Убавите приказни за згрижување на деца поттикнати од хуманост често се објавуваат во медиумите како добар пример дека се исполнети многу детски соништа. Но, последниот пример јавно објавен од обвинителството покажува дека сепак меѓу дел од овие луѓе може да се родат и криминогени идеи или намери кои не се за потценување.
На почетокот на март беше објавено дека Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отворило истрага за нелегало посвојување на новороденче во што посредувала жена згрижувач на деца.
Од она што може да се види на сајтот специјално креиран за заинтересирани згрижувачи, меѓу другите документи кои треба да ги поседуваат луѓето кои сакаат да згрижат дете треба да имаат и потврда за неосудуваност за нив и за сите полнолетни членови на нивното семејство.
За малолетните членови на семејствата потврда дава центар за социјални грижи за тоа дали децата се евидентирани како деца во ризик или деца сторители на кривични дела и прекршоци.
„Еден од критериумите е и : „да не му е изречена осуда за кривично дело со казна затвор повеќе од шест месеци“, (член 122, ст.6) Доколку лицето се има стекнато со статус згрижувач, еднаш годишно задолжително ја обновува потребната документација до надлежниот Центар за социјална работа, и на тој начин може да се констатираат промени во исполнетоста на критериумите“, велат од Министерството за социјална политика, демографија и млади.
За згрижено дете државата на згрижувачот му исплаќа речиси 20 илјади денари, а сумата се намалува за околу 2 500 денари ако се згрижени две или повеќе деца. Така на пример ако едно семејство кај себе прими пет деца од државата ќе добие 65 илјади денари месечно.
Од Првата детска амбасада „Меѓаши“, се запрепастени од случајот и велат дека институциите потфрлаат како и во конкретниот случај со надзор врз згрижувачкото семејство, но и врз социјалното семејство од кое било тргувано со новороденчето.
„Недостига строг надзор на родителското право, надзор од страна на Центарот за социјална работа. Овие семејства мора да се доедуцираат за тоа како може да опстојуваат бидејќи седум деца денеска е мноту тешко да се одгледуваат и поради тоа токму центарот за социјална работа мора да има увид. Подведувањето на родителите и искористувањето на нивната тешка социјална и економска состојба укажува на тоа дека не само што се ранливи туку можат да бидат инволвирани во мрежа на организиран криминал и трговија со деца како што е и во овој случај“, вели Змијанац.
Министерството не утврдило пропусти кај згрижувачот кој 20 години чувал деца
Од Министерството за социјална политика, демографија и млади за Радио Слободна Европа откриваат дека осомничената згрижувачка била регистрирана кај нив веќе 20 години.
„ Во период кога згрижувањето е под надлежност на Центарот за социјални грижи Скопје, посочениот згрижувач е регистриран како таков околу 20 години. Во однос на децата кои биле згрижени од страна на посочениот згрижувач Ве известуваме дека за истите веднаш е постапено и тие се згрижени во други згрижувачки семејства“, велат од Министерството.
Од таму не знаат дали можеби истата жена и порано посредувала во трговија со деца, но велат дека поради овој случај испратиле вонреден инспекциски надзор до надлежните институции а тоа е домот „11 Октомври“ под кој е Центарот за поддршка на згрижувачки семејства и до центарот за социјални работи - Скопје.
„ Кај посочениот згрижувач не се констатирани никакви забелешки, сомнежи и неправилности при извршувањето на згрижувачката функција“ велат од Министерството.
Обвинителството истражува продажба на новороденче
Обвинителството работи на истрагата, е кусиот одговор кој Радио Слободна Европа го доби на неколку прашања поврзани со последниот случај за трговија со новороденче. Од таму велат дека еднствено што можат да кажат е дека пријавила мајката.
„Родилката го пријавила случајот откако го побарала новороденчето да ѝ го вратат, но „таткото“ одбил да го стори тоа.
Се работи за специфичен случај во кој брачен пар си „пазарил“ се уште неродено дете за сума од 5 илјади евра. Со помош на жена која е регистрирана кај социјалните служби како згрижувач на бездомни деца дошле до бремена жена од која сакале да го купат новороденчето. Таа била веќе мајка на 6 деца и живеела во сиромаштија, па „жената згрижувач“ и ги плаќала гинеколошките прегледи во Скопје и Куманово и и давала месечни трошоци од околу 250 евра. Додека била бремена ја запознала и со брачниот пар кој за пари на незаконски начин требало да го посвои детето.
„По породувањето, брачниот пар ја однеле на нотар каде потпишала изјава со која го признава првоосомничениот за татко на новороденчето и му го дава старателството, доброволно оставајќи го на чување, воспитување и издржување. Веднаш потоа осомничениот брачен пар ѝ исплатил 4000 евра, а подоцна кога го побарала детето да ѝ го вратат, првосомничениот ја одбил нудејќи ѝ уште 1000 евра и укажувајќи ѝ дека со потпишаната изјава таа веќе се откажала од него“, пишува во соопштението на обвинителството објавено на 6 март.
Сега веќе во притвор се несудениот татко и мајката.
Од Министерството за социјала велат дека родилката на која ова и било седмо дете е евидентирано во социјалните служби при постапка за развод на брак. Таа била разведена со правосилна судска пресуда и четирите малолетни деца со правосилна пресуда се доверени на таткото каде и сеуште престојуваат. За останатите три за кои се грижела мајката меѓу кои и бебето не откриваат каде се сега.
Случајот во „Брчко“ во БиХ со куќата за деца го разбранува Балканот
Се уште трае истрагата за осумтемина осомничени за трговија со луѓе, трговија со деца и занемарување деца, откако на 25 февруари во приватна куќа во Брчко беа пронајдени 31 дете, за кои властите се сомневаат дека се нивни жртви.
Уапсени се и луѓето кои се претставувале како родители или роднини на децата, а од тамошното обвинителството потврдуваат дека ја истражуваат улогата на овие лица во овој случај.
Според последните податоци утврден е идентитетот на 19 деца кои на крајот на февруари беа пронајдени во куќа во Брчко, на североистокот на Босна и Херцеговина, а за 12 нема сигурни информации, соопшти Окружното обвинителство - Брчко на 14 март.
Станува збор за 23 девојчиња и осум момчиња на возраст од две до 12 години. Утврдено е дека некои од нив се родени во Италија, Хрватска, Шпанија, Франција и Босна и Херцеговина.
Она што остана се уште мистерија е како децата завршиле во таа куќа, колку време престојувале таму, чии се тие деца и од каде се и дали за оваа куќа се знаело, но се молчело.
На прашањето на новинарите дали децата биле малтретирани, обвинителот одговори дека две лица се во притвор.
„За да се одреди притвор, мора да постои основано сомневање, барем така утврди судот - постои основано сомневање за занемарување и злоупотреба“, рече Радмило Ивановиќ, в.д. главен обвинител во округот Брчко на прес-конференција..
Според него, на децата им била пружена грижа и третман кој им бил потребен, но немале соодветни услови за долготраен престој.
Според дел од медиумите наводно за чување на децата и било плаќано на жената која е мајка на сопственикот на куќата. И двајцата се меѓу притворените.
Соседите и покрај тоа што знаеле за оваа куќа во која се чуваат туѓи деца на незаконски начин ништо не пријавиле, а настанот од полицијата бил откриен откако едно 12 годишно девојче успеало да избега и да каже дека спротивно на својата волја е таму и дека има уште многу деца.