Достапни линкови

Ќе згасне ли џагорот во Дневниот центар за деца на улица?


Центар за деца на улица во Шуто Оризари, Скопје
Центар за деца на улица во Шуто Оризари, Скопје

Државата прво му ги секна парите, па му ја одзеде лиценцата на Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари затоа што во апликацијата им недостасувал еден документ. Вработените сега работат без плати, со донации за храна и прибор. На децата, кои биле питачи, можеби денешното ќе им биде последно заедничко одбележување на Меѓународниот ден на Ромите.

„Тука секој ден е интересно, заедно си играме и пишуваме. Понекогаш заедно учиме да држиме ножички, а понекогаш и како да миеме раце“, вели деветгодишната Ѓулизар, која е дел од дваесет и четирите корисници во Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари.

Додека срамежливо се смешка, со едната рака си игра со долгата брановидна коса, а со другата ја држи сестра си Медихан. Таа е две години помала од неа и штотуку тргнала на училиште, но Ѓулизар веќе знае дека кога ќе порасне сака да стане учителка. За тоа ја инспирирале вработените во Центарот кои не само што ја едуцираат туку и ја воспитуваат.

Овој Центар во единствената ромска општина во светот, Шуто Оризари е втор дом и за братчето на овие две девојчиња, петгодишниот Али.

Но вратите за нив и за останатите деца од кои најмалото има четири години, наскоро би можеле да останат затворени.

Депонии опасни по живот во Шуто Оризари, додека Дудуш и Арсовска се надмудруваат
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:06 0:00

Дневниот центар кој постои веќе 19 години, е под капа на „Здружението за заштита на правата на детето“ кое во декември аплицирало за финансиска поддршка.

Еден месец подоцна добило известување од Министерството за социјална политика, демографија и млади дека сепак нема да ја добие.

Нема ниту за плати, Дневниот центар кубури со средства

Раководителката на Дневниот центар, Ирена Велкоска за Радио Слободна Европа вели дека договорот за добивање финансиска поддршка не успеале да го потпишат бидејќи им недостигал документ од Управата за јавни приходи.

Дневен центар за деца на улица, општина Шуто Оризари
Дневен центар за деца на улица, општина Шуто Оризари

„Еднаш годишно Министерството објавува јавен оглас или повик каде што се повикуваат сите лиценцирани даватели на социјална услуга за да можат да добијат финансиска поддршка и се наведува документацијата што е потребна за да се аплицира. Но нам ни недостигаше едно уверение за платени јавни давачки, што не беше наша вина. Не ни беше издадено од самата институција односно од УЈП“, вели Ирена која 19 години им ги менува животите на подобро на децата од Шуто Оризари кои најчесто питачеле по улиците на Скопје.

Таа и нејзините колеги со месеци работат без плата, а додека се грижат за децата обезбедуваат донации за да купат храна, училишен прибор и хигиенски средства за нив.

„Со донирани средства плаќаме и кирија, бидејќи овој простор каде што е сместен Центарот, е под наем. Ние вработените така ентузијастички доаѓаме без надомест. Голема штета е овој центар да згасне“, вели за Ирена за РСЕ.

Во меѓувреме, од минатиот месец Дневен центар остана и без лиценцата односно дозволата за работа. Вработените очекуваат надлежното министерство да испрати комисија која ќе направи увид во просторната исполнетост на условите, па доколку даде „зелено светло“ тие повторно ќе аплицираат за нова финансиска поддршка.

Ирена вели дека финансирањето со државни пари е единствениот начин на кој доаѓале до средства и изминатите години бидејќи како што посочува, здружението не е толку развиено за да аплицира за грантови или средства од други фондови.

„Ние бевме сместени во една друга куќа исто во општината Шуто Оризари, но имаше забелешка од надлежните дека тие простории не ги задоволуваат условите. Овде сме од октомври и кога дојде комисијата, тогаш бевме во фаза на реновирање. Овие простории сѐ уште не беа средени, но сега чекаме повторно да дојде комисијата и да направи увид. Лиценцата се обновува на пет години. Нашата не беше истечена туку одземена“, додава Ирена.

Затворањето на Центарот ќе ги врати децата на улица

Таа стравува дека затворањето на Дневниот центар ќе ги врати децата на улица каде што ќе се изгубат и оние навики кои претходно ги создале. Таа додава дека освен со децата, вработените од Центарот работат и со нивните родители за да може да се вклучат на пазарот на труд.

„Па и тие родители се деца, некои од нив се на 22 или 23-годишна возраст. Сите се работоспособни и нам целта ни е да се вклучат на пазарот на трудот. Сакаме да ги зајакнеме економски и тоа се промените кои ги правиме“, вели Ирена.

Додека разговараме со неа, од соседната просторија се слушаат детски песнички, гласно смеење и џагор. Всушност, таа вели дека тоа е секојдневие за нив, но работата не е така лесна и едноставна како што изгледа бидејќи тоа се деца кои живееле на крстосниците низ главниот град. Со нив работи тим од психолог, социјален работник, воспитувач и негувател.

Надминување на проблемите преку игри

Психологот, Здравко Ставров за Радио Слободна Европа вели дека со децата се работи и групно и индивидуално.

Децата се најискрени кај нив лесно може да се забележат емоциите. Па така пристапуваме кон разни техники и игри за да согледаме или решиме некој проблем“, посочува Ставров.

Тој вели дека како психолог првпат работи со деца, но според него, нивната невиност носи посебна енергија и мотивација.

Дневен центар деца на улица, Скопје
Дневен центар деца на улица, Скопје

„Кај децата воспоставуваме позитивни навики, без разлика дали се хигиенски или се поврзани со учењето. Работата е динамична, но пристапот е едноставен. Мора да се спуштите на некое детско ниво, за да има напредок“, смета Ставров.

Центарот работи секој ден од понеделник до петок од 08 до 16 часот и како што вели, желбата на најмалите уште од изутрина да се таму, доволно кажува за тоа колку се среќни со таквите активности.

Најголемата радост како што ни кажаа вработените, се случува во моментите на роденденски прослави. Некои од дечињата пред да дојдат во овој Центар не ни знаеле кога е нивниот роденден и токму таму за првпат дувале роденденски свеќи.

„Се случувало некој да не знае кога му е роденден или колку години полни. И кога ќе му кажеме, тогаш неговите очиња се вџашени од радост“, вели Ирена.

Во овој Центар може да доаѓаат деца на возраст од четири до 14 години, но раководителката вели дека тие комуницираат со нив и кога веќе ќе излезат од таму. Вели особено девојчињата се тие кои се поотворени кон нив, па кога сакаат да споделат за некој успех на училиште или пак, се соочуваат со тешкотија, прво се јавуваат на некој од тимот кој работел со нив.

Здружението не ги исполнуваше условите - велат од Министерството

Од Министерството за социјална политика, демографија и млади стојат на ставот дека „Здружението за заштита на правата на детето“ не ги исполнувало условите пропишани во Јавниот конкурс за доделување финансии за давање социјални услуги.

„За ова, Здружението е благовремено известено и информирано“, нагласуваат од Министерството.

Воедно, додаваат од оваа институција, дадено е мислење за одземање на дозволата за вршење на работа во социјалната заштита за обезбедување на именуваната услуга.

Оттаму наведуваат дека „од страна на Комисијата за лиценцирање на даватели на социјални услуги при Министерството до Одделението за социјално вклучување, доставено е мислење за неисполнетост на условите за вршење на работа од социјалната заштита - за услугата центар за дневен престој за деца во ризик. Воедно е дадено мислење за одземање на дозволата за вршење на работа во социјалната заштита за обезбедување на именуваната услуга.

„Врз основа на ова е изготвено соодветно Решение и истото е доставено до Здружението согласно позитивните законски прописи“, наведуваат од Министерството.

Додека вработените во Дневниот центар ги „арчат“ и последните трошки надеж дека нивната работа нема да згасне, тие денеска садат цвеќиња со децата со дворот на објектот во Шуто Оризари. Со оваа активност го одбележуваат Меѓународниот ден на Ромите, 8-ми Април.

Меѓународен ден на Ромите

По повод овој Меѓународен ден, уште вчера од државниот политички врв пристигнаа пораки за напори за вклучување на Ромите на пазарот на трудот. Премиерот Христијан Мицкоски призна дека ромската заедница „предолго живее на маргините, а нееднаквоста е реална“.

Наспроти неговата изјава дека за „ромските деца, образованието не е само опција, туку надеж“, токму овие деца би можеле да завршат на улица наместо во училишните клупи, да го слушаат звукот на сообраќајниот метеж на крстосниците, наместо на училишното ѕвонче ако по речиси две децении постоење згасне Дневниот центар за деца на улица.

Во Дневниот центар децата освен што се подготвуваат за училиште, ја одржуваат и личната хигиена, се бањаат, добиваат и оброк кој во текот на денот на повеќето од нив им е единствен. Вработените велат дека во изминатите 19 години низ Центарот поминале околу 600 деца и дека спречиле над 200 малолетнички бракови, а им помагаат и да се вработат.


XS
SM
MD
LG