Достапни линкови

 
Македонскиот либерален закон привлекува странци за ин витро

Македонскиот либерален закон привлекува странци за ин витро


Илустрација
Илустрација

Од околу 2.500 случаи на ин витро годишно, околу 1.000 се од соседните земји и подалеку, објави Фондот за здравствено осигурување. Законски ограничувања за возраст на жената и за увоз на репродуктивен материјал во нивните земји, но и добри искуства во македонските болници се причини поради кои странци прават вонтелесно оплодување во Северна Македонија.

„Докторе, само да ве известам дека како плод на Вашата работа се породив со близнаци, момче и девојче и ви благодарам за тоа. Поздрав од Србија“, му напишале српските државјани Дуња и Вељко С. на лекар од болницата „Плодност“ во Битола, каде правеле биомедицинско потпомогнато оплодување(БПО) - попознато како ин витро.

Тоа е процедура во која јајце клетката и сперматозоидот се спојуваат во лабораториски услови и оплодени се враќаат во телото на жената за да се предизвика бременост.

„Имаме пациенти од сите земји од поранешна Југославија, имаме и од подалеку,привлекуваме пациенти од секаде. Најчесто, доаѓаат поради можноста кај нас да користат дониран материјал, неуспешни ин-витра во земјите во кои живеат, но и поради нашиот успех“, рече д-р Таше Трпчевски, основач на болницата „Плодност“ во Битола, за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Кон крајот на ноември, жена од Скопје на 61 години роди здраво машко дете откако 37 години неуспешно се обидувала да остане трудна. Мајката имала десет неуспешни ин витро оплодувања и десет спонтани абортуси. Имала и три претходни гинеколошки интервенции од кои две во Белград, а една на гинеколошката клиника во Скопје.

Вакви приказни споделуваат сите приватни болници што ја прават оваа процедура, каде неможноста да се добие дете по природен пат се решава со вонтелесно оплодување.

Софи се развива одлично за сега, а неделава почна и да се смешка“, ѝ напишала пациентка од Шпанија на докторка во „Њуборн клиника“ во Скопје, каде бебето било зачнато со ин витро. Слична порака пратила и пациентка од Косово, која ин витро направила во оваа скопска болница, а се породила во Германија, каде живее.

Државната Клиника за гинекологија и акушерство(ГАК) во Скопје имаше застој од 3,5 години по ковид-пандемијата, во кои не правеше ин витро. Повторно почна да прави пред околу месец и половина, веќе има пациентки кои ја почнаа процедурата, потврди Ирена Алексиоска Пепастиев, директорка на ГАК, за РСЕ.

Значителен пораст на неплодност

„Гледајќи генерално, неплодноста во нашата земја и во земјите од странство е во значителен пораст и е многу важен проблем на современата хумана репродукција. Секоја година на нашиот оддел се зголемува бројот на пациенти, не само од странските државјани, туку и од нашата земја. Имаме пациенти од Србија, Хрватска, Косово Албанија, како и од повеќе земји од Европа, Англија, САД..“, вели д-р Митко Ивановски, шеф на одделот за асистирана репродукција во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, за РСЕ.

Меѓу факторите за неплодност што ги кажуваат лекари, покрај медицинските причини се и одложување на раѓањата за после 30-тата година, стрес, загаден воздух - при што има значителен пораст на машка неплодност и на необјаснета неплодност.

Во Северна Македонија нема статистички податок колку парови или колку жени не можат да добијат бебе по природен пат, затоа што таква евиденција не се води.

Но, се знае бројот на направените ин-витро процедури. Од околу 2.500 случаи годишно, околу 1.000 се од соседните земји и подалеку, објави Фондот за здравствено осигурување (ФЗОРСМ) на почетокот на октомври, по средба со сите претставници на сите здравствени установи со кои Фондот има договор за оваа процедура.

Со оваа бројка на пациенти од странство, Северна Македонија стана регионален центар за БПО, велат гинеколози од болниците што ја прават процедурата, а со кои разговараше Радио Слободна Европа (РСЕ).

Помалку ограничувања, поголеми шанси

Македонскиот закон за биомедицинско потпомогнато оплодување е полиберален за разлика од законите во земји од регионот. Во него нема ограничување до која возраст на жената може да се прави ин-витро. Државата нема банка на сперматозоиди или јајце клетки, но дозволува да се увезат кога ќе има потреба - што во земји од регионот е ограничено или воопшто не е можно.

„Кај нас нема ограничувања во тој дел, па жените имаат поголеми шанси да станат мајки и во подоцнежни години. Имавме пациенти од Бугарија, Косово, Албанија..секој си ја бара среќата, па ако не успее на едно место, оди на друго. Можеби сме мала држава, но имаме повеќе центри за ин витро и сите ги следиме современите светски трендови во оваа област“, вели д-р Верица Органџиска од болницата „Д-р Органџиски“ во Штип, за РСЕ.

Ограничувањата во мнозински католичка Хрватска, на пример, се дека ин витро на товар на тамошниот Завод за здравствено осигурување се прави кај жени до 42 години. Законот овозможува дарување јајце клетки и сперматозоиди, но тоа мора да биде неанонимно. Детето зачнато на овој начин кога ќе стане полнолетно има право да го дознае идентитетот на донорите. Хрватски медиуми пишуваа дека тоа драстично го намалува интересот за донирање репродуктивен материјал.

Хрватска не дозволува увоз на јајце клетки и сперматозоиди. Затоа, годишно околу 300 парови од оваа земја одат по донирани јајце клетки или сперматозоиди најчесто во Северна Македонија и во Чешка, според податоци на тамошниот Завод за здравствено осигурување.

Во Србија, старосната граница за жени е до 45 години, додека за машкиот партнер нема старосна граница. Србија почна да увезвува дониран репродуктивен материјал од 2022 година, на трошок на тамошниот Фонд за здравствено осигурување. За жените без партнер, односно парови кои ги исполнуваат критериумите, трошокот го сноси државата. Постапката чини околу 7.000 евра.

Во последните две години, откако Србија дозволи увоз на репродуктивен материјал, се намали бројот на парови од Србија кои за оваа процедура претходно доаѓале во Северна Македонија, според лекари со кои разговараше РСЕ.

Старосна граница има и во Босна и Херцеговина, до 42 години возраст на жената. Жените и по 42 години можат да добијат согласност, но на предлог на стручниот совет на здравствена установа.

Во Косово на 24 декември свечено беше отворена службата за медицинско потпомогнато оплодување на Клиниката за гинекологија на Клиничкиот универзитетски центар во Приштина.

Министерството за здравство соопшти дека „услугата за медицински потпомогнато оплодување ќе биде бесплатна за првите два обиди, додека цената после тие два обиди цената ќе биде 670 евра, што е значително поевтино од услугата во приватниот сектор, каде што цената е околу 3.000 евра“.

Претходно, ин витро најчесто се правеше во приватни клиники врз основа на административна инструкција од 2013 година, која предвидува и поединци и парови да имаат право на пристап до ин витро, но не предвидува банка на репродуктивен материјал.

Според податоците на косовското Министерство за здравство, граѓаните на Косово во просек годишно трошеле по пет милиони евра за спроведување на медицински потпомогнати процедури за оплодување во приватни клиники. Според мајка од Косово која претходно разговараше со РСЕ, цената на оваа процедура е околу 4.000 евра.

Грција и Бугарија, исто така, дозволуваат донација на јајце клетки и на сперматозоиди. Македонки често одат во соседна Грција затоа што оваа земја има и банка на репродуктивен материјал. Поради тоа, процедурата е побрза отколку што би се спровела во Северна Македонија па пат на увоз од странски банки, вели д-р Трпчевски.

Висок успех и пониски цени

Македонските болници кои прават ин витро имаат висок процент на успешност и пониски цени од болниците во европските држави, што е уште една причина плус за интересот кај пациенти од странство, велат лекари со кои разговараше РСЕ.

„Ние како Северна Македонија котираме доста високо на листата на ЕШРЕ (Европска асоцијација за хумана репродукција и ембриологија) по успех во ин витро, после Шпанија и Грција. И дополнително, поевтини сме. Луѓето доаѓаат по препораки на некој кој веќе бил кај нас, читаат на форуми, разменуваат искуства.. Кај нас проблемот е што немаме Национален регистар на донори и тоа многу ја успорува процедурата. Поминуваат по четири - пет месеци од моментот кога ќе одобри Комисијата во Министерството за здравство, па додека да стигне донираниот биолошки материјал“, вели д-р Татјана Гуржанова од „Њуборн клиника“.

Процедурата ин витро на приватно чини околу 2 до3 илјади евра. Со увезени јајце клетки или сперматозоиди цената е од прилика двојно повисока. Се увезува од банки од Шпанија, Украина и Данска.

За македонските државјани, кои ги исполнуваат условите според Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување, трошокот е на товар на Фондот за здравствено осигурување.

Комисијата за биомедицинско потпомогнато оплодување во 2023 година разгледала вкупно 1.457 барања, покажува годишниот извештај на Фондот за здравствено осигурување. Од нив, 1.238 се барања поднесени за прво дете, 205 за второ дете, 11 барања за трето и 3 барања за четврто дете. Притоа, лани Фондот одобрил 95,4 милиони денари(околу 1,5 милиони евра) за ин витро постапки направени во осум здравствени установи со кои има склучено договор.

За оние кои ги усполнуваат условите, ин витро оди на товарот на Фондот. За оние кои одат на приватно, процедурата чини 2.000-3.000 евра. За оние со дониран материјал, цената е повисока и процедурата е подолга. Според соговорниците на РСЕ, поминуваат 4-5 месеци од подготовка на документи, добивање дозвола за увоз, па до тестот за бременост.

Постапката за ин витро како право првпат беше овозможена на товар на Фондот во 2008 година. Пациентките имаат право на ин витро најмногу до трет обид, за прво, второ, трето и четврто дете. Осигурениците се ослободени од партиципација. Право имаат лица кои живеат во брак, кои живеат вонбрачно и жена без партнер, кај која се исцрпени можностите за лекување, која има право на донорска сперма.




XS
SM
MD
LG