Една од успешните приказни во социјалното претприемништво ја испишува 23-годишната скопјанка, Марија Бургиева. Идејата за третман на биоотпад која ја добиле со нејзините врсници Марко и Лепа во средношколските денови, веќе е трансформирана во социјалното претпријатије „О-Круг“. Овие млади луѓе ја користат кората од портокал за производство на есенцијални масла и ароматизери.
Политиколог по професија, Марија одлучила да го следи примерот на својата мајка и во социјално претпријатие да ги отвори вратите за маргинализираните граѓани.
„Јас сум дете на самохрана мајка и мисијата на О-круг е да ги зголемуваме можностите за децата од семејна разновидност. Па така, идејата за третман на биоотпадот не беше случајна. Мојата мајка, Наталија е една од првите социјални претприемачки во земјава. Нејзиното социјално претпријатие „Мама органа“ третира биоотпад во целост. Таму фокусот е на самохраните мајки или на жени жртви на семејно насилство коишто се вработени во тоа социјално претпријатие, а нивните деца всушност се вклучени во мисијата на О-круг“, додава Марија Бургиева.
Но таа стравува дека и нејзиното и другите социјални претпријатија тешко ќе опстојат ако државата наскоро не го донесе Законот за социјално претприемништво. Овој предлог закон речиси цела деценија чека зелено светло, но ниту една власт до сега не го ставила на дневен ред.
Марија вели дека властите само ветуваат, но не го донесуваат законот со кој ќе им се помогне на сите категории граѓани да добијат редовно вработување, здравствено и пензиско осигурување.
„Да се фокусираме на приказните на луѓето. Тоа што некој доаѓа од одредена категорија не значи дека има помалку вештини или способности од некој друг. За жал, сè уште немаме поддршка од државата и отсуствува системската поддршка“, смета Бургиева.
Овие претпријатија се важни не само за луѓето со попреченост, за социјално ранливите групи, туку и за реинтеграција на поранешни зависници од дрога или алкохол. Па така, меѓу нив се вбројува и првата продавница за половна облека на Црвен крст „Копче“. Ова социјално претпријатие не само што ги вработува маргинализираните, туку за нив обезбедува бесплатна или облека која може да се купи за ниска цена. Ранливите категории граѓани се работно ангажирани и преку социјалното претпријатие „Лице в лице“, улично списание кое може да се купи во повеќе градови.
Сепак без правна регулација, луѓето кои се занимаваат со социјално претприемништво се без постојано вработување, вели за РСЕ универзитетскиот професор, Димитар Николоски.
„Тоа е најголемиот проблем, во најразличните облици на социјално претприемништво, населението се ангажира спорадично. Пред сè, тука имаме договори на дело или сосема неформално вработување. На овие луѓе не им тече стаж, немаат пензиско и здравствено осигурување што секако дека преку законското решавање на оваа проблематика би се надминало“, смета професорот Димитар Николоски од Економскиот факултет во Прилеп.
Поддршка за опрема и плати
Анализата на Националниот центар за социјални претпријатија говори дека нивната бројка во земјава е околу 60. Центарот мапирал дека 20 од нив постојат минимум пет години, а останатите 40 се формирани во последните три години и сè уште ги тестираат своите производи или услуги. Тие работат под менторство на Сузана Трајковска која им помага да ја сочуваат својата мисија, но и да направат бизнис план за да бидат одржливи.
Таа во изјава за РСЕ, посочува дека социјалните претпријатија сакаат поддршка од државата во делот на опремата и платите.
„Тоа го бараме и во новото законско решение. Предложивме овие претпријатија барем во првата година да имаат поддршка за да застанат на нозе, а потоа ќе мора самостојно да се одржуваат“, додава Трајковска, социјален бизнис ментор.
Според неа, за разлика од европските социјални претпријатија кои можат да аплицираат на тендери, кај нас речиси и да нема такви примери.
„Во моментот постои можност некое социјално претпријатие да добие тендер преку таканаречените резервирани договори, но таа не е искористена. Општините немаат искуство и се плашат да го користат таквиот договор. Ние сме направиле напори да ги убедиме, но тие резервирани договори се мали и се до пет илјади евра. Најчесто се врзани со организација на настани, уредување на зелени површини и слично“, објаснува Трајковска.
Со недоволна поддршка од институциите, домашните социјални претпријатија имаат ограничен пристап до фондови и ресурси воопшто, покажува нивното искуство. Оваа област сè уште не е ни јасно дефинирана, па се очекува новиот Закон меѓу другото, да ја даде и дефиницијата.
Претседателката на здружението за социјални иновации АРНО, Ирина Јаневска вели дека оваа област носи голем потенцијал за позитивни промени на повеќе нивоа затоа што социјалните претпријатија не само што ја намалуваат невработеноста, туку и ја зголемуваат социјалната кохезија.
Стратегијата недоволно видлива
Додека се чека на законот, развојот на оваа област на хартија добива поддршка од Националната стратегија за социјални претпријатија (2021-2027). Јаневска од Здружението АРНО, потенцира дека овој документ е добар чекор напред, но имплементацијата не е доволно видлива.
„Во недостиг на финансиска поддршка и конкретни активности кои ќе допрат до локалните претприемачи, Стратегијата е повеќе документ, отколку активен план за промени“, посочува Јаневска.
Таа вели дека политичка волја постои, но со честите промени на кадрите во институциите, работите секогаш почнуваат од нула.
„После десетина години, ние сме со кренати раменици и немаме многу сила и време да инвестираме во процесот, одново и одново. Наш личен впечаток е дека токму овој Закон мобилизираше куп колеги, граѓани, експерти. Ние имаме голем проблем со институционална меморија, кога ќе се сменат луѓето во институциите, работите се дискутираат од нула“, заклучува Јаневска.
Граѓанскиот сектор бара претстојното законско решение да им даде приоритет на социјалните претпријатија на државните тендери, а нивните производи да се продаваат со посебен таг односно ознака налик „купувам домашно“ за да имаат поголема препознатливост.
Социјалните претпријатија сега се регистрирани како невладини организации или занаетчии, па еден од предлозите е нивното регистрирање како посебна правна форма да чини само 60 денари или едно евро.
Предлог-законот за социјално претприемништво го изготви Министерството за труд и социјална политика во 2015-та година. Со неодамнешната реорганизација на институциите, ова прашање сега е под надлежност на Министерството за социјална политика, демографија и млади кое отпочна средби со засегнатите страни.
Ресорниот министер, Фатмир Лимани одговарајќи на прашање на Радио Слободна Европа, истакна дека законот веќе е во завршна фаза.
„Наша цел е секој закон којшто ни ги отвора вратите на Европската унија да се подготви и истовремено сите овие закони да ги поминат сите филтри од нашето Министерство во Влада и до Парламент. Мислам дека за кратко време ќе биде и целата оваа процедура завршена“, кусо посочи Лимани.
Пред три години додека политиките во МТСП ги „кроеше“ министерката Јагода Шахпаска, беше отворен и првиот Национален центар за поддршка на социјалните претпријатија. Тогашната Влада која го отвори ваквиот Центар со средства од ЕУ, преку Фондот за иновации и технолошки развој овозможи поддршка од шест милиони денари за проекти за социјално претприемништво.