Петнаесетгодишно момче останало без делови од прстите, но и со скршеници на останатите делови од коските на десната дланка. Овие повреди кои ќе му остават траен инвалидитет, се последица од петардата која експлодирала во неговата десна рака.
Ваквиот инцидент е еден од последните со кои се соочиле докторите на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ Скопје, чиј директор, д-р Небојша Настов во изјава за Радио Слободна Европа вели дека оваа слика се повторува секој декември.
„Како што се ближат новогодишните празници, така се зголемува бројот на повредени од петарди. Најчесто тие се случуваат кај малолетничката популација на која веројатно ѝ е интересно да ги користи тие пиротехнички средства. Од друга страна, малолетниците не се доволно обучени и се без контрола од страна на повозрасен или родител“, додава
д-р Настов.
Штетите од употребата на петарди може да траат за цел живот. Искуството на д-р Настов покажува дека најчесто страдаат рацете односно дланките, но неретко и лицето и вратот.
„Младите, условно кажано, не се задоволуваат со петарди кои се со помало барутно полнење, туку користат сѐ поголеми и поголеми. А тоа подразбира и поголема можност односно веројатност за оштетувања.Тоа е како една епидемија од вакви повреди во втората половина на декември. Така и оваа година не е исклучок во споредба со претходните“, додава директорот на Болницата „Св. Наум Охридски“.
Забранетите активности интересни за љубопитните малолетници
Според него, родителите би требало на своите деца да им покажат фотографии кои ги прикажуваат можните последици од употребата на петарди, за да ја намалат оваа пракса. Ваквото мислење го дели и психологот, Благородна Димова која вели дека и образовниот систем треба да посвети повеќе внимание на оваа тема.
„Неопходно е разговорот да се прилагоди на возраста на децата. Родителите не треба да разговараат со осудувачки тон, затоа што така најверојатно ќе наидат на отпор и неискреност од страна на децата. Тие треба да ги потенцираат последиците, објаснувајќи како звукот од петардите може да влијае на домашните или на милениците на другарчињата, но и како се одразува врз децата со потешкотии во развојот“, вели Димова за Радио Слободна Европа.
А што ги поттикнува децата да бараат игра во петардите? Психологот Димова смета дека забранетите активности се интересни за малолетниците бидејќи љубопитноста и желбата за експериментирање се дел од нивниот развој.
„Најчесто децата кои купуваат петарди се собираат во групи, тоа прави да се чувствуваат дека припаѓааат некаде, а да се биде прифатен и вклопен во одредена група е една од основните човечки потреби, која исто така е мотивирачка“, заклучува Димова.
Социјална изолација за децата со попреченост и нивните родители
Но употребата на петарди и на другите пиротехнички средства, не е така „забавна“ за децата со попреченост. Тоа создава стрес и за нивните родители кои во празничниот период се во уште поголема изолација одошто вообичаено.
Петардите го вознемируваат и 15-годишниот Кан од Скопје кој погледнува кон прозорецот и реагира секогаш кога ќе го слушне нивниот звук. Неговата мајка, Ирена Лозана за РСЕ вели дека реакциите кај други деца со аутизам може да бидат уште постресни, бидејќи дел од нив се самоповредуваат.
„Има многу семејства кои јас лично ги познавам, а коишто не можат да излезат надвор овие денови токму поради тоа што петардите прават многу големо предизвикувачко чувство и потешкотија. Децата плачат, често се самоповредуваат доколку немаат капацитет да се справат со тие емоции, да се саморегулираат. Семејствата на децата со аутизам се тероризираат и тоа е голем проблем“, додава Ирена.
Во изјава за Радио Слободна Европа, таа посочува дека дел од овие семејства, и онака ретко си дозволуваат да излезат, да прошетаат или да се забавуваат. Но новогодишниот метеж, тоа дополнително го усложнува.
„Многу е тажно тоа во оваа приказна бидејќи сега кога сите се радуваат, тие треба да седат дома. И ние и некои други родители, сме се обиделе да им ставиме посебни тампони за уши на децата, но тоа не го решава проблемот ако ние се изолираме. Треба свесноста да ја градиме на еден поинаков начин“, порачува Ирена.
Звукот на петардите – страдање за животните
Од звукот на петардите и на пиротехниката воопшто, страдаат и животните – предупреди Зоолошката градина Скопје преку писмено соопштение, нагласувајќи дека тоа може да биде погубно за нив.
Портпаролката на ЗОО Скопје пак, Тина Мицковска за РСЕ потенцира дека за среќа, кај нас нема ваков трагичен инцидент, но пред неколку недели во зоолошката градина во Единбург, угинало бебе панда токму од стрес предизвикан од огномет во близина.
„Скопската зоолошка градина се наоѓа во центарот на Скопје, не е на изолирано место, туку токму во близина на места каде секојдневно пред Нова година има прослави. Стресот и стравот различно се одразуваат кај секое животно, но најмногу се плашат птиците, а во Градскиот парк кој се наоѓа веднаш до градината има многу диви патки, како и над 20 видови птици кои се изложени на ризик и може да страдаат“, посочува Мицковска за Радио Слободна Европа.
Таа апелира – не смееме да заборавиме и дека на улиците има илјадници бездомни животни кои немаат каде да се сокријат кога настанува тоа силно пукање на сите страни, а дивите животни во планинско-ридските предели на Скопје исто така страдаат.
Мицковска објасни и како скопската зоолошка градина ги заштитува животните:
„Оние кои најмногу го слушаат звукот на пиротехничките средства, навечер се во изолирани внатрешни простории, бидејќи зимно време им е потребно греење и со тоа највеќе го спречуваме стресот и стравот кај нив“.
Кампања и казни
Во обид да ги предупреди граѓаните на можните последици, полицијата како и секоја година, така и оваа, отпочна со кампања во соработка со Црвениот крст и Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија.
„Се делат летоци со едукативна содржина, организираме показни вежби на кои граѓаните можат да видат какви се последици може да има употребата на овие средства“, наведуваат од МВР во писмен одговор до Радио Слободна Европа.
Во изјава за РСЕ, од МВР велат дека преземаат и репресивни мерки согласно законските одредби во кои е санкционирана употребата на пиротехнички средства и нивната нелегална продажба.
Официјалната статистика говори дека од 01 јануари, заклучно со 30 ноември 2024 година евидентирани се 25 кривични пријави со кои се откриени 25 кривични дела од овој домен.
„Во рамки на истите запленети се вкупно 52.806 парчиња петарди, 116 огномети и 166 пиротехнички ракети“, велат од ресорното Министерството за Радио Слободна Европа.
Покрај ова, во текот на декември годинава пронајдени и одземени се 137.095 петарди, 293 огномети и 167 ракети, за што дополнително ќе бидат преземени мерки, информира МВР.
Употребата на петарди и друга пиротехника ги засили и контролите на граничните премини. Од Царинската управа за РСЕ велат дека веќе е изготвен профил на ризик – Пиротехника, но и нов Протокол за соработка со Бирото за јавна безбедност, со цел заедничко делување и фаќање на сторителите.
Царинската управа спречи обиди за криумчарење и заплени околу 190 килограми пиротехнички средства што требало нелегално да се продаваат на македонскиот пазар. До надлежното Основно јавно обвинителство поднесени се кривични пријави за две лица заради постоење основано сомнение за сторено кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи – наведуваат од Царина во писмениот одговор до РСЕ.