Ако е убаво времето, учениците од подрачното основно училиште „Гоце Делчев“ во скопското Долно Лисиче може да вежбаат со топка во училишниот двор. Ако е ладно, врне снег или дожд , тогаш во старата кујна која е адаптирана за фискултурна сала на неколку душеци може да вежбаат , вели Иван Трајковски чие дете неодамна заврши основно образование во оваа училиште.
Тој вели дека ветувањето за нова фискултурна сала го слушнал од сите градоначалници до сега, ама неговото дете часовите по физичко образование во деветте години од основното образование ги помина во импровизирани услови.
„Додека беше помал син ми, вежбаа во двор ако им се погодеше времето, ако не, имаа часови по математика или македонски јазик наместо физичко, затоа што немашe доволно место во адаптираната кујна. Топка баш и не виде во училиштето додека растеше, ама понекогаш вежбаат колут напред и назад на душеци во старата кујна,“ додава тој.
Според последните податоци од Бирото за јавни набавки, до крајот на годинава скопските училишта „Гоце Делчев“ и „Кузман Јосифовски Питу“ во Кисела Вода ќе добијат нови спортски сали.
Министерство за образование во јануари потпиша договор со градежната скопска компанија Гранит во вредност од милион евра за изградба на две спортски сали во име на проектот „нови 145 училишни спортски сали“.
Сличен договор потпиша и со фирмата која се занимава со подни и ѕидни облоги „Ибо Под“ од Прилеп за изведба на фискултурна сала во основните училишта „Зини Хани“ во Струга и „Рилиндија“ во село Лојане. Вредноста на овој тендер изнесува 1,2 милиони евра.
Овој проект за 145 сали е стар 16 години, кога со Министерството во 2009-тата година раководеше министерот Перо Стојановски. Неговите наследници Никола Тодоров и Панче Кралев, заедно со тогашниот премиер Никола Груевски ја убедуваа јавноста дека во тој период интензивно се работи на проектот и дека ќе биде готов за само три години, како што е договорено во тендерот.
За 16 години, од 145 предвидени училишни спортски сали, до сега се изградени 100, а нови четири се во фаза на градба, велат од Министерството за образование и наука (МОН) за Радио Слободна Европа.
Од останатите 41 фискултурни сали, 28 се предвидени да се изградат од 2025 до 2027 година, најави министерската Весна Јаневска во август минатата година, кога вршеше увид до каде е изградбата на сала во основното училиште „Наум Охридски“ во село Булачани.
За таа цел во следните три буџетски години биле предвидени 9,1 милиони евра.
Во изминативе 16 години за изградба на 145 училишни сали беа потрошени десетици милиони евра.
За што друго МОН трошел пари како дел од проектот
Но парите не се трошеле само на изградба на фискултурните сали.
Од 2022 до 2025 година објавени се тендери во вредност од 8 милиони евра за изградба, реконструкција, рехабилитација и надзор и проектна документација за потребите на МОН преку преку Проектот 145 спортски сали.
Во овие пари влегуваат и 5,7 милиони евра за реконструкција на фасада и тоалети на 12 основни училишта.
Во име на потребите на проектот, МОН во 2010 година набавило и автомобил од Мак Аутостар за 9 илјади евра, како и компјутери, хартија и тонери вредни околу 10 илјади евра. За спортски реквизити во 2010 година биле потрошени околу 350 илјади евра.
Сто училишни сали ја чинат државата 45,2 милиони евра
Првиот тендер за изградба на 145 училишни сали е потпишан на 19 март 2009 година. Договорот „тежок“ 69 милиони евра го доби „Гранит“. Но, од МОН велат дека до сега за изградените 100 сали на „Гранит“ му исплатиле само 45,2 милиони евра.
Во архивата на Бирото за јавни набавки го нема договорот, но според она што во јавност го сподели тогашната власт, за три години требаше да бидат изградени 145 спортски сали. Од нив само 100 се завршени во овие 16 години.
Во првиот дел од проектот, за изградбата на спортски сали, Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ земала заем од Банката за развој при Совет на Европа во вредност од 12, 5 милиони евра во 2007-мата година, а со пари од буџетот учествувала со 1.8 милиони евра. Вториот заем кој бил подигнат во 2011 година изнесувал 30 милиони евра, а од буџетот за таа ставка биле планирани 15 милиони евра.
„Првиот заем од 12,5 милиони евра (2007 година) е реализиран целосно, додека вториот заем од 3 милиони евра (2011) е реализиран 97%. За условите за отплаќање, информации можете да обезбедите од Министерството за финансии“, се вели во одговорот од МОН.
Но, до објавувањето на овој текст од Министерството за финансии не добивме одговор дали државата ги исплатила своите долгови кон Банката за развој при Советот на Европа и колку изнесувала камата.
Роковите со анекси пролонгирани од 3 на 15 години
Со четири анекси на договори, изведувачот од првичните предвидени 36 месеци добил пролонгирање на 15 години со краен рок од 19 септември 2024 година.
„Најчесто пролонгирањето на изведбата се случувала поради проблеми со имотно правни односи на парцелите на училиштата предвидени за изведба на сали, расчистување на подземни и надземни инсталации, добивање на одобренија за градба и слично“ се вели во одговорот на МОН за РСЕ.
Од компанијата Гранит, до објавувањето на овој текст не добивме одговори, зошто барале пролонгирање на роковите за изградба кои со основниот тендер биле одредени на три години.
Раскинат договорот по барање на Гранит
Договорот со Гранит лани бил спогодбено раскинат. Според спогодбата во која РСЕ има увид, спогодбата ја потпишал претходниот министер Јетон Шаќири од ДУИ при што и МОН и Гранит се согласиле дека за незапочнатите спортски сали и двете страни немаат меѓусебни побарување, како и побарувања за надомест на штета.
„За дел од преостанатите сали за изведба, заради променети околности настанати во период од склучување на Договорот до сега, за Гранит не постои економска оправданост за нивна изведба, поради неодобрени барања за зголемување на цените за изградба. Исполнувањето на договорениот рок со оглед на буџетските планови нема да може да се постигне, а имајќи ги во предвид и значително изменетите околности од потпишувањето на Договорот до денес, како и економската оправданост за изведбата на дел од салите, заради кои е склучен овој Договор во 2009 година, не може да се оствари“ е наведено во преамбулата на спогодбата.
Ревизорите со забелешки за изведувачот на проектот
Според Државниот ревизор, кој во 2020 година објави извештај за успешност на проектот, постоеле повеќе проблеми во спроведувањето на проектот. Еден од нив е тоа што Министерството за финансии правело проблеми при исплатата со тоа што го намалува буџетот на Министерството за образование.
„И покрај тоа што станува збор за сигурен извор на финансирање (заем и буџет) поради необезбедување на буџетски средства МОН повеќе пати не успеало да ги обезбеди планираните финансиски средства што е една од причините за ненавремена реализација и пролонгирање на рокот на изведба на градбите“, се вели во ревизорскиот извештај, при што се наведуваат и конкретни периоди кога од Буџетот биле одобрени само 2,21 отсто од бараните средства од МОН, како што на пример бил случајот во 2018 година.
Дополнително ревизорот забележува Координативното тело кое било задолжено да ја следи реализацијата на проектот не функционира. Како проблем во извештајот е нотирано и дека изведувачите на проектите биле неподготвени за работата за која се нафатиле од технички, но и од човечки капацитети.
Ревизорот забележал дека изведувачот работел со малку работници на терен и опрема, како и недостаток на високо стручен кадар во градежниот процес довел до голем застој и континуирано надминување на рокот на изведба.
Изградба на една фискултурна сала ја чини државата половина милион евра
Само за технички надзор на изградбата на 77 училишни спортски сали МОН во 2016 година потпишал договор во вредност од 615 илајди евра, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки.
Дополнително од нив се забележува дека низ годините, МОН во име на проектот за кој бил овластен да го спроведе Гранит, склучувал дополнителни договори за јавни набавки со други фирми кои се однесуваат на изградба на фискултурни училишни сали. Таков е договорот склучен во 2015 година со тетовската „НБ-ЦОМПАНУ“ која се нафатила да изгради спортска сала за половина милион евра.