Достапни линкови

Институти само за плата, научни проекти нема со години


Илустрација. Наука.
Илустрација. Наука.

"Ние за жал сме ставени на страна, не се појавила влада која ќе пројави интерес да формира политика врз оновна на знаење", велат професори од институции кои се формирани за да се занимаваат со наука и истражувања.

Професорот по социлогија Горан Јанев од Институтот за социлошки и политичко правни истражувања вели дека во Македонија истражувачите и научниците се финансираат од буџетот за наука кој на ниво на држава е 0, 35проценти од БДП , а тоа јасно зборува оти мал дел од нив практично имаат можност да одат кон вистинска наука и истражувања за кои државата и ги оснивала институтите .

Надежите од поголеми вложувања во науката кои ги најавуваше власта на почетокот се зголемија пред две години, кога по повеќе години борба конечно беше донесен Законот за високо образование , во кој меѓу другото се предвиди и формирање на Научен совет што треба да ги распоредува парите, но тоа не се оствари.

"Годинава поради кризата со пандемијата немаме направено истражување. Во подготовка сме за исражувања барајќи средства од други извори, од секаде освен од МОН, кое последните 15 години нема издвоено пари за научни истражувања. Според законот од 2018 се должни да формираат научен совет кој треба да ги распределува парите, но сеуште го нема, а тоа е место каде треба да се обратиме како институции" вели професорот Јанев.

Како што е видливо од статистиката за 2019 година, државата за наука дала 309.649.000 денари, од кои 92.300.000 денари се наменети за научно истражувачка работа , а останатите пари за наука во МОН се наменети за научните институти и проектот за превод на книги. Во ставката за научните институти се вклучени и пари за плати на вработените во тие институти, што значи дека тие практично немаат средства за работа.

Најголемиот дел од издвојувањата за научните институти во земјва, кои се формирани да создаваат наука, всушност се однесуваат на платите на истражувачите и научниците, додека практично во овие институции речиси и не влегува денар за научни истражувања, a некаде фалат и инвестиции во опрема и човечки потенцијал кои се непоходни за развој.

Ова значи дека македонските научници од повеќето институти речиси и немаат можност да прават истражувачки проекти со пари од државата. Така е барем во изминатите 10 години во кои во државата нема распишан конкурс за научно истражување.

Дел од институте наведуваат дека опстојуаат како што знаат и умеат, но оти тоа не би било можно ако не се фисирањата за проекти од меѓународни организации, или проекти кои ги добиваат преку финансирања од приватани нарачатели.

"Последниве години работеме, се снаоѓаме со минимални сретства од интегративните сретства на УКИМ, тоа се многу мали суми, ние работие з а плати и тие исражувања ги правиме без надомест. Сработивме истражувања за политика з а млади, за студентско организирање, работевме по нарачка како што најчесто работиме, а тоа е проблем за бавење со наука, зашто немате истражување по длабочина туку она што го бара нарачателот, вели Јанев .

Меѓу проектите направени со пари од меѓународни фондации е и истражување за перцепциите на граѓаните во однос на мигрантите.

Капацитетот и потенцијалот за наука на Институтот е несомнен да учествува и во европски компаративни проекти, вели Јанев, меѓутоа додавајќи дека без поддршка од државата не е можно да има истражувања.

Податоците за неповолното финансирање на науката и негрижата за човечкиот потенцијал во изминатите десетина години ги доведуваат до тоа научниците сериозно да се загрижат и за квалитетот на знаењето во државата . За најголмиот дел од нив кои работат на факултетите, како што кажуваат, професијата се сведува да одржат предавања или дали ќе имаат меѓународни фондови или приватни инвеститори, или да бараат скромни сретства од заедникиот фонд на Универзитетот Кирил и Методиј, со кои може да направат основни проекти.

Професорката Гордана Поп Симонова од Факултет за земјоделски науки која има искуство и како заменик раководител на Институтот за земјоделство вели:

"Професор не е професор ако не ги презентира своите резултати од истражувањето, тогаш не е ништо друго туку предавач. И во други земји си има јасна дистинкција меѓу професор кој истражува, па ги пренесува своите истражуавања пред студентите или во стопанството или предавач кој само чита и средува, систематизира истражувања туѓи во светот и ги пренесува. Ние стануваме продолжено средно образование, толку". вели професорката од Земјоделскиот факултет.

А во државата една од науките која има потреба од поголема поддршка, но и примена на наука е особено земјоделството, особено ако се имаат превид предизвиците со климатските промни,но и актуелната пандемијата која освен здравствени имликации се заканува да предизвика и штети во прехранбениот сектор во светот поради ограничувањата на движењата.

Не е само Еразмус, истраги и за други малверзации со европските пари

Професорката Гордана Поп Симонова вели дека денес програмите на партиите се преполни со суми за субвенции за земјоделците, но оти неможе да има развој ако притоа не се вложува ниту денар во науката која треба да понуди одговори за поефикасно и планско земјоделство.

"Се извадија на маса партиските програми димензионирани за четиригодишен период и се лоцираа земјоделците како една од најголемите групи на гласачи. Клучниот збор – субвенциии (директни плаќања) е содржан во сите програми. Со букви и цифри. Огромни цифри. Развојна компонета, науката, високото образование – евентуално може да се спомене како слаба страна при изработката на формалните SWOT анализи" вели професорката Поп Симонова.

Науката се игнорира, со јавното мислење управуваат партиите

Професорот Горан Јанев,пак,од Институтот за социолошки и политичко правни истражувања, вели дека во оваа најстара институција во државата за сериозно прочување на јавно мислење, за жал денес вработените не само што финансиски немаат можности да ги остваруваат своите задачи и цели како истражувачи, туку речиси и институцијата не е искористена од државата и е оствена на страна . Тој има чувство оти денес севкупното јавно мислења зависи од физлозофијата на политичките партии кои со него управуваат.

"Ние за жал сме ставени на страна, не се појавила влада која ќе пројави интерес да формира политика врз оновна на знаење, тоа се прави затоа што паушално се одредуваат мерки врз основа на кои потоа се постапува во било која област" вели професорот Јанев.

Истражувања денес прават и повеќе невладини организации кои финансиски главно опстојуваат од спонзорирања. Како проблем во јавноста често се посочува тоа што истражители се третираат од властите и партиите како услуга на која ќе се сетат по потреба.

"Инстиутот е една од најстарите институции за сериозно проучување на на јавното мислење што за жал кај нас се сведува за испитување на рејтингот на политичките партии, што е далеку од суштината на проблемот", вели професорот Јанев, додавајќи дека испитувањето на јавното мислење може да се користи за повеќе области за било кое прашање во општеството и тоа да биде основниот помагател на креаторите на политиките да ги осознаат перцепциите и ставовите на граѓаните во земјата, за да се добијат сознанија од идентитеска природа, политички расположенија, образовни потреби, здравствени политики итн.

Инститот ,инаку, е носител и на архива на научни истражувања што се правени во земјата во континитет со години наназад.

Науката потценета, малите плати ги загрижуваат професорите

Зборувајќи за нивото на слобода на научно истржувачката работа професорот Јанев вели дека одвишно е да се направи споредба со времето од претходниот политички систем поради самиот факт дека тогаш биле давани услови да се работи наука.

" Се оптоваруваме сите со стеротипи каков бил социјалистичкиот систем. Нашите анализи на истражувања историски што сме ги правеле во Институтот покажуваат дека речиси без ограничувања и со далеку поголема слобода сме настпувале пред јавноста со своите истржувачки прашања, кои засегале најчувствителни прашања во тоа време, дури од иделошка приорода за исправноста на водење на политика на комунистичката партија тогаш. Значи потребата од рефлективност кај општествените чинители на раководни позиции била многу потранспарентна и многу поотворена кон научни сознанија, а денес се игнорира науката и инпортираното знаење" вели Јанаев.

Големо е чувството дека штетите се непоправливи.

На лошите состојби во областа на науката во Македонија неодамна повторно укажа и независниот академски синдикат (НАкС) посочувајќи дека прв чекор за подобрување на состојбата во нaукaта е пред сè во имањето на желба и координација помеѓу надлежните институции во владата, универзитетите, Македонската академија на науките и уметностите и бизнис секторот за надминување на оваа многу тешка состојба во која се наоѓа науката, а со тоа и образованието во целина, во државатa"

Но, во истовреме кај дел од интелктуалците големо е чувството дека штетите веќе се непоправливи и оти веќе е доцна за освестување и правање планови со кои ќе се одвојат по значајни сретства за науката.

"Веќе нема кој да истражува. Како ќе убедам јас некој од способниве студенти да останат на факултет или во Институт да си ја жртвуваат младоста за дваесет илјади денари плата и никакви услови за работа? " вели Поп Симонова.

Недостасуваат и пари за проекти и човечки потенцијал

Професорката Гордана Поп Симонова од Земјоделскиот факултет има впечаток дека во времето на почетоците на својата кариера во научните и високо образовни институции, тие биле учени и потикнувани да бидат трагачи по вистината и по знаења , а оти денес во истите институции нема можности за вложувања во нова опрема која е непоходни за работа, нема финансиска подршка за проекти ниту за обновување на кадровскиот потенцијал.

"Во 2013 се занимаваавме со лабаратории, се поделија многу инструменти и нема кој да ги работи, и застареа, потребни се реагенси и потрошни матријали. Ни требат најмногу нови кадри зашто од вработување треба да поминат 2-3 години некој да стане магистар, односно асистент, уште 5 за да стане доцент, уште 5 за вонреден професор и уште 5 години за да стане професор" вели таа.

Опременоста на факултетите проблем во високото образование

Земјоделскиот институт во Скопје е формиран во 1944 година како една од првите научни институции на државата која почнувала да го гледа крајот на војната. Три години подоцна, формирана е и првата високообразовна институција, Земјоделско-шумарскиот факултет кој, пак, е еден од петте основачи на Универзитетот Кирил и Методиј.

Поп Симонова која се вработила во Земјоделскиот институт, непосредно по дипломирањето вели дека ја имала таа среќа зашто тоа била и последната година кога десетици нејзини колеги се вработиле, кој на факултетот, кој на институтот, како професори, асистенти или техничари. Таа алармира дека од 15 вработени на отсекот градинарство своевремено денес останале само четворица кои се занимаваат со оваа област.

"Сега, истите ние, ги броиме годините пред пензија. А во меѓувреме, вработувањата ги делеа како на капка, по едно вработување на секои пет години. Фатив и некоја година од убавите времиња кога во март се селевме на опитното стопанство. Кога мојот Завод за градинарство броеше петнаесет души, што професори, што асистени, што техничари и околу десет хектари опитни површини – само за градинарство. Од гореспоменатите петнаесеттина души, денес останавме четири од сите новоформирани и стари универзитети кои се занимаваме со градинарство. Просечната старост ни е 50 години" вели Поп Симонова, дополнувајќи дека од од водечка земја во регионот, препознатлива по своите градинарски производи денеска Македонија останува да талка зад сите, на опашката.

Укажува дека истржувачки конкурс не е објавен годин наназад и оти најголем дел од проектите кои ги работатат се финансирани од меѓународни организации, но оти тоа не се вистински научни проекти туку повеќе тековни анализи.

Последено поголемо истражување на кој e работено е од пред 10 години и повторно е меѓународен проект фисиран од шведска организација. Во рамки на проектот успеано е да се формира домашна мала банка на автохтони семиња, што денес се наоѓа во Земјоделскиот инститит. Но, проектот кој се реализирал од 2005 до 2010 година не продолжил натаму. Со тоа практично е оневозможено натамошно размножување семиња поради немање пари и услови.

"Семето се уште е на безбедно, во институтот, направивме колекција која треба да се чува на минус 4 степени целзиусови, и активна колекција која што значи дека на секој период од три -четри години треба да се размножува семенскиот материјал. Но, но тоа не се одржува зашто нема сретства, зашто треба површина, треба работна рака, требаат истражувачи кој ги немаме, се заканува опасност и тој семенски материјал да се изгуби. Тоа е последниот поголем проект со истражувачка компонента",вели Поп Симонова.

Во Скопје имало три пункта на опитно земјиште, а градинарскиот дел бил кај Радишани. Скопјани од повозрасната генерација денес се сеќаваат дека свовремено купавале кечап направен од доматот кој го селкционирале Институтот и факултетот.

Денес многу мал дел од тие површини се останати во рамки на Факултетот во Скопје, но недостасуваат и други потребни услови тоа да се искористи.

"Немаме кадар, за жал нема системи за наводнување потребно е минимум по осум работници на хектар за наводнување, понатаму оранжерии кои се трошок од 500 евра по метар квадратен. Инаку се работеше за опитни полиња значи не профитабилни. На дел од површините произведувавме семенски материјал и тргуваме со него, но од средината на минатата декада бевме подложени на плаќање на концесии што беше преголема сума, а со законот за концесии треба сите набавки да ги предвидуваме, требаше да направиме трговско друштво и таа вежба пропадна" вели Поп Симонова, објаснувајќи дека проблемите почнале да влегуваат на голема врата кога влегол на сила законот за трезорско работење. Практично, како што забележува,отогаш почнале да стасуваат побарувањата за концесија од Министерството за земјоделство, и престанал да се исплаќа „ненаучниот кадар“, со што замреле националните проекти.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG