Достапни линкови

Ребаланс на Буџетот – спас од клиничка смрт или барање алиби


Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска го презентираше ребалансот на Буџетот, 17 јули 2024 г.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска го презентираше ребалансот на Буџетот, 17 јули 2024 г.

Владата вели дека наследила хаос и долгови и со ребалансот очекува дека ќе ја подобри економската состојба на граѓаните. Дали ќе се зголемува минималната плата како што бараат синдикатите, засега нема конкретен одговор. Првичната проекција за економски раст е неостварлива. Новата власт обвини дека иако морале, претходниците не испланирале голем број расходи и трошеле недомаќински. СДСМ, пак, вели дека ВМРО-ДПМНЕ бара само алиби и нема да ја зголеми ниту платата ниту стандардот на граѓаните.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ го скрои ребалансот на државниот Буџет што го наследни од претходната владејачка гарнитура на СДСМ и ДУИ.

Првичните проекции за економскиот раст за 2024 година, како што рече, се неостварливи. Беше планиран да биде 3,4%, но сегашните макроекономските проекции се за 2,1%.

„Остварувањата во првиот квартал од 2024, како и одредени статистички индикатори за вториот, јасно покажуваат дека првично проектираниот БДБ е неостварлив. Инфлацијата е предвидена на ниво од 3,5 проценти, а растот на нето платата е предвиден за 13%“, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска откако ребалансот вчера (16 јули) се разгледуваше на владина седница.

Наредниот период тој ќе треба да биде усвоен и во Собранието.

Министерката за финансии рече дека лошата состојба што ја оставиле претходниците успеала да ги надмине и нивните очекувања и при подготовката на ребалансот наишла на „многу непријатни изненадувања“.

„Затекнуваме состојба која значи држава во хаос и долгови. Буџет кој е список на желби место креиран развој, предимензионирани плаќања. Економијата е во клиничка смрт“, зборуваше министерката за затекнатата состојба.

Штетата на Буџетот, според нејзината проценка, е 32 милијарди денари, а очекува за трошењето на народните пари да реагира и Јавното обвинителство.

Сепак, ветува дека со ребалансот како нова Влада ќе успеат да ја подобрат состојбата на огромен број граѓани и на бизнис заедницата, а нова надеж најавува со буџетот за 2025 кои сами ќе го креираат.

Според проекциите, приходите што се планираат во државната каса се на ниво нешто повеќе од 318 милијарди денари, додека расходите се очекува да бидат во износ од речиси 363 милијарди.

Тоа значи дека дефицитот ќе биде околу 44 милијарди денари, што е за околу 11 милиони денари повеќе од тоа што го предвиде минатата влада.

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ бара алиби, има пари за сè

Социјалдемократите, пак, кои ја предводеа претходната влада ги отфрлаат обвинувањата од новата власт. Велат дека во државната каса оставиле пари, а ВМРО-ДПМНЕ бара оправдувања.

„Првично она што се гледа е дека ВМРО-ДПМНЕ не предвидува зголемување на минималната плата, нема мерки и политики за зголемување на платите по сектори, а најавува зголемување на задолжувањето. Тоа не е добро, стандардот на граѓаните и на работниците треба да се зголемува, а не да се загрозува. Гледаме дека ВМРО-ДПМНЕ од прв ден бара алиби и се правда дека немало пари во буџетот. Има пари за се“, изјави пратеникот од СДСМ, Борче Цветков, најавувајќи дека детално ќе го анализираат ребалансот и ќе ги кажат своите забелешки.

За што државата ќе троши најмногу пари?

Меѓу најголемите ставки во Буџетот, според она што го презентираше министерката за ребалансот, се за плати и за пензии.

4,1 милијарда денари ќе се потрошат за плати во јавниот сектор, а меѓу нив се и 1,1 милијарда за блок дотации кои не биле планирани во основниот буџет.

„Во дел од институции имаше планирано плати само за до месец јуни. Евидентирани се сериозни проблеми во овој дел кој се резултат на индивидуалниот пристап на претходната влада за платите“, вели Димитриеска Кочоска.

Таа тврди дека имало проблем и во парите за пензиите за кои се предвидени пет милијарди.

Планираните пари со првичниот Буџет, тврди министерката, би биле доволни ако пензиите за декември 2023 не биле евидентирани во јануари.

„Реално евиденција на пензијата од декември имаме во јануари и на овој начин нереално е прикажан помал буџетски дефицит за 2023 во износ од 7 милијарди денари и тоа е една од причините што сегашниот буџетски дефицит бележи раст“, вели министерката.

Таа наброја повеќе ставки за што ќе се трошат пари, а за дел од нив обвини и дека претходниците воопшто не ги испланирале иако тоа им била законска обврска.

По 1,7 милијарда денари ќе отидат за доспеани обврски за плаќање во Фондот за здравствено осигурување и за субвенции за земјоделците; 1,3 милијарди за мерката „Мој ДДВ“; околу 644 милиони денари, ќе има за студентски оброк и стипендии, 550 милиони денари за ваучери во спортот, 143 милиони денари за кирии што ги плаќаат амбасадите и конзулатите, 150 милиони за Македонската радио-телевизија; 80 милиони денари за Бирото за развој на образованието односно за учебници итн.

Допрва ќе се разгледува растот на минималната плата

При презентацијата на ребалансот, министерката за финансии немаше прецизен одговор дали ќе се зголемува минималната плата како што бараат синдикатите. Рече дека она што е планирано за корекции на платите во администрацијата поради инфлацијата ќе се оствари, но за други покачувања прво ќе се проверува состојбата. За таа цел, потенцираше министерката, побарале од сите институции да направат функционална анализа да се види што се случува во секоја од нив.

„Паралелно со тоа ќе се види што ќе се прави со минималната плата. Како и да е, требаше да има корекција на плата на администрација и таа е предвидена во Буџетот. Знаете дека законски имаат право на корекција и таа вели дека ако инфлацијата е над три проценти, разликата помеѓу она што била реална инфлација и тие над три проценти им се додава, некаде чинам беше 0,7 проценти зголемување на платите согласно законот за јавниот сектор“, рече министерката.

Синдикатите, пак, бараа во првите сто дена новата Влада да ја покачи минималната плата на 450 евра, која во моментов изнесува околу 360 евра. Бараа и прием кај премиерот Христијан Мицкоски, а најавија и можни протести.

Големи разлики во плати и институции кои трошат, а не работат ништо

Зборувајќи за недомаќински трошења на државните пари, Димитриеска Кочоска, критикуваше дека има големи зголемувања на буџетите кај одредени институции, но и дека има такви кои не работат ништо, а трошат пари.

„Според мене, тие треба и да се укинат. Покрај тоа што тројца луѓе таму земаат плата, за некој предмет од 2004 што и денеска не е затворен, уште бараат и зголемување на патни расходи, трошат еден куп работи. Тие немаат ни предмет на работа. Тие треба да бидат затворени“, вели министерката.

Таа негодуваше и со разликите во платите во разни институции.

Еден кустос, посочи, зема над 70 000 денари плата, а возач во иста институција 35 000 денари.

„Во министерствата платата не е толкава. Актер првенец 80 000 денари, актер трета група 60 000. Добив информации дека голем дел од актерите немаат ниту една претстава во текот на годината. Во обвинителство имаме стигнато до плати од 170 000 денари, кај судиите се над 100 000 зависно колкав стаж имаат. А одделенски наставник има 38 000 денари. Притоа тој треба да ни ги образува децата. Ова ни го остава претходната влада“, рече Димитриеска Кочоска.

ВМРО-ДПМНЕ, заедно со коалицијата ВЛЕН (Вреди) и партијата ЗНАМ ја формираа Владата по парламентарните избори одржани на 8 мај. Кабинетот на Мицкоски беше изгласан на 23 јуни и ова е прв ребаланс што го прави новата владејачка гарнитура.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG