Достапни линкови

Пасошите без „Северна“ ќе важат само за гласање на избори?


Од 13 февруари, согласно Преспанскиот договор, документите за меѓународна употреба со старото уставно станаа неважечки
Од 13 февруари, согласно Преспанскиот договор, документите за меѓународна употреба со старото уставно станаа неважечки

На околу два месеци пред избори, властите допрва ќе носат решение како ќе гласаат на изборите над 100.000 граѓани кои имаат пасоши со старото име на државата, а немаат важечка лична карта. За 1000 граѓани кои стануваат полнолетни пред изборите нема решение, ќе гласаат само оние со нови лични документи.

Повеќе од 100.000 граѓани кои имаат право на глас на претстојните претседателски и парламентарни избори во Северна Македонија немаат важечка лична карта, а пасошите што ги поседуваат се со старото уставно име, покажуваат податоците од Министерството за внатрешни работи. Над 15.000 лица, пак, според МВР, кои поседуваат документи со старото име односно во моментов немаат важечки пасош или лична карта, а се сликани за нов документ и истите им се во процес на издавање. Исто така над 1 000 граѓани, од денот на распишување на изборите (14 февруари) до 8 мај ќе станат полнолетни и ќе треба да гласаат за прв пат, меѓутоа не поседуваат никаков нов личен документ.

Ако се земат предвид актуелните законски решенија ова значи дека ако овие граѓани не успеат да извадат нови лични документи, нема да може да гласаат на изборите.

Личните карти со старото уставно име, бидејќи не беше изменет Законот за лични карти со цел усогласување со новото уставно име, важат за внатрешна употреба и со нив ќе може да се гласа на избори. Меѓутоа, во конкретниот случај станува збор за група од над 100.000 граѓани чии лични карти истекле според датумот на важност. Рокот на важност наведен во пасошите кои ги поседуваат овие лица, пак, не е истечен, но името на државата на образецот е „Република Македонија“ поради што и овие документи им станаа неважечки по 12 февруари кога стапија на сила одредбите од Преспанскиот договор потпишан со Грција.

Прашањето како да им се овозможи на овие лица да го остварат правото на глас, денеска, 5 март, на владина седница ќе го покрене техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) за Радио Слободна Европа (РСЕ) објаснуваат дека на седницата Тошковски „ќе интервенира со информација до Владата“ во која ќе побара да се задолжи Министерството за правда, како надлежен ресор за Изборниот законик, во рок од три дена да ги преземе сите активности за се овозможат измени и овие лица да може да го остварат правото на глас.

Она што ќе го побара Министерството е да се направат законски измени и пасошите кои се со старото уставно име, но чиј рок на важност наведен во нив не е истечен, да може да се користат за идентификација на гласачкото место. Ова МВР ќе сугерираат да важи само за претстојните избори.

Покрај министерствата за внатрешни работи и за правда, во решението ќе треба да се вклучи и Собранието кое ќе треба да ги донесе евентуалните измени на изборниот законик.

Од пратеничките групи во парламентот, на прашањето на РСЕ, единствено координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски одговори дека за нив е „прифатливо секое издржано решение со кое ќе се надмине проблемот односно ќе може секој граѓанин непречено да излезе на избори и да гласа“.

ДИК уште пред шест месеци предложила решение

Проблемот со кој се соочува државата на околу два месеци пред изборите, надлежните го имале предвид и претходно, но до овој момент не е решен. Вчера, 4 март, претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, во изјава за медиумите посочи сличен предлог како решението што ќе го предложи Тошковски денеска во Владата.

„Како ДИК дадовме еден предлог до Собранието – во Изборниот законик да се направи измена во која ќе има преодна одредба само за овие избори, да важат и старите важечки документи за да можат да гласаат сите граѓани. Дали тоа ќе се усвои или не, зависи од Собранието“, рече Даштевски.

Во објаснувањето од ДИК околу предлогот, за РСЕ посочуваат дека тие ваквото решение го предложиле уште пред половина година.

„ДИК не доставува измени на Изборниот законик во Собрание туку ДИК достави предлог за измена и дополнување на Изборниот законик до работната група за измени на Изборниот законик пред околу 6 месеци“, велат од ДИК.

Предлогот кој го дала Комисијата ги вклучува и личните карти односно бил преодната одредба да гласи: „за изборите што ќе се одржат во 2024 година, избирачите ќе може да гласаат со лична карта или патна исправа чијашто важност истекла во периодот од девет месеци до денот на одржување на изборите“.

Новите гласачи ќе гласаат само ако успеат да извадат документи

Покрај спомената бројка од 100.000 граѓани без важечки документи е и помала група граѓани кои на претстојните избори треба да гласаат за прв пат.

Во прашање се лица кои наполниле 18 години од последните одржани избори (локалните во 2021), до денот на одржување на годинешните избори. Од нив, над 1.000 немаат нов документ.

Од ДИК се децидни дека тие ќе може да гласаат само со важечка лична карта или пасош. Друг начин нема.

„МВР во рок од еден ден од завршувањето на јавниот увид доставува листа на државјани кои поднеле барање за издавање нова лична карта или патна исправа по било кој основ од денот на распишување на изборите до денот на завршување на јавниот увид и листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите. ДИК податоците за овие лица ги впишува во избирачкиот список по службена должност. Потенцираме дека овие лица ќе може да гласаат само доколку истите имаат важечки документ за лична идентификација на денот на гласањето“, посочуваат од ДИК.

Од МВР, пак, брифираат дека со оглед што не е во прашање голема група на граѓани, извесно е дека доколку поднесат барање за издавање, овие лица ќе успеат да извадат документи до денот на изборите.

Првиот круг на претседателските избори е закажан за 24 април. Вториот ќе се одржи на 8 мај кога ќе се гласа и на парламентарни избори.

Парламентарните ќе бидат 11-ти по ред од 1990 година. На претседателски, пак, македонските граѓани годинава ќе гласаат по седми пат откако првпат шеф на државата на непосредни избори се бираше во 1994. Првиот мандат на претседателот Киро Глигоров од 1991 година беше врз основа на избор од Собранието.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG