Секоја година ги носевме во кампови надвор од границите децата што тренираат кошарка, сега резервиравме во Охрид, вели Срѓан Дамјановски, тренер во кошаркарскиот клуб „МВП-Скопје“, раскажувајќи ги проблемите во работата поради тоа што бавно и тешко се стигнува до пасош со „Северна“, според новото име на Република Северна Македонија и Преспанскиот договор со Грција.
Тој тренира деца на возраст од 7 до 14 години.
„Најмногу проблеми имаме за камповите и турнирите. Камповите во јуни во Грција беа супер за децата. Сега во април и во мај требаше да одиме и на турнири во Србија. Секаде однапред се бара авансно плаќање, имиња на децата што ќе играат, резервации..во овој момент, јас не можам да бидам сигурен кој ќе има нов пасош. Од сто деца, ако можам 20 да однесам преку граница“, вели Дамјановски за Радио Слободна Европа(РСЕ).
Според проценката на Панче Тошковски, министер за внатрешни работи во техничката влада, вкупниот број на лични документи што треба да се заменат е околу два милиони документи. Важноста на личните карти и на возачките дозволи со валиден рок (со измени во законот за безбедност на сообраќајот) се продолжи до крајот на 2024, за внатрешна употреба. Личните карти засега се користат и како патен документ во земјите од регионот – Србија, Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Најголем проблем е замената на пасошите.
„Гледаме да дојдеме на некоја максимална бројка од 3.300 пасоши што би се произведувале на ден, тоа е максимална бројка ако произведуваме пасоши без да има никаков застој во текот на денот. Негде од прилика бројката што во континуитет ја имале како бројка за производство во Министерството е околу 50.000 пасоши на месечно ниво. Бројката што сакаме да ја достигнеме, реална бројка, е некаде околу 75.000 пасоши на месечно ниво“, рече Тошковски во интервју за МИА(27.2).
Екипи на Народниот правобранител наоѓаат готови документи во пунктовите
Тим од кај Народниот правобранител Насер Зибери им помага на граѓаните кои не можат да ги подигнат личните документи, иако се изработени. Секој петок вработени од институцијата одат да ги бараат документите на граѓаните кои се пожалиле кај правобранителот.
„Имавме претставки од граѓани кои мораат итно и неодложно да патуваат поради здравствени или други причини. Нашата екипа бара меѓу документите и таквите случаи во соработка со МВР успешно ги решаваме. Но, ова е неприродна ситуација. Проблем во најава има и со гласањето на изборите. Лицата што до април ќе наполнат 18 години, а немаат лична карта ниту патна исправа (или имаат стара патна исправа), нема да можат да гласаат“, рече Зибери на брифинг со медиумите.
Тој бара владата веднаш да го разгледа проблемот и на овие лица да им даде приоритет во постапката за обезбедување лични карти.
Зибери апелира и да се применува законската можност за трајни лични карти за граѓаните над 65 години, за да не се оптоварува системот дополнително.
Не можат преку граница ни за работа, не само за шетање
Бранко М., возач на камион од Скопје кој вози низ европските држави е меѓу граѓаните кои чекаат да се забрза процедурата за издавање пасоши. Сега седи дома без работа додека чека да се фотографира. На средината на февруари се јавил да закаже по итна постапка, термин за фотографирање добил за во април.
„Работата буквално ми зависи од тоа кога ќе го добијам пасошот. Ако ги пропуштам турите што веќе се договорени, ќе останам со месеци без плата, а можеби и без работа“, вели Бранко за РСЕ.
Во земјава има околу 16. 000 возачи со сертификат за професионален возач издаден од Министерството за транспорт и врски. Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, најави дека приоритет за издавање пасош ќе имаат превозниците кои вршат патнички товарен транспорт и имаат сертификат за професионален возач.
Сезонските работници кои во пролет и во лето работат во земјите од регионот исто така се во неизвесна ситуација - некои не ни можат да аплицираат за пасош, други иако се фотографирале не знаат дали ќе го добијат навреме.
„Сите што ќе добијат нова патна исправа до средината на април би се вклопиле во терминот за одење на сезонска работа. Тие што нема да успеат, сигурно дека никој работодавец нема да ги чека. Во лето, Северна Македонија има сезонска миграција меѓу 15.000-18.000 лица. Само Хрватска во лето повлекува 8.000-11.000 работници од Македонија. Колку од нив имаат проблеми со пасош не можам да кажам, но негодувањата се големи и ние често ги слушаме“, вели за РСЕ Зоран Кочовски, сопственик на „Коузон“, агенција што посредува за работа во странство.
Резервациите за патувања на чекање
Проблем имаат и туристичките агенции за резервираните и платени патувања за претстојните празници 8 март и Велигден, но и за пред-аранжманите за летни одмори направени на почетокот од годинава кога цените беа пониски. Исто е и со апсолвентските екскурзии - резервирани термини за крај на мај, агенциите не можат да знаат колку ученици до тогаш ќе извадат пасоши иако уплатиле за екскурзија.
Граѓаните веќе најавија дека ќе тужат бидејќи нема да можат да ја напуштат државата по 12 февруари.
Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев најави дека вечерва или утре изутрина ќе пристигнат нови 85 илјади обрасци за пасоши. Со тоа ќе има бројка од 300.000 обрасци што според него е доволно системот да функционира нормално.
„Со старите пасоши не може никаде да се патува бидејќи нема да остварите излез од државата. Тие со законот кој е со сила на важење, повеќе не се во функција. А со новите секаде може да се патува. Никој не даде ветување дека законот за продолжување на рокот ќе биде изгласан, затоа нема да се создаде никаков хаос и метеж, бидејќи граѓаните знаат дека пред 2021 јули месец веќе се издаваат патни исправи со Република Северна Македонија и беше јасно кажано дека ќе важат до февруари 2024 година“, изјави Бојмацалиев.
Во Собранието не се најде решение
Завчера (28 февруари) во Собранието на Северна Македонија не помина предлог-законот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се продолжи важноста на старите пасоши со „Република Македонија“ до крајот на 2024 година поради, според паријата, извесно прекршување на уставно загарантирано право на граѓанинот на слободно движење, односно слобода на движење утврдено во членот 27 став 2 од Уставот.
Пратениците од владејачкото мнозинство не прифатија измените на Законот за патните исправи да бидат ставени на дневен ред на седницата, бидејќи сметаат дека се спротивни на Уставот и на потпишаниот меѓународен договор со Грција.
„СДС и ДУИ вчера одлучија да работат на штета на 600.000 наши сограѓани, од кои дел треба да заминат на некакво патување во странство, а не можат. Власта во заминување реши да малтретира 600.000 народ од чист инает“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на Собранието, Јован Митрески, претходно (27.2) изјави дека меѓународните договори не можат да се менуваат со друг закон.
Делегацијата на ЕУ укажа дека признавањето на патните испрати е работа на секоја држава поединечно.
„Важно е Северна Македонија да продолжи да ги почитува меѓународните договори, вклучувајќи ги и заложбите за замена на патните исправи, содржани во Преспанскиот договор. Потсетуваме дека признавањето на патните исправи издадени од трети земји е во надлежност на секоја земја-членка одделно“, соопштија од Делегацијата на ЕУ.
Според Министерството за внатрешни работи (МВР) од јуни 2021 кога почнаа да се издаваат лични документи со новото име, до 7 февруари годинава биле направени 1.297. 447 пасоши. Според бројките од последниот попис, вкупното население, вклучително и дијаспората, изнесува 2.097.319 лица. Останатите граѓани се уште немаат патни исправи со Република Северна Македонија.
Промената на личните и патни исправи е обврска од Преспанскиот договор кој Македонија го потпиша со Грција на 17 јуни 2018 година. Иако роковите од Договорот почнаа со промената на Уставот во февруари 2019 година, Северна Македонија не почна навреме да издава лични документи со новото име, па и граѓа кои вадеа лични документи во 2021 година, повторно ги добиваа со старото име Република Македонија.
Според Преспанскиот договор, граѓаните требаше да ги сменат личните карти, пасошите и возачките дозволи во рок од пет години од влегувањето во сила на уставните измени, до 12 февруари 2024.