Да можам сега да избирам, сурогат-мајка од Украина би ми била прва опција, а не трета, вели скопјанката Гордана (РСЕ не ѝ го употребува вистинското име) раскажувајќи го патот што го поминала да добие дете откако поради здравствени причини сите други опции се покажале невозможни за неа.
Гордана ја почнала процедурата во Украина во 2018 година, иако четири години претходно сурогатството (кога една жена раѓа дете за други родители)со закон беше овозможено и во Северна Македонија.
Закон на хартија има 10 години, но во пракса тешко функционира, па луѓето со таква макаи денес одат во Украина и особено во Грузија во последно време, вели таа.
Во овие две земји сурогатството е дозволено, плаќањето e законски регулирано, а спојувањето на сурогат-мајките со заинтересираните лица го прават специјализирани агенции.
„Кај нас, најголем проблем е што законот е оставен на алтруизам - на жената која ќе ти роди дете не смееш ништо да ѝ платиш. Од друга страна, ти треба сам да најдеш таква жена и со неа да одите на комисија во Министерство за здравство, па има процедура за прегледи, за одобрување...Во ова време на сиромаштија, алтруизам не функционира. Таква жена, за без пари, може да е мајка, сестра, пријателка.. а ако ја немаш? Требаше да се дозволи комерцијално сурогатство, бидејќи сега парите ги даваме во други држави, наместо да ги оставаме кај нас“, вели Гордана.
Во нејзиниот случај, процедурата траела околу година ипол. Платила 40.000 евра, колку што била цената пред седум години.
Од Украина се вратила со две деца, близнаци кои во септември ќе тргнат во прво одделение.
Гордана познава и други македонски семејства кои веќе нашле или бараат сурогат мајки во Украина и во Грузија.
Сурогат мајките најчесто се блиски лица на брачните парови
За разлика од Гордана и нејзиниот сопруг, други брачни парови се обидуваат да ја искористат законската можност достапна во земјава.
Сурогатство во Северна Македонија беше овозможено со измени во Законот за биомедицинско-потпомогнато оплодување во 2014 година. Стапи на сила една година подоцна, во 2015. Намерата беше да им се излезе во пресрет на брачни парови кои не можат да имаат деца на друг начин и да се зголеми наталитетот.
Оттогаш, во земјава се родени 12 деца од сурогат мајки во 9 постапки, според податоците од Министерството за здравство за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Од 2016 година досега, вкупно 42 брачни двојки се запишани во регистарот што го води Министерството. Запишувањето во овој регистар е еден од условите да почне постапката за добивање дете од сурогат-мајка.
Најголем интерес имало во 2023 година, кога се запишани 11 брачни двојки. Од почетокот на 2024, пак, се досега, девет брачни доставиле пријави да бидат запишани во регистарот.
„Во текот на годините, интересот кај брачните парови за оваа постапка се зголемува“, велат од Министерството за здравство.
Жена која ќе роди дете за друг треба да ги исполни следниве услови: да биде македонска државјанка, да има најмалку 25 години, да биде мајка на најмалку едно дете, да не ѝ е одземено или ограничено родителското право, да нема тешко хронично заболување...Зачнува со постапка ин-витро, па нема генетска поврзаност со ембрионот што го носи и нема родителски права. Нејзината состојба ја оценува здравствена комисија (тројца доктори на медицина, психолог и психијатар). Должна е редовно да ја контролира бременоста, а трошоците за тоа паѓаат на брачната двојка.
Таа има право само еднаш да роди живо дете (или деца, во близначка бременост) за друг.
Од друга страна, дете од сурогат -мајка, пак, може да побара брачен пар кој ќе достави барање до Министерство за здравство (МЗ), а со претходна писмена согласност на потенцијалната сурогат - мајка. Ако се исполнети условите, имаат психолошко и правно советување, па потпишуваат договор и постапката тече додека се роди детето.
Условот е жената од брачниот пар да има вродено или стекнато отсуство на матка или јајници или вродена аномалија на матка или јајници што не можат да се корегираат со модерни хируршки процедури, како и заболување поради кое доколку остане трудна, може да ѝ биде загрозен животот.
Самец или лица во вонбрачна заедница не можат да покренат постапка за дете од сурогат мајка.
Брачната двојка не смее на сурогат-мајката да ѝ даде подароци во вредност
повисока од 100 евра, ни во текот на постапката ни по породувањето.
Единствен надомест што законски е дозволен е надомест на трошоци на сурогат-мајката за храна, превоз, болнички прегледи и слично, што не смеат да го надминат износот од една просечна плата.
Брачниот пар сам ја бира сурогат-мајката. Поради тоа, во сите досегашни постапки, сурогат мајките најчесто се блиски лица на брачниот пар.
„Жена на 51 година, како сурогат мајка роди две близначиња за нејзината ќерка, во болницата „Плодност“ во Битола. Ова е најстарата сурогат мајка во земјава, која се нафати на ваквиот ризик зашто на ќерка ѝ поради болест уште на 16-годишна возраст ѝ била извадена матката и не можеше да остане бремена“, соопштија од болницата „Плодност“ во 2020 година.
Гинекологот Слободан Лазаревски од болницата „Аџибадем Систина“во интервјуа кажуваше дека на две негови пациентки пациентки сурогат мајки им биле блиски пријателки, а кај трета - нејзината сестра.
Контроверзи и дилеми
Северна Македонија е единствена од поранешните југословенски држави што дозволи сурогат-мајчинство и е една од најлибералните во Европа и во светот.
Но, договорите за носење на деца за други се пропратени со многу неизвесности и контроверзи, појаснува Елена Игновска, професорка по семејно право на Институтот за граѓанско право при Правниот факултет во Скопје.
Главните спорни теми се начинот на кој што настанува родителскиот однос (како се утврдува кој ќе се смета за мајка, а кој за татко), репродуктивните слободи и права на корисниците на био-медицински потпомогнатите услуги, индивидуалните човекови права на сурогат-мајката и правата на детето донесено на свет на некој од начините понудени во законот.
„Доколку се земе предвид дека значителна бројка на македонски парови одат на „репродуктивен туризам“ во странство, веројатно јасно е дека законот не ги исполнува во целост своите првобитни цели. Меѓу другото, тоа се должи и на фактот што законските решенија се наоѓаат меѓу стремежот да се регулира и овозможи сурогат мајчинството, но без притоа да се компромитира телото на жената преку комерцијализација и желбите на потенцијалните корисници на био-медицински потпомогнатото оплодување“, вели Игновска за РСЕ.
Но, според неа, тоа не значи дека треба да се прават измени за да се регулираат комерцијалните сурогат мајчинства и нашата земја да биде во друштво на оние каде сурогат мајчинствата се третираат како бизнис проекти.
„Впрочем, непостоењето на продлабочена дискусија во која би се опфатиле комплексните етички и правни прашања во времето на носењето на законот и измените доведе до расчекор меѓу законот и праксата, т.е од една страна има законско решение, а од друга страна нема широка примена на тој дел од законот“, вели Игновска.
Според некои критичари на сурогат мајчинството, практиката да се плаќа е неетичка и неморална спрема жените кои под изговор дека склучуваат договор со своја согласност се всушност манипулирани најчесто поради лошата економска позиција во која што се наоѓаат. Од друга страна пак, се проценува дека доколку не постои никаква материјална компензација, не би имало ни жени кои би се согласиле да ја превземат улогата на сурогат мајки.
Само неколку земји -вклучувајќи ги САД, Русија, Украина и Грузија - дозволуваат комерцијално сурогат мајчинство. Во 2023 година, во Грузија имаше нацрт-закон за негова забрана за странски државјани, но законот „заглави“ во парламентот и не беше донесен.
Така, меѓународната „индустрија за сурогат мајчинство“ во Грузија доживеа процут во последниве години. Откако руската инвазија на Украина пред три години го наруши секторот за асистирана репродукција во земјата, многу западни парови се свртеа кон Грузија како алтернатива.