Достапни линкови

Не запираат фрустрациите со промената на личните документи


Лична карти. (Илустративна фотографија)
Лична карти. (Илустративна фотографија)

Народниот правобранител бара решение за граѓаните кои во моментов немаат ниту еден важечки документ, а долго чекаат МВР да им издаде пасош или лична катра. Редиците во пунктовите се намалуваат, но за дел граѓани и натаму трае бирократскиот кошмар навреме да ги добијат личните документи. Со стари документи тие можат само да гласаат.

Повозрасен скопјанец пред пунктот „Беко“ во центарот на градот чекаше да ги подигне своите лични документи, за кои рече дека аплицирал уште од крајот на јануари.

Додека три месеци ја чека новата лична карта, но и пасош, тој ни раскажа дека во меѓувреме нема важечки документ со којшто би можел да подигне пари во банка или да заврши било каква работа во друга институција.

„Личната карта ми е истечена и со неважечка не можам да завршам ниту една работа, особено да подигнам пари во банка. Затоа морам да користам само банкомати“, вели тој.

Во пунктот на МВР кај „Беко“, немаше големи редици за сликање и за подигнување, но скоро никој навреме не ги добива личните докумети. Од минатата година наваму за издавање на лична карта, пасош или возачка дозвола се чека многу подолго од законски предвидените 15 дена.

И самите вработени во пунктовите во МВР им кажуваат на граѓаните новите документи да не ги бараат во законски предвидениот рок.

Но, проблем е што има граѓани кои со месеци чекаат и лична карта и пасош, а во меѓувреме немаат важечки документ со кој би можеле да завршат било каква работа, не само во банка, туку и во друга институција.

Со старите документи граѓаните ќе можат само да гласаат, откако Собранието ги усвои последните измени на Изборниот законик.

Народниот правобранител бара решение

За овој проблем се запознаени кај Народниот правобранител, од каде велат дека граѓаните поднесуваат претставки до нив и дека во моментов бараат решение.

„Има претставки на луѓе кои се жалат дека им е истечена личната карта, дека им е блокирана сметката во банка и дека не можат да си ги подигнат средствата, меѓутоа бројот не е голем. Затоа за да се превенира ситуацијата и да не дојде голем број луѓе да заглават, бараме решение заедно со другите надлежни институции“, велат од Народниот правобранител за Радио Слободна Европа, но засега не откриваат за каков решение станува збор.

Меѓу оние кои чекаат долго за лични документи е и скопјанката Пале, која ни раскажа дека прво во август минатата година имала имала закажан термин за сликање за пасош, а ѝ бил презакажан за почетокот на април оваа година.

„На денот на сликањето, во објектот немаше гужва и реално завршив работа за помалку од еден час. Но, откако заврши процедурата, службеникот ми потенцираше да не се ни обидувам порано од два месеца да го барам пасошот. Навистина не ми е јасно како е можно по 2 месеца да се печати еден пасош“, вели таа.

Сите чекаат подолго од 15 дена

Од Министерството за внатрешни работи не добивме информации колку граѓани во моментов немаат ниту еден важечки личен документ.

Според претходните податоци на МВР, повеќе од 100.000 граѓани на почетокот на март немаа важечки личен документ - ниту лична карта со валиден датум, ниту пасош со новото уставно име.

Оттаму велат дека во периодот од 5 јули 2021 година до 4 април 2024 година фотографирани биле 1.491.408 граѓани за нови пасоши.

„МВР со зајакнување на кадровските капацитети презема мерки граѓаните што е можно побрзо да ги добијат своите документи. Патна исправа по итна постапка се добива за 48 часа“, одговорија од МВР за Радио Слободна Европа.

Но, за добивање на пасош, лична карта или возачка дозвола сите чекаат подолго.

„Сите чекаат повеќе од законскиот рок од 15 дена како што е утврдено во законот за изготвување на лични документи“, велат од Народниот правобранител за Радио Слободна Европа.

Тужбите се сложени и скапи

Правните експерти велат дека е можно граѓаните да поднесуваат тужби против институциите, но дека постапките се скапи и сложени и за нив е потребна адвокатската помош.

За тоа треба да се утврди одговорноста на државата пред судовите, како што објаснува Маргарита Цаца Николовска - поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Таа вели дека одговорноста на државата прово може да се бара пред домашните судови, а потоа и во судот во Стразбур откако ќе се исцрпат правните лекови во Северна Македонија, вели Николовска.

„Прво треба да се докаже дека тие средства се неефикасни и дека странката не може да дојде до резултат. И во таа постапка прво ќе треба да се утврди евентуалната одговорност на државата“, вели таа.

Граѓаните можат да поднесуваат претставки

Доколку граѓаните поднесат претставка до Народниот правобранител институцијата ги проверува постапките зошто чекаат долго за издавање на лични документи.

„Бројот на поднесените претставки се намалува за разлика од јануари и февруари, но се уште има граѓани кои се жалат дека се сликале во февруари, а дека се уште не можат да подигнат лична карта“, велат од Народниот правобранител.

Поголемите гужви за промена на личните документи на пунктовите настанаа на средината на 2023 година, кога граѓаните тешко успеваа да закажат термин за промена.

Тогаш започна да наближува рокот за промена на личните документи со новото име на државата, којашто се обвза со потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција во 2018.

Рокот од 5 години почна да тече со промената на Уставот во февруари 2019 година, кога името на државата официјално беше променето во Република Северна Македонија. Со тоа личните документи на граѓаните требаше да бидат променети до 12 февруари 2024 година.

Но, и покарај граѓаните добиваа документи со името Република Македонија и во текот на 2019, 2020 и 2021 година, па сега одново ги менуваа, плаќаат дупло и чекаат долго.

Околу мај 2023 година веќе имаше наплив на барања за закажувања на термини во Министерството за внатрешни работи (МВР), кои се добиваа месеци по закажувањето.

Во целиот овој период државата не ги издаваше документите со новото име и во законскиот рок, а за граѓаните произлегоа низа други проблеми, како ограничување на нивното движење, а сега некои од нив немаат ниту еден важечки документ.

По истекувањето на рокот за промената на личните документи на 12 февруари оваа година, Собранието усвои закон со кој овозможи возачките дозволи со важечки датум, но со старото име Република Македонија, граѓаните да можат да ги користат до крајот на годината.

Владата пак одлиучи замената на возачките и сообраќајните дозволи поради промената на уставното име од 14 февруари да се врши бесплатно, а без надомест да се издаваат и патните листови на државјаните на Северна Македонија во странство кои треба да се вратат поради промена на личните документи.

Собранието на почетокот на март усвои измени на Изборниот законик со што овозможи граѓаните да можат да гласаат со истечена лична карта, но и со истечен пасош, но не подолго од девет месеци.

Но, со тој пасош не можат да завршат работа во банка или било друга институција каде е потребна важечка лична карта.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG