Чешлање на работата на факултети и универзитети, затворање на неколку научни институти, подготовка на нов пакет закони, го раздвижија високото образование изминатиот период.
Властите очекуваат дека сите овие процеси, заедно со зголемениот буџет, ќе придонесат за подобрување на квалитетот на високото образование во Северна Македонија. Универзитетски професори, пак, сметаат дека за придвижување напред потребни се и повеќе млади кадри, повеќе научни трудови во светски признати списанија, но и поголема поддршка од државата.
Затворањето на Институтот за научни истражување ЛАОР од Тетово минатата недела беше последниот исход од ревизијата што ја прави Министерството за образование и наука (МОН). Ова е шестиот приватен научен институт во низа за кој министерката Весна Јаневска соопшти дека добива клуч на врата.
Немање кадар и програми – причина за затворање на научните институти
Во Тетово се затвори и Институтот за мода „Фешн дизајн“, но и неколку други институти во Скопје – Институт за бизнис економија, Институт за геобиологија, археологија, подземни води и екологија, Институт за наука, алтернатива, култура и уметност, како и Институтот за одржлив развој и управување со климатски промени „МИЛИЕУКОНТАКТ МАКЕДОНИЈА“.
Од МОН за Радио Слободна Европа (РСЕ) објаснуваат дека два се затворени бидејќи не биле активни подолг период, додека четири затоа што не ги исполнувале условите за вршење научно-истражувачка дејност.
„Најчесто поради тоа што немале Програма со цели и активности во времетраење минимум 3 години, како и поради тоа што немале ангажирано соодветен кадар – Институтот треба да има во работен однос најмалку пет истражувачи од кои двајца со докторат на науки и тројца со магистратура или, најмалку, со високо образование, како и да бидат во редовен работен однос со полно работно време“, велат од МОН.
На ваквите процеси, смета поранешниот министер за образование и универзитетски професор од Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“, Ненад Новковски, треба да се гледа како на редовна постапка.
„Затоа се и надлежните тела за акредитација кои вреднуваат дали некои програми се квалитетни, дали треба да се одобрат, да функционираат и дали треба да продолжат. Во таа смисла, тоа си е редовна постапка за оценка на квалитет“, потенцира Новковски.
Со затворањето на ЛАОР, во Северна Македонија останаа да функционираат уште 29 други приватни научни институти и 9 државни.
Какви проблеми детектираат професорите?
Научната дејност, како и целокупното високо образование во земјава наскоро би требало да добијат нова законска рамка. Министерката Јаневска посочи дека работната група во Националниот совет е при крај е со изработката на новиот Закон за високо образование. Исто, рече таа, е и со предлозите за Законот за научно истражување и Националната рамка за квалификација на полиња, подрачја и области што ќе се носат како пакет заедно.
„Мислам дека новиот Закон за високо образование и Закон за научни установи вака како што го работат моите колеги, навистина ќе даде голем придонес за подобрување на квалитетот на високото образование“, рече Јаневска на 9 јануари.
Покрај нови закони, неопходен е и кадар во научната дејност. Проректорката за наука од Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип, Зденка Стојановска од Факултетот за медицински науки, потенцира дека долги години не се преземало ништо за подмладување иако најефикасни и најкреактивни според неа се младите научници.
„По факултетите негде има по 2-3 асистенти на 50 професори. Не е добар тој сооднос за да може да се очекува некој прогрес. Ние повозрасните работиме на тоа, но не работиме толку интензивно како што сме работеле кога сме биле помлади. Тоа е прво, кадровската политика“, вели Стојановска за РСЕ.
На листата проблеми таа го додава и публикувањето научни трудови кои се светки признаени, како што се Скопус (SCPOPUS) и Веб од сајенс (Web of Science) бидејќи вели не е само да има квантитет туку треба да се стави акцент и на тоа каде и што се објавува, но и со која афилијација – објавувањето на трудовите да биде унифицирано.
Начинот на кој функционираат научните истражувања е проблем кој го детектира и Новковски. Тој забележува дека долги години се запрени националните научни проекти и она што треба да биде приоритет е воспоставување повторно на таа пракса и систем за квалитетно истражување што со себе ќе донесе квалитет за високото образование.
„Имено, највисоко рангираните се оние кои имаат најквалитетно истражување. Во таа смисла за да се поддржи високото образование потребно е да се финансираат истражувачките проекти, тргнувајќи од националните финансирања што понатаму претставува основа за привлекување средства и од меѓународни проекти“, додава Новковски.
Кога се во прашање кадрите, двајцата соговорници се согласни дека треба да се даде повеќе слобода на универзитетите и факултетите во ангажирањето на кадар. Стојановска смета дека универзитетите треба да бидат оние што сами ќе одлучуваат каде и колку кадри се потребни, а слична порака испраќа и Новковски.
„Ако веќе се воспоставило дека некоја институција треба да има толку и толку истражувачи, толку помошно-наставен персонал, тогаш треба и да ги има, нема потреба да се бараат согласности од Министерството за финансии постојано, туку со заминување или пензионирање да се пополнуваат тие места. Тоа е она што треба да биде предвидено и со новите законски решенија“, вели универзитетскиот професор.
Северна Македонија за наука, како што презентираа од МОН, во 2025 година ќе обезбеди 680 милиони денари за наука наспроти 380 милиони лани.
Во високото образование, поголем буџет ќе има и за плати бидејќи согласно колективните договори и законските решенија, наставниот кадар од месецов ќе добие 14% повисоки плати, а ненаставниот 8%.
Според минатогодишната анализа на Балканскиот институт за регионална соработка (БИРЦ), Северна Македонија и останатите балкански земји „генерално препознаваат ниски инвестиции во науката“ за разлика од државите во ЕУ.
Во Северна Македонија, забележа БИРЦ, трошењето за истражување и развој, остана околу 0,4% од БДП во периодот за кој се достапни податоци од 2015 до 2020 година.