Достапни линкови

Вести

Собранието не ги изгласа измените на законот за продолжување на рокот на пасошите

Собрание на Република Северна Македонија
Собрание на Република Северна Македонија

Граѓаните, сепак, ќе мора да ги заменат старите пасоши со нови на кои ќе пишува „Северна Македонија“. Во Собранието не поминаа измените на Законот за патни исправи, кои беа предложени од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, а со кои се бараше продолжување на важноста на старите пасоши со Република Македонија до крајот на 2024 година.

Против измените на законот гласаа 54 пратеници, додека 46 беа “за“.

Како што објави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, против законските измени гласале пратениците од владејачкото мнозинство.

„Со ова, за жал, СДСМ, ДУИ и НСДП оставија на цедило 600.000 македонски државјани на кои им е нарушено правото на слободно движење, а на голем дел со ова им се загрозени нивните работни дозволи во странство, документите за постојан престој, како и лекувањето или образованието надвор од Македонија“, напиша пратеникот Милошоски на Фејсбук.

Претседателот на Собранието, Јован Митрески, вчера на 27 февруари одговарајќи на новинарско прашање изјави дека меѓународните договори не можат да се менуваат со друг закон.

Пред почетокот на денешната седница на 28 февруари ставот го споделија и од Делегацијата на Европската унија во Северна Македонија. Од таму велат дека за Северна Македонија е важно да ги почитува меѓународните договори, вклучувајќи ги и заложбите поврзани со замена на патните исправи, содржани во Преспанскиот договор. Но, дека признавањето на патните испрати е работа на секоја држава поединечно.

Промената на личните и патни исправи е обврска од Преспанскиот договор кој Македонија го потпиша со Грција на 17 јуни 2018 година. Иако роковите од Договорот почнаа со промената на Уставот во февруари 2019 година, Северна Македонија не почна навреме да издава лични документи со новото име на државата, па граѓани кои вадеа лични документи во 2021 година, повторно ги добиваа со старото име Република Македонија.

Според Преспанскиот договор, граѓаните треба да ги сменат личните карти, пасошите и возачките дозволи во рок од пет години од влегувањето во сила на уставните измени.

види ги сите денешни вести

Околу 400 лица се „невидливи“ за државата, Зибери повика на решавање на проблемот

Насер Зибери, архивска фотографија
Насер Зибери, архивска фотографија

По повеќе од 13 години девојче од скопско Шуто Оризари добива документи, односно доаѓа до Извод од матична книга на родени. Со тоа веќе станува видливо за институциите и непречено ќе може да ги остварува своите права и да се запише во училиште. Народниот правобранител, Насер Зибери денеска (19 февруари) на прес-конференција укажа дека ова не е изолиран случај.

Тој апелираше до институциите да се анимираат и го решат проблемот за околу 400 „невидливи лица“ кои имаат побарано да добијат извод по законските измени во 2021 година.

Иако за решавање на проблемот потребен бил само документ од болницата каде е родено детето, случајот се затвора откако се вклучува дневниот Центарот, невладините и Народниот правобранител. Интересно е, што и на самиот Омбудсман му барале повеќе документи и му требале околу два месеци да го решат овој случај.

Раководителката на дневниот Центар во Шуто Оризари, Мерима Дестанова Физулај појасни дека постапката почнува од 2023 година, кога до нив се обраќа мајката на девојчето. Проблемот, како што рече, е тоа што иако девојчето е родено на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, таткото не живее во државата, а мајката не успеала да направи упис во матична книга.

Народниот правобранител, Зибери информираше дека проблем со упис во евиденција на матични книги и добивање на извод имаат повеќе лица.

На првиот повик од пријавени 700, анимирани и поттикнати се 400 да поднесат барање да се евидентираат. Од нив, 268 влегле во постапка, а 60 досега успеале да се стекнат со матичен број.

„Проблемот е долгогодишен и направени се низа законски измени во 2021 година, со кои се создадоа услови за уписот да се врши по службена должност. Но, сепак работите во пракса се поинакви. Доказ дека не функционира најсоодветно е тоа што и во тековната година, иако има нецели два месеци, имаме претставки од оваа област. Еден од поистакнатите примери е каде и мајката и детето не се евидентирани и практично се невидливи за институциите“, појасни Зибери.

Поголема ажурност на Управата за водење на матични книги

Зибери, посочи дека во препораките од годишниот извештај ќе се укаже дека Управата за водење на матични книги треба да биде поажурна.

Тој потсети дека во 2021 година, собранието ги изгласа измените и дополнувањата на Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени, а две години подоцна беше изменет и Законот за матична евиденција

„Во текот на 2023 се направија соодветни измени и дополнувања и на одредбите од Законот за матична евиденција со што се создадоа предуслови лицата кои се запишуваат во посебната матична книга на родени и добиле извод од посебната матична книга да се запишат во редовната матична книга на родени по службена должност веднаш, а најдоцна во рок од 90 дена од влегувањето во сила на овој закон“, додаде Зибери на денешната прес конфереција.

Денот на донесувањето на овие законски измени се совпадна со погребот на 19-годишниот Мемет Камбер, кој почина поради компликации настанати како последица на неоткриен дијабет. Младиот Мемет немаше ниту лична карта, ниту здравствена книшка, што доведе дури и до бирократски пречки за тој да биде погребан.

Тогаш Институтот Ромалитико предупреди дека освен ова момче, има и други примери на лица кои го загубиле својот живот или пак се соочиле со сериозни потешкотии во процесот на добивање на здравствена заштита.

Усвојувањето на измените на Законот за матична евиденција беше поздравено од Агенцијата за бегалци на Обединетите нации – УНХЦР која во соопштение наведе дека тие ќе овозможат решавање на сите познати случаи на бездржавјанство

Мерц ја отфрла можноста АфД да биде дел од негова владина коалиција

Кандидатот на германскиот конзервативен блок за канцелар, Фридрих Мерц
Кандидатот на германскиот конзервативен блок за канцелар, Фридрих Мерц

Кандидатот на германскиот конзервативен блок за канцелар, Фридрих Мерц, призна дека неговата партија гласала за нов закон за миграција со поддршка на екстремно-десничарската партија „Алтернатива за Германија“ (АфД), иако претходно ветил дека нема да соработуваат со неа.

„Свесен сум дека ова беше отстапување од договорот со останатите владејачки партии“, изјави Мерц на изборен митинг во Потсдам.

Мерц, кој е лидер на Христијанско-демократската унија (CDU) и кандидат за канцелар на конзервативниот блок, претходно им вети на социјалдемократите (SPD) и Зелените дека ќе носи одлуки исклучиво со нив, за да не создаде мнозинство со АфД - партија која другите партии ја одбиваат поради екстремизам.

Во ноември, по излегувањето на либералите од владата, се распадна „семафор коалицијата“ во Германија, оставајќи ги СПД и Зелените како единствени владејачки партии. Сепак, Мерц ги искористи гласовите на АфД за да изгласа закон за построга миграциона политика.

Како оправдување за оваа одлука, тој посочи на два неодамнешни насилни напади во Германија што ги извршиле мигранти. Во декември, маж од Саудиска Арабија уби шест лица и повреди речиси 300 на божиќен пазар во Магдебург. Во Ашфенбург, Авганистанец е главен осомничен за напад со нож во кој загинаа две лица.

Мерц, сепак, инсистира дека, ако стане канцелар по изборите на 23 февруари, нема да има никаква соработка со АфД.

„Нема да има соработка меѓу ЦДУ и АфД, ниту сега, ниту во иднина“, изјави кандидатот за канцелар од редовите на конзервативците.

Парламентарните избори во Германија ќе се одржат на 23 февруари.

Агелер: Внимателно ги следиме случувањата во правосудниот систем

Амбасадорката на САД во РСМ, Ангела Агелер, Скопје, 19 февруари 2025 година
Амбасадорката на САД во РСМ, Ангела Агелер, Скопје, 19 февруари 2025 година

Американската амбасадорка Анџела Агелер изјави дека Соединетите Држави внимателно ги следат случувањата во правосудниот систем, конкретно владниниот предлог за разрешување на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, но и поднесените интерпелации од страна на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ до Собранието за петмината членови на Судскиот совет, кој се избрани од закондавниот дом и нагласи дека она што сакаат да го видат е дека во сите процеси се почитува законот.

Агелер запрашана за коментар за владиниот предлог за разрешување на Коцевски кусо одговори дека нема коментар, но дека го следат процесот одблиску.

„Немам коментар, запознаена сум и го следиме процесот, според моите сознанија во тек е процесот согласно законските процедури и одблиску го следиме“, одговори кусо Агелер, по примопредавање на мобилно оперативно возило за Црвен крст.

Во врска со случувањата во Судскиот совет исто така не навлегуваше во детали и само кусо одговори дека одблиску го следат и тој процес.

„Одблиску го следиме и тој процес. Очигледно со години посочуваме во однос на Судскиот совет, но и за други аспекти на правосудниот систем, постојат законски процедури и според моите сознанија тој процес е во тек и одблиску ги следиме состојбите и сакаме да видиме дека законот се почитува“, одговори американската амбасадорка.

Владата на вчерашната седница, го разгледала мислењето од Министерство за правда и го задолжила ресорното Министерство да достави предлог за разрешување на републичкиот јавен обвинител пред истекот на неговиот мандат, кој потоа, како што вчера на прес-конференцијата портпаролката на Владата Марија Митева, ќе биде доставен до Советот на јавните обвинители.

Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски вчера изјави дека ќе се произнесе по предлогот за негово разрешување откако Владата ќе го достави до Советот на јавни обвинители. Во однос на барањето на премиерот Христијан Мицкоски да ја напушти функцијата, Коцевски рече дека ќе одговори откако ќе ги види основите предвидени во Законот за јавно обвинителство. Доколку се утврди дека навистина има тешка дисциплинска повреда, тој рече дека сам ќе се повлече од функцијата.

Во меѓувреме, пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ до Собранието поднесоа поединечни интерпелации за членовите на Судскиот совет Весна Дамева, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска, Павлина Црвенковска и Селим Адеми. Претседателот законодавниот дом Африм Гаши, според Деловникот, треба да ги достави до нив и во рок од десет дена да добие одговор дали тие ќе се изјаснат за содржаните наводи.

Откако ќе помине овој рок без разлика дали членовите на Советот, кои се избрани од Собранието, ќе сакаат да се изјаснат или не, Гаши ќе може да ја закаже седницата на која ќе се расправа за интерпелациите. Согласно овие рокови, очекувањата се дека седницата на која ќе се расправа за интерпелациите би била до или на почетокот на март.

Советот на ЕУ ги усогласи ставовите за буџетот за 2026 година

илустрација
илустрација

Земјите членки на ЕУ ги усогласија своите ставови околу буџетот на Европската Унија за 2026 година, кој, според нив, ќе има клучна улога во развојот и реализацијата на долгорочните цели и политичките приоритети на блокот.

Усогласените ставови во рамки на Советот за економски и финансиски работи на ЕУ треба да и дадат политички насоки на Еврокомисијата во подготовката на Предлог-буџетот на ЕУ за следната година..

„Советот одново потврдува дека ЕУ останува посветена на обезбедувањето континуирана финансиска поддршка за Украина, онолку долго и онолку интензивно колку што е потребно, како и поддршка на нејзината отпорност и долгорочна обнова. Советот ја нагласува важноста буџетот за 2026 година да продолжи да ја манифестира солидарноста на Унијата со народот на Украина и да одговори на постоечките кризи“, се наведува во соопштението на Советот на ЕУ.

Советот оценува дека буџетот за 2026 година треба да биде во согласност со реалните потреби, да обезбеди разумно финансирање и да овозможи доволно средства за справување со евентуалните непредвидени околности и со предизвиците на Унијата.

„Во исто време, буџетот за 2026 година треба да обезбеди доволно ресурси за да се овозможи спроведување на програмите на Унијата, вклучувајќи ја и Регионалната итна поддршка за обнова (РЕСТОРЕ)“, се додава во соопштението.

Во заклучоците на Советот се нагласува и дека Комисијата при изработка на предлог-буџетот за 2026 година мора да води сметка за приоритетите утврдени со ревизијата на Повеќегодишната финансиска рамка за периодот 2021-2027 година, вклучително и за прашањата поврзани со миграцијата.

Завршни зборови во судскиот процес против претседателот на РС, Додик

Милорад Додик пред судот на Босна и Херцеговина, Сараево, 19 февруари 2025 година
Милорад Додик пред судот на Босна и Херцеговина, Сараево, 19 февруари 2025 година

Во Судот на Босна и Херцеговина денеска (19 февруари) се одржуваат завршни зборови на обвинителот и одбраната на претседателот на Република Српска, Милорад Додик и поранешниот в.д. на Службен весник на РС, Милош Лукиќ, кои се обвинети за непочитување на одлуките на високиот претставник Кристијан Шмит.

Додик е обвинет за потпишување на претседателски декрети, со кои се прогласени за валидни два неуставни закони на Република Српска, кои високиот претставник претходно ги поништи.

Лукиќ е обвинет за објавување на овие закони и уредби со кои се предвидува дека во тој ентитет не се применуваат одлуките на високиот претставник и на Уставниот суд на БиХ.

Ако Додик и Лукиќ бидат прогласени за виновни можат да бидат осудени на пет години затвор и забрана за политичко дејствување.

Судскиот совет има рок од три дена да донесе пресуда.

Највисоките претставници во РС, по состанокот пред два дена, најавија радикални одлуки доколку судот ги прогласи Додик и Лукиќ за виновни.

Притисоци вршат и претставници на властите на соседна Србија, но и на Унгарија.

Така, српскиот претседател Александар Вучиќ на 17 февруари во Будимпешта изјави дека се надева оти „во БиХ нема да бидат донесени пресуди кои би можеле да ја загрозат стабилноста“.

Два дена пред последното рочиште, унгарскиот премиер Виктор Орбан повика на „престанок на казнувањето на Додик“, кој заедно со целото раководство на РС е под санкции од САД и Европската Унија поради корупција и поткопување на БиХ.

Што доведе до судење?

На седниците на Собранието на РС во јуни 2023 година беа донесени неуставни закони во кои се наведува дека правните акти на Високиот претставник нема да се објавуваат во Службен весник на РС, како и дека одлуките на Уставниот суд на БиХ, кои се конечни и обврзувачки според Уставот на БиХ, нема да се применуваат на територијата на овој ентитет.

Високиот претставник Кристијан Шмит, со Бонските овластувања, укина два закони за ентитетите на 1 јули 2023 година и воведе измени во Кривичниот законик на БиХ, со што неуспехот да се имплементираат одлуките на високиот претставник е кривично дело.

На 7 јули 2023 година, Додик потпиша декрети со кои овие закони се прогласени за валидни и тие беа објавени во Службен весник на РС.

Обвинителството на БиХ на 11 август поднесе обвинение против Додик и Лукиќ, а судот го потврди на 11 септември.

Кривична пријава за Перпарим Бајрами за закупот на деловен простор за Лотарија

Деловниот простор кој беше избран за ново седиште на Државната лотарија
Деловниот простор кој беше избран за ново седиште на Државната лотарија

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство против поранешниот директор на Државната лотарија, Перпарим Бајрами за злоупотреба на службена положба и овластување, нанесувајќи му штета на ацкионерското друштво од 400.586 евра.

Финансиската полиција го сомничи Бајрами дека склучил договор за закуп на простории за потребите на Лотарија кои не биле соодветни и не биле согласно условите наведени во објавениот јавен повик, а цената за закупот била двојно повисока од реалната пазарна цена.

„Пријавениот склучил договор за закуп за деловни простории за 9 евра по м2 иако во тој период цената за м2 за слични објекти по намена и вид во населено место Визбегово се движела од 2.5 до 4.5 евра. Исто така, деловните простории не биле адаптирани за намената од договорот, односно, објектот - деловните простории требало да бидат реновирани и реконструирани при што за истото пријавениот предвидел и отпочнал Јавна набавка со износ од 1.300.000 евра за реновирање и реконструкција, што би претставувало дополнителен трошок за Државна лотарија“, појаснуваат од Финансиската полиција.

Во пријавата се наведува дека Бајрами предвидел посебен услов во јавниот повик, деловниот објект и магацинскиот простор да се со вкупна просторна површина од најмалку 2000 до најмногу 2500 м2 и истиот склучил договор за закуп на објект – деловни простории со површина од 2426 м2 иако вкупната површина на објектот по имотен лист изнесува 2924 м2.

Во пријавата се наведува и дека Бајрами иако во јавниот повик за прибирање понуди за закуп за деловни простории предвидел посебен услов понудувачот да има сопствено дворното место на објектот и да има простор за најмалку 50 паркинг места за патнички и товарни возила, истото не било опфатено во договорот за закуп склучен на 05.07. 2023 година.

Епилог по истражувањата на Радио Слободна Европа

Кривичната пријава на Финансиската полиција против екс директорот Перпарим Бајрами доаѓа како резултат на серијата истражувања на РСЕ за закупот на поранешниот ресторан за свадби кој беше избран за нов деловен простор на акционерското друштво.

Уште во октомври 2023 година, РСЕ објави дека Државна лотарија закупила деловен простор во скопско Визбегово. Според договорот за закуп, акционерското друштво се обврза да исплати 2,6 милиони евра на „Хеј ДООЕЛ“ за рентање на простор во следните 10 години. Односно, по речиси 22.000 евра месечна кирија.

Договор за закуп на деловни простории меѓу Државна лотарија на Република Северна Македонија и компанијата „Хеј ДООЕЛ“
Договор за закуп на деловни простории меѓу Државна лотарија на Република Северна Македонија и компанијата „Хеј ДООЕЛ“

Компанијата го купи земјиштето и објектот неколку месеци пред да склучи договор со Државна лотарија.

Прв сопственик на „Хеј ДООЕЛ“ беше Армин Машовиќ, а две недели како управител беше заведена Натура Груби Бела, братучетка на поранешниот вицепремиер Артан Груби.

Веб - страницата на компанијата „Хеј ДООЕЛ“ беше регистрирана на лицето Шабан Амзовски, кој воедно беше и член на управниот обор на Државна лотарија.

Подоцна, сопственоста премина во рацете на газдата на нафтената компанија „Пуцко Петрол“, Асмир Јахоски.

За 13 месеци Државна лотарија и исплати над 300 илјади евра на „Хеј ДООЕЛ“ за закупот на поранешниот ресторан.

Во септември 2024 година, Државната лотарија еднострано го раскина овој договор, а премиерот Христијан Мицкоски рече дека е основа за покренување кривична постапка.

Министерството за внатрешни работи во декември минатата година распиша меѓународни потерници за поранешниот вицепремиер Артан Груби и директорот на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, кои се товарат за проневера на околу осум милиони евра од Државна лотарија за набавка на ВЛТ апарати.

И Перпарим Бајрами и Артан Груби се недостапни за органите на прогонот.

Кремљ тврди дека Путин и Трамп би можеле да се сретнат до крајот на февруари

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков

Рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп би можеле да се сретнат овој месец, иако првата средба лице в лице меѓу руски и американски лидер од 2021 година може да потрае подолго за да се подготви, соопшти денеска (19 феврауари)Кремљ.

Трамп вчера рече дека веројатно ќе се состане со Путин овој месец и ја отфрли загриженоста на Украина поради тоа што е изоставена од американско-руските разговори во Саудиска Арабија, истовремено сугерирајќи дека Киев можел порано да постигне договор со Русија.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека средбата во Ријад била фокусирана најмногу на руско-американските билатерални врски, но дека тоа е „многу, многу важен чекор“ кон постигнување решение за војната во Украина, што се приближува до крајот на нејзината трета година.

„Но, ова е првиот чекор. Секако, невозможно е да се поправи сè за еден ден или една недела. Има долг пат да се оди“, рече Песков.

Запрашан дали може да се одржи средба меѓу Путин и Трамп овој месец, Песков беше цитиран од Интерфакс како вели: „Можеби. И можеби не“.

Путин и претходникот на Трамп, Џо Бајден, одржаа самит во Женева во јуни 2021 година. Тоа беше последниот пат кога лидерот на САД и Русија се сретнаа лице в лице, иако Бајден и Путин имаа повик во февруари 2022 година и пораките беа пренесени преку посредници.

Трамп ја промени политиката на Западот кон Русија и Украина, нареди разговори со Русија без Украина или европските сили, разговарајќи со Путин и зборувајќи за намалување на цената на нафтата, за која Русија е главен извозник.

Трамп рече дека сака да стави крај на војната и изјави дека мисли дека Путин сака да постигне договор. Но, тој допрва треба да го објасни својот план за запирање на конфликтот што остави делови од Украина уништени, и стотици илјади луѓе убиени и повредени и ги зголеми стравувањата од директна конфронтација меѓу Русија и САД, двете најголеми нуклеарни сили во светот.

Разговорите во Ријад беа првите што ги одржаа САД и Русија за да бараат да се стави крај на војната, која е најсмртоносната во Европа од Втората светска војна.

Ниту еден украински или европски функционер не бил поканет на разговорите во Ријад. Киев рече дека нема да прифати каков било договор наметнат без негова согласност.

Конфликтот во источна Украина започна во 2014 година, откако беше соборен претседателот- пријател на Русија со револуцијата Мајдан во Украина, а Русија го анектираше Крим.

ЕУ со нова рунда санкции против Русија

илустрација
илустрација

Земјите членки на ЕУ договорија нова рунда санкции кон Русија, за да го задржи притисокот наспроти американските разговори со Русија, изјавија европски дипломати, а пренесе АФП.

Широкиот пакет, кој вклучува забрана за увоз на руски алуминиум, ќе биде формално усвоен од министрите за надворешни работи на ЕУ во понеделник (24 февруари), на третата годишнина од инвазијата на Кремљ на Украина.

Шеснаесеттиот круг санкции на ЕУ кон Русија доаѓа во време кога американскиот претседател Доналд Трамп го поткопа Киев и неговите европски поддржувачи со започнување разговори со Москва за ставање крај на војната.

Надвор од таргетирањето на профитабилниот руски сектор за алуминиум, новите мерки, исто така, бараат да се запре таканаречената „флота во сенка“ што се користи за заобиколување на ограничувањата на извозот на руска нафта со ставање на црната листа на уште 73 бродови.

ЕУ, исто така, ќе исклучи уште 13 руски банки од глобалниот систем за плаќање SWIFT и ќе забрани уште осум руски медиуми да емитуваат програма во Европа.

Европа се обидува да реагира откако Трамп ја прекина тригодишната цврста американска поддршка за Киев со започнување разговори со Москва во Саудиска Арабија.

Највисоките американски претставници и руските преговарачи го одржаа првиот состанок во Саудиска Арабија во вторник (18 февруари) за да го отворат патот кон постигнување договор за Украина.

Европските земји итно се обидуваат да ги слушнат нивните гласови бидејќи стравуваат дека лош договор може да ја охрабри Москва. САД соопштија дека ЕУ на крајот ќе мора да има улога во разговорите поради санкциите што ги воведе кон Русија.

Трамп „посигурен“ дека ќе постигне договор за крај на војната во Украина

Американскиот претседател Доналд Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека се чувствува „многу посигурен“ во врска со постигнување договор за ставање крај на војната во Украина по разговорите на 18 февруари во Саудиска Арабија меѓу претставниците на САД и Русија.

По завршувањето на разговорите во Ријад меѓу американскиот државен секретар Марко Рубио и други американски претставници и руската делегација предводена од министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, Трамп изјави е се поубеден дека ќе се постигне договор.

„Мислам дека имам моќ да ја завршам оваа војна“, им рече тој на новинарите, говорејќи на прес-конференција во неговиот дом во Мар-а-Лаго во Флорида.

Тој рече дека можеби ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин овој месец и рече дека нема да се спротивстави на европскиот потег за испраќање мировни трупи во Украина, идеја што беше дискутирана за време на европскиот самит во Париз на 17 февруари.

„Ако тие сакаат да го направат тоа, јас сум за тоа“, рече Трамп, додавајќи дека Соединетите Држави не планираат да придонесуваат со војници во кој било контингент испратен во Украина за да се обезбедат безбедносни гаранции.

Тој, исто така, ја отфрли загриженоста на Украина за тоа што е изоставена од разговорите во Саудиска Арабија, повторувајќи го своето тврдење дека доколку бил претседател во 2022 година, можел да направи договор со Русија за да ја спречи инвазијата.

„Денес слушнав, ох, добро, ние не бевме поканети. Па, вие сте таму три години“, рече Трамп, мислејќи на Украина.

„Не требаше ни да започнете. Можевте да склучите договор“.

Трамп не појасни што сака да каже, но често за војната ја обвинува желбата на Украина да се приклучи на НАТО.

Експертите пак велат дека целосната инвазија на Русија била поттикната од империјалните амбиции на Путин, а не од амбициите на Украина за НАТО, која во тоа време имала мала поддршка од Западот.

Трамп додаде дека Украина треба да одржи избори, велејќи:

„Тоа не е работа на Русија, тоа е нешто што доаѓа од мене и доаѓа и од многу други земји“.

Други американски официјални лица сугерираат дека Украина би можела да одржи избори по договорот за прекин на огнот и тоа би било „добро за демократијата“.

Но, уставот на Украина ѝ забранува да одржува избори кога е во воена состојба, која беше воведена кога Русија ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година и продолжува до ден-денес по постојаното продолжување.

Петгодишниот мандат на украинскиот претседател Володимир Зеленски требаше да заврши во мај 2024 година по изборите во март, а Путин рече дека нема да преговара со Зеленски, бидејќи е нелегитимен лидер и нема да има овластување да потпише мировен договор.

На разговорите во Ријад, кои беа први официјални разговори на високо ниво меѓу Вашингтон и Москва по инвазијата во 2022 година, Русија и Соединетите Држави се согласиле да формираат тимови за да преговараат за патот кон завршување на војната „што е можно поскоро“.

Јуриј Ушаков, помошник на Путин за надворешна политика, го потврди договорот за преговарачките тимови, но рече дека е „тешко“ да се разговара за датум за потенцијална средба Трамп-Путин.

Државниот секретар на САД, Марко Рубио рече дека Европската Унија „ќе мора да биде на маса во одреден момент“ поради санкциите што блокот ги воведе кон Русија.

За време на самитот на 17 февруари во Париз, европските лидери изразија подготвеност да понудат безбедносни гаранции за Украина, но тие предупредија дека нивото на таквите гаранции ќе се заснова на учеството на Вашингтон во случај на сеопфатен мировен договор.

Франција ќе биде домаќин на втор состанок на 19 февруари на кој ќе се разговара за војната во Украина и европската безбедност. Овој пат ќе присуствуваат Канада и другите европски земји кои не беа присутни на претходниот итен самит.

Париз денеска домаќин на уште еден состанок за Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон
Францускиот претседател Емануел Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон соопшти дека денеска организира уште еден состанок со претставници на „неколку европски и неевропски држави“ за Украина. Ова следи по средбата во понеделникот, на која учествуваа мал број клучни земји, како и лидерите на Европската Унија (ЕУ) и НАТО.

Според француски дипломатски извори, меѓу учесниците се шефови на држави и влади од Грција, Финска, Романија, Шведска, Белгија, Чешка, балтичките земји, Норвешка и Канада, а некои лидери ќе се приклучат преку видео врска, вклучително и грчкиот премиер. Се очекува Макрон да се консултира со сите лидери на ЕУ до крајот на неделата.

Во интервју за неколку француски регионални медиуми, Макрон оцени дека американскиот претседател Доналд Трамп може „да иницира корисен дијалог со рускиот претседател Владимир Путин, но истовремено создава стратешка двосмисленост, што му овозможува на Путин да ја искористи неизвесноста за вршење притисок“.

Францускиот претседател истакна дека е подготвен да разговара со Путин „кога ќе биде соодветно време во рамките на идните преговори“.

„Во овој момент, Европа не е способна да ја обезбеди својата одбрана без САД. Денес ова е уште поизразено отколку пред три години. Мораме да го забрзаме процесот и во наредните три до пет години да преземеме конкретни чекори. Главен приоритет на САД е Кина, додека Русија претставува егзистенцијална закана за Европа, изјави Макрон за регионалните медиуми, меѓу кои Депеш (La Dépêche) и Паризијен (Le Parisien).

Тој додаде дека Франција не се подготвува да испрати копнени сили на украинскиот фронт.

Како можност за обезбедување безбедносни гаранции за Киев во рамките на потенцијален мировен договор со Москва, Макрон спомена испраќање воени експерти или ограничен број сили кои би биле надвор од зоните на конфликт, со цел да се зајакне довербата кај украинските власти.

Исто така, откри дека Франција и Велика Британија разгледуваат договор за солидарност со Украина, кој би овозможил испраќање експерти или ограничени контингенти сили. Друга можност што ја спомена е воспоставување мировна мисија под мандат на ОН долж линијата на фронтот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG