Седум испити и дипломски труд го делат студентот Илија Велјаноски од диплома за професор по филозофија. Тој вели дека на Филозофскиот факултет во Скопје се запишал од љубов.
„Уште откако се запишав знаев дека можностите за работа се мали. Но, не е сè во парите, па студирањето го сфатив како лично надградување, односно тренирање на мислата“, вели Велјаноски во разговор со РСЕ.
Сепак, тој би сакал да може наученото да го пренесе на помладите од него. Но, тоа му се чини уште понеизвесно додека ги следи случувањата околу Предлог-концепцијата за реформи на гимназиското образование, објавена на страницата на Бирото за развој на образование (БРО), каде има повик за јавна дискусија.
Но, освен дискусија, предложеното предизвика и револт кај гимназиските наставници по Филозофија, Логика и Етика. Тие вчера (27 јануари) преку отворено писмо се изјаснија против предлогот.
„Оваа концепција, во која се отстранети филозофијата и општествено-хуманистичките науки нуди ограничен светоглед без можност за аналитичко, синтетичко, критичко и креативно мислење“ порачаа гимназиските наставници.
Меѓу нив е и Трајче Серафимовски, кој предава филозофија во скопската гимназија „Георги Димитров“.
„Ова практично значи замирање на филозофијата во Македонија“, вели Серафимовски за РСЕ.
Додека наставниците прашуваат како ќе мислат учениците ако не ги знаат законите на логиката или како ќе бидат доблесни, ако не ги знаат начелата на етиката, Министерката за образование и наука Весна Јаневска, во вчерашната изјава за медиумите порача дека предметите филозофија и логика се исклучени од концептот.
„Не е точно, ниту филозофија, ниту логика се исклучени. Но, како и да е, ова е драфт верзија поставена на јавна расправа“, рече министерката Јаневска.
Според Јаневска предметите ги има, а според наставниците ги нема
Сега, предметот филозофија задолжително го изучуваат гимназијалците во четврта година. Новата концепцијата предлага да биде изборен за учениците во трета и четврта година.
„Остануваме без часови. Учениците сигурно нема да избираат филозофија, затоа што ние немаме никаков контакт со нив во прва и втора година. Тие кога ќе дојдат во трета година треба да бираат филозофија без никаква информација за тоа што е филозофијата“, вели Серафимовски.
Во однос на забелешката дека воопшто ги нема предметите Логика и Етика, од БРО за РСЕ велат дека предметот филозофија, кој се наоѓа во изборниот дел од наставниот план, вклучува интегрирани содржини од етика и логика.
„Оваа интеграција е направена за да се обезбеди покомплетен пристап кон клучните концепти што ги обработуваат овие дисциплини, додека истовремено се избегнува фрагментација на наставниот план и дополнително оптоварување на учениците“, истакнуваат од БРО.
Професорите по филозофија со кои разговараше РСЕ, пак, имаат забелешка и за тоа што не само што Филозофија е предложено да биде изборен предмет, туку е во групата на предмети за почетно изучување, со само два часа неделно. Ова е најмалку што може, или двојно помалку од предвидените четири часа за другите изборни предмети за кои се предвидува продлабочено изучување.
„Да за реформи, но не на овој начин“
Засегнати од промените се и професорите по латински јазик, а забелешки имаат и социолозите чии предмети исто се предлага да бидат изборни.
Предложената концепција предвидува предметот Социологија кој сега е задолжителен за гимназијалците во втора, да стане изборен во трета и четврта година, а Психологија да влезе како задолжителен предмет во втора година.
„Ќе се креира проблем со тоа што наставниците по социологија би останале без часови, а на тоа место во втора година се внесува предмет психологија, што е многу индикативно. Како да се сака да се каже, за Македонија нема општество, има поединци, единки, индивидуи со лични проблеми и прашања, и тука сега психологијата ќе им помага“, вели професорот Ило Трајковски од Институтот за Социологија.
Повеќе од 20 години не се направени промени во македонското гимназиското образование, а учениците имаат слаби резултати на меѓународните тестирања, што според МОН е плод на актуелниот систем. Затоа, велат, одлучиле да почнат процес на промени во кој ќе учествуваат сите засегнати страни и стручната јавност.
И според професорот Трајковски, гимназиското образование треба да се реформира, бидејќи концептот е стар повеќе од две децении, но не на ваков начин.
„Во општество како нашето, лоцирано на територија која е трусно подрачје, и социолошки и политички, тоа е многу време. Значи, од таа страна има потреба од реформирање на гимназиското образование. Меѓутоа, процесот не е инклузивен“, вели Трајковски.
Според него, не е јасно врз кои принципи се влегло во промената на наставен план.
Укинување на работните места?
Наставникот Серафимовски стравува за своето работно место во гимназијата каде сега предава Филозофија и смета дека тоа практично се укинува на скриен начин.
Студентот Кирил Божиновски, кој студира Филозофија во втора година се согласува дека професорите би биле загрозени, но нешто друго уште повеќе го плаши.
„Нема да имаме никаква улога и нема да можеме да го работиме она што навистина го сакаме. Но, повеќе се плашам за тоа како ваквите промени би влијаеле во општеството. Бидејќи филозофијата како правец ги отвора патеките во многу други насоки, како на пример критичкото размислување“, вели Божиновски.
Наставниците по Филозофија ќе продолжат да имаат значајна улога во образовниот процес, уверуваат од Бирото за развој на образованието.
„Нивната експертиза е потребна за наставата по овие изборни предмети, како и за реализација на активности кои ги развиваат критичкото размислување, аналитичките способности и моралните вредности кај учениците“, велат од БРО во одговорот за РСЕ.
Велејќи дека во фокусот на промените мора да биде најдобриот интерес првенствено на учениците, од МОН додаваат дека концепцијата ја подготвиле согласно резултати од истражување на мислењето на ученици од погорните класови во гимназиите, кои посочиле на предвидените промени.
„Не може по анкета пуштена меѓу ученици, родители и наставници, кадешто прашањата се од наведувачка природа, вие да аргументирате дека има потреба да се прави ова што сега се предлага да се прави“, дециден е наставникот Серафимовски.
Неизвесна иднина на најстариот факултет во земјата
Загрижени дека ако се примени концепцијата би се намалил интересот за студирање се и Серафимовски, но и дел од колегите од катедрата по Филозофија со кои разговараше РСЕ. И тие велат дека ги усогласуваат ставовите и наскоро ќе излезат со заеднички став во јавноста.
Дел од нашите соговорници дури се плашат и дека може да стане неизвесна иднината на најстариот факултет во земјата, Филозофскиот факултет, кој почнал со работа уште во 1920 година.
Од Бирото, пак, порачуваат дека тоа што предметот Филозофија досега бил задолжителен не било пресудно за зголемување на интересот за студирање на оваа дисциплина.
„Реформите, напротив, овозможуваат учениците кои се вистински заинтересирани за филозофските концепти да го изберат предметот како дел од нивниот индивидуален образовен пат, со што се поттикнува автентична ангажираност и посветеност кон оваа област“, велат од БРО.
Без оглед на промените кои ќе се случуваат, во никој случај нема да биде доведено во прашање функционирањето на Филозофскиот факултет, бидејќи генерално на општеството му се потребни кадри и од оваа високообразовна установа, кои не мора да значи дека треба да бидат вработени исклучиво како наставници, велат од МОН.