Достапни линкови

МОН потроши 3 милиони евра за дополнителни учебници, а родители се жалат на парталави


Комбо фотографија од учебниците кои група на родители ги испратија до редакцијата на РСЕ
Комбо фотографија од учебниците кои група на родители ги испратија до редакцијата на РСЕ

Над 3 милиони евра чинат тендерите за дополнителна набавка на учебници, кои МОН летово ги склучи со десетина фирми. Родители, пак, се жалат дека дел од учебниците, особено за средно образование се во лоша состојба и сами мораат да ги репарираат.

Помина еден месец од почетокот на учебната година, а власта се фалеше дека годинава за разлика од претходните седум години речиси го решиле проблемот со снабдување на учебници за секое дете. За таа цел од државната каса се одвоени 3,2 милиони евра за откуп на дополнителни учебници и дидактички материјали, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки.

„Обезбедивме за прв пат бесплатни учебници за сите на време, после долго време“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на 1 октомври, презентирајќи го постигнатото во првите сто дена од владение на новата Влада.

Но, реалноста е дека учебниците не се секаде навреме доставени, а дел од тие што се доставени се стари и речиси неупотребливи, велат дел од родителите и учениците за Радио Слободна Европа.

Дел од учениците од шесто до деветто одделение во основните училиште и средношколците веќе еден месец учат од стари и парталави учебници, а некои пак во стручните училишта и ги немаат сите учебници и материјали на број. Ова го покажува проверката на терен што ја направи Радио Слободна Европа.

46 годишниот скопјанец Влатко се жали дека неговите деца годинава не ги добиле сите учебници по предметите.

„Наводно добиваме бесплатни учебници, а секоја година имаме проблеми со учебниците и кај двете деца. Кај поголемиот, 8 одделение, воопшто нема учебник по историја, ниту можам да го купам од книжарница зошто никаде го нема. Тоа што го пишуваат во тетратка во училиште е премалку и ништо не објаснува. Англиски јазик учат од презентации на наставникот. Учебникот по македонски јазик е толку парталав, што една страница има, три нема...едвај го залепивме и пак не е функционален“, вели тој за РСЕ.

Фотографиите кои пристигнаа во нашата редакција од неколку основни и средни училишта покажуваат дека дел од учебниците се парталави, а на некои им недостигаат страници од материјалот.

Парталави учебници во учебната 24/25 година
Парталави учебници во учебната 24/25 година

Мајката на седмоодделенец од скопската општина Карпош, Оливера вели дека во училиштето и замениле само два од петте уништени учебници.

„Учебникот по математика нема предна страна, на учебникот по македонски јазик му недостигаат страници, биологија учебникот е фотокопија, а ни ги заменија со сосема нови учебниците по историја и географија. На децата на кои им недостигаа учебници класната раководителка се потруди да им обезбеди“, вели таа.

Проблемот со недостатокот на учебници е присутен неколку години, со разлика што годинава помалку учебници недостигаат од претходно, велат дел од родителите со кои разговараше РСЕ.

Ирена мајка на основец и средношколка од скопската општина Центар вели дека состојбата е подобра кај основците затоа што, таму е поверојатно дека оштетените учебници може да им бидат заменети со подобри. Но кај средношколците тоа е неизвесно.

Нејзиниот син добил три нови учебници како замена за старите и уништени кои му се паднале во комплетот. Таа вели, среќа што тоа се случило брзо по почетокот на учебната година, бидејќи претходно се случувало сама да ги репарира.

Но, нејзината ќерка која е прва година средно образование ја нема таа „среќа“.

„Е во средно е хаос. Таму нема замена. Што добиеш тоа е“, вели Ирена.

Tattered textbooks in the 24/25 school year
Tattered textbooks in the 24/25 school year

Таа објаснува дека дел од учебниците кои ги добила нејзината ќерка се веројатно користени од повеќе генерации.

„Видов дека некој ги шиел со игла, лепени, додавани фотокопирани страници, ама функционира. Кај некои учебници и недостигаат по десет до 15 листа, не страници, листови фалат, што е голем дел од материјалот. Ништо не направивме, мислев ќе им дадат нови, ама какви се такви се, ќе се снаоѓаме. Математиката знам дека беше интересно кога и ја дадоа, сите страници ги имаше, ама со ластици два попречно ставени, за да не се изгубат страниците“, објаснува Ирена.

Средношколец од стручно скопско училиште ни испрати фотографии од учебник за „Технологија на воден и воздушен транспорт“ на којшто му недостигаат и по десетици страници.

Парталави учебници во учебната 24/25 година
Парталави учебници во учебната 24/25 година

Тој вели дека многу од предметните наставници им предаваат по нова програма за која имаат стари учебници во кои ги нема новите материјали.

Како да учиме од парталави учебници?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:58 0:00

Само годинава Министерството за образование и наука (МОН) склучи договори за јавна набавка на учебници вредна 3,2 милиони евра. Јавните набавки се спроведени летово, а договорите кои се потпишани со десетина фирми имаат важност од три месеци, покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки. Станува збор за набавка на учебници и дидактички материјали.

Претходниот министер за образование Јетон Шаќири лани во август склучи двегодишни договори чија вкупна вредност изнесуваше 16,5 милиони евра. Тие договори се однесуваа на учебните 23/24 и 24/25 гдоина. Во неколкуте склучени тендери беше опфатено превод, печатење и дистрибуција. Со тие тендери требаше да биде покриена потребата од учебници и за оваа учебна година

Од МОН велат дка учебниците се печатат во тираж кој пред почетокот на учебната година, секое училиште го пријавува преку посебна електронска апликација на МОН, зависно од потребите како што е зголемен број на ученици или оштетени учебници.

„Доколку во некое училиште се случи на ученик да му биде доделен оштетен учебник кој не може да се користи, потребно е ученикот, односно родителите/старателите да се обратат до училишната комисија за учебници за да се замени“, одговорија од МОН на прашањето колку дотраени учебници се заменети со нови во текот на септември.

Оттаму велат дека годинава дополнитено се изработени и учебници и наставни материјали по повеќе предмети како на примери историја и општество за петто и шесто одделени и историја и греографија за седмо одделение.

Проблемот со учебници по странски јазици кои недостасуваат и во средно и во основното образование останува сами да си го решат родителите. Од МОН за Радио Слободна Еропа велат дека постапката за набавка била започната и поништена од претходното раководство и засега е во жалбена фаза.

Откако ќе заврши жалбената фаза, повторно ќе биде објавена. Очекуваме учебниците по странски јазици да се обезбедат пред почетокот на следната учебна година“, велат од МОН.

Минатата година Комисијата за спречување на дискримининација најави тужба против Министерството за образование затоа што во учебната 23/24 година недостигаа 43 учебници од вкупно 123 во основното образование. Но, лани во декември Комисјата на седница донела одлука да се повлече од идејата за тужба. Причината за тоа била што Комисијата заклучила дека проблемот бил надминат, велат оттаму за новинската агенција Макфакс.

Во меѓувреме МОН најави целосна ревизија на новата концепција за основно образование, која откако ќе се спроведе, може повторно да го направи предизвик обезбедувањето на бесплатни учебници за децата од основното образование.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG