиле во вреќа за спиење со подотворен патент ја свртиле на стомак и додека Боре Видевски и ги држел рацете, Велибор и ставил пластични стеги на рацете и на нозете и откако ја затвориле вреќата Велибор и ги врзал нозете и со селотејп преку вреќата“, се вели во обвинението.
Откако и се закниле по втор пат Видевски со помош на Манев ја ставил преку рамо и ја однеле во цитроенот во гепекот. Велибор возел, Влатко бил совозач, а Боре седел на задното седиште. Според обвинението Велибор претходно го земал телефонот „Ајфон 8“ на Вања, а Боре додека се возеле со чеканче го скршил за да нема сигнал. Во обвинението пишува дека според инструкциите на Палевски тргнале кон Качанички пат, до надвозникот на село Визбегово каде се сретнале со Палчо. Тој ги чекал со Рено Канго, што не е негова сопственост туку на една од сведоците во постапката и двете возила се упатиле кон селото Бразди, кај местото Дупки.
Откако застанале таму Палчо, Велибор, Боре и Влатко според обвинението некаде околу 9.30 часот со умисла го лишиле од живот малолетното девојче.
„ Изложувајќи ја на тешко психичко страдање со силен интензитет, во врзана состојба и онеспособена за отпор и било предочено дека ќе биде убиена така што по налог на обвинетиот Љупчо Палевски обвинетиот Велибор Маневски го извадил оштетеното дете од гепекот по што обвинетите ја доближиле и ја ставиле во претходно ископана дупка од нивна страна со димензии од околу 180 см должина, 85 см ширина и 60 см длабочина каде обвинетиот Љупчо Палевски со огнено оружје пиштол НН марка, калибар 9мм преку перниче кое го пронашол во близина испукал еден куршум во пределот на главата на оштетеното дете нанесувајќи и огнострелна повреда на мозокот. По ова настапила смрт, па откако обвинетиот Палевски ја извадил вреќата за спиење обвинетите го закопале телото во дупка“, се вели во обвинението.
По ова од туба со бензн купен претходно од Влатко Кешишев на нива покрај земјен пат кај село Бразда го запалиле Цитроенот на убиениот Панче Жежовски. Од таму заминале со Рено Клио со кое дошол Палчо.
Велешанецот Панче Жежовски убиен со истото оружје како и Вања
Според обвинението на 22.11.2023 околу 9 часот на ул.Милан Војницајлија бр.1 во Велес пристигнале Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, заедно со Љупчо Палевски и го грабнале Панче Жежовски со намера да го присилат да им го даде возилото Цитроен за да ја грабнат Вања.
Дошле со „Рено канго“, а Влатко Кешишев имал задача да чека во колата на паркингот покрај железничка пруга.
Кога останатите стигнале до куќата на Жежовски, Боре заѕвонил на вратата па кога домаќинот отворил, тој го турнал на земја и му ја фатил устата за да не вика. Велибор Маневс му ги врзал рацете со јаже и додека лежел на грб двајцата го ставиле во церада од возило која била близу до вратата и го однеле во неговиот Цитроен и го ставиле во гепек. За тоа време Љупчо Палевски влегол во куќата го земал мобилниот телефон „Нолог“ кој стоел на полнач, ги земал клучевите од возилото на Жежовски и ја заклучил вратата.
Со двете возила отишле до местото Рудник близу Велес и според она што го пишува во обвинението додека Влатко Кешишев чувал стража, останатите го извршиле грозоморниот чин.
„Околу 10 часот од користољубие и на свиреп начин и со умисла го лишиле од живот Панче Жежовски на начин што го пренеле до дупката во кружна форма која во претходниот период со знаење на Љупчо Палевски била ископана, и истиот со огнено оружје пиштол НН марка, калибар 9 испукал еден куршум во пределот на главата“, пишува во обвинението.
По ова телото го турнале во дупката која ја затвориле и покриле.
Докази и сведоци
Освен записници, препознавања на убиените, претреси во домовите, како докази се јавуваат и вешти наоди од психијатар за обвинетите, наоди од обдукција и вештачењата на телефоните ко иги користеле жртвите и обвинетите. Исто така како докази се посочени и фотодокументации со 74 фотографии кои го откриваат движењето на цитроенот и реното, 58 фоторгафии со движење на возилото „Ланд ровер“ со кое бегаше Палчо и уште 21 фотографија за кои не е посочено каква содржина имаат.
Обвинителството како доказ ги нуди и изводите од сметките на роднини на Вања Ѓорчевска за која се смета дека мотивот за убиството се токму откуп со пари, но се истражувала и сметката на партијата на Палчо „Десна“. Повикани се повеќе од 25 сведоци меѓу кои и роднини на убиените, но и на осомничените а како докази се земени и сведочењата на обвинетите во истрагата.