Министерството за образование и наука воведе нови можности во државната матура. Од годинава се прифаќаат и четири нови форми на матурската проектна задача.
„Новата можност за реализација на проектната задача е базирана на интересите на учениците и на глобалните трендови во образованието, културата и социјалниот живот на младите. Овие проектни задачи овозможуваат разновидност во пристапот и создавање модели кои ќе го поттикнат креативниот потенцијал на матурантите и нивното критичко размислување за темите од современото живеење“. Вака Министерството за образование ги најави новите форми на матурска проектна задача.
Една од новите форми за матурска проектна задача е младинска иницијатива која ќе предизвика некаква промена во заедницата. Ова предвидува идеи за волонтерски активности, еко акции, обуки за стекнување одредени вештини, хуманитарни активности и помош и поддршка на ранливи социјални групи.
Потоа, втората можност е дигитални едукативни и социјални платформи, како електронски весник или тематски профил. Според МОН, овие платформи треба да обработуваат креативни и образовни содржини од областа на јазикот, културата, науката, уметноста, медиумите или влијанието на социјалните мрежи, општеството, граѓанското однесување во општествената заеднива и слично. Третата форма на матурска проектна задача е видеоматеријали, кратки филмови, новинарски стории на одредена тема, портрети на личности од важност за заедницата и кампањи за промовирање на позитивни вредности. Последната нова форма е уметничка или сценска изведба, односно драма, литературно читање, ораторска вечер, изложба, мултимедијален настан и слично.
„Преку новите можности за реализација на матурската проектна задача, учениците ќе ја покажат својата иновативност, креативност, творечки потенцијал, лични комуникациски вештини, младински активизам, свест за општествена одговорност, грижа за околината и помош и поддршка на различни социјални групи“, стои во соопштението на МОН.
Од Сојузот на средношколци велат дека со предлози ќе придонесат за подобрување и менување на постоечкиот модел на државна матура.
„Моделот на државната матура е стар и треба да се промени. Измените во матурската проектна задача е чекор напред за модернизација на образованието што ќе понуди поквалитетен пристап до образованиот систем“, изјави Бленди Ходаи, претседател на Сојузот на средношколци.
Покрај новите форми, остануваат и старите модели на реализација на проектните задачи, но и стариот систем за избор на предмети што ќе се полагаат за државна матура. Од МОН, информираа дека поради пандемијата со КОВИД-19, предметите кои ќе се полагаат ќе се подготвуваат со скратени наставни програми. Полагањето на државната матура е утврдена со Законот за средно образование. Првата пилот државна матура се одржа во 2006 година, а редовното полагање на државна матура започна официјално од 2008 година. Но, годинава, поради коронавирусот државната матура се откажа.