Достапни линкови

Новогодишната ноќ со 18 затруени од алкохол и едно повредено дете од петарда


Илустрација
Илустрација

Првороденo машко бебе, 18 затруени од алкохол и едно тешко повредено дете од петарда. Ова е епилогот од новогодишните прослави. Од денеска мора да се поседува возачка дозвола со уставното име и започнува да се применува Законот за нефер трговија. Неколку инциденти на новогодишната ноќ и во светот.

„Годинава ја почнавме со принц! Бебето е од машки пол, тешко е 3190 грама и е долго 50 сантиметри и е прво на мама и тато, соопштија од Клиниката за Гинекологија и акушерство Скопје.

Ова е известувањето со кое рано утрово ГАК извести за првороденото дете на мајката СањаТалески, кое се роди точно една минута после полноќ.

Но, годината започна и со еден трагичен настан во кој 13 годишно дете е тешко повредено од пукање на петарда. Според информациите од докторите, детето ќе остане со траен инвалидитет.

Сепак генералната оценка на здравствените институции во Скопје е дека ноќта поминала прилично мирно со помал обем на работа.

„На Универзитетската клиника за токсикологија новогодишната ноќ помина прилично мирно. Прегледани се вкупно 21 пациент од кои 18 како акутни труења со алкохол. Од нив, четири се женски, а 14 машки. Кај женските најмладата пациентна е 17, а најстарата 26, а кај машките најмладиот е 14, а најстариот 38 гдини. Вообичаено како секоја година имаме помалку пациенти од минатата година, изјави Андон Чибишев, директор на Клиниката за токсикологија во Скопје.

Еден од пациентите измешал алкохол и таблети. Акутното труење е индивидуално и, како што појасни Чибишев, може да се случи и со две чаши алкохол.

Годинава помалку работа за докторите споредбено со претходните години

На ТОАРИЛУЦ, Ургентниот центар, КАРИЛ и Ортопедија, како што информираше доктор Игор Мерџановски, имало помалку работа за 30 проценти од претходните години.

„Направени се 35 прегледи од кои кај 9 лица од сообраќајки со лесни телесни повреди и тие пациенти се пуштени на домашно лекување. Имаме двајца пациенти од физички напад, едниот е задржан на опсервација и во текот на денов ќе биде пуштен дома, како и 13.годишно дете со тешка повреда на раката од петарда, кое веќе е оперирано на Детската клиника за хирургија и најверојатно ќе биде со инвалидитет на раката. Примене и еден странски државјанин во алкохолизирана состојба со повреда на ноост и главата, згрижен е и пуштен е на домашно лекување, изјави Мерџановски.

И дежурството на новогодишната ноќ во Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридкси“, според директорт Небојша Настов, поминало мирно, со вообичаен број на итни пациенти како во нормалните денови. Вкупно се прегледани 81 пациент, пет како последица на сообраќајни несреќи, тројца се од физички пресметки и извршени се три оперативни интервенции.

„За среќа во текот на новогодишната ноќ немаше повреди од петарди и огнострелно оружје, тоа беше зачестено во период пред празниците. Во последниот месец имаше 50-ина претежно малолетници на возраст од 12 до 17 години, рече Настов.

Тој посочи дека за жал најверојатно се користат се поголеми петарди со поголемо барутно полнење и оставаат трајно оштетување кај децата.

Закони кои стартуваат од 1 јануари 2025 година

Од 1 јануари сите возачи ќе мора да имаат возачки дозволи со уставното име на државата, Република Северна Македонија, известуваат од Министерството за внатрешни работи.

Истече и крајниот рок до кој граѓаните можеа да ги заменат регистарските таблички со нови кои имаат ознака НМК или на истите да залепат налепница НМК.

„Тоа значи, регистарските таблички кои ја содржат буквената ознака МК (регистарски таблици со четири броеви) и регистарски таблици кои не ја содржат буквената ознака МК (со три бројки) треба да бидат променети со нови регистарски таблици кои ја содржат националната ознака НМК или на истите да се стави налепница со национална ознака НМК до 31-ви декември 2024 година, информираат од МВР.

Додаваат дека налепници НМК граѓаните може да обезбедат во сите станици за технички преглед. Казната за возачка дозвола со старото име на државата е 100 евра.

Од денеска (1 јануари) Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) почнува со спроведување во пракса на казнените одредби од Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи, со којшто се очекува да се средат односите меѓу производителите, добавувачите и трговците.

Прекршочната постапка пред Комисијата се поведува по службена должност или по барање на физичко или правно лице, а глобите шо може да ги изрече КЗК се различни и зависат од видот на прекршокот и големината на прекршителот (микро, мал, среден и голем трговец) и варираат од 50 до 20.000 евра за потешките прекршоци согласно Законот доколку се утврди дека правното лице кое во својство купувач кон неговите добавувачи употребува значителна преговарачка моќ со наметнување нефер трговски практики.

Со Законот за нефер трговски практики во синџирот на снабдување се опфатени 2.548 земјоделски и прехранбени производи, а во мониторинг периодот утврдени се 26 нефер трговски практики.

„Оваа разлика директно влијаела на крајната цена на земјоделските и прехранбените производи, а ние се надеваме дека со доследно спроведување на Законот за одреден период ќе имаме стабилизација на цените на прехранбените производи и нивно постепено намалување, велат за МИА од Министерството за економија и труд.

Ова, како што посочуваат, е сосема нов Закон кој за првпат се носи, па оттаму нормално е да има одредени проблеми при неговата примена и при склучување на договорите.

Правен е по примерот на Хрватска, Словенија, Бугарија и Шведска и е донесен според ЕУ Директивата 2019/633 на Европскиот парламент и Советот од 17 април 2019 година, за нефер трговски практики во односите бизнис-бизнис во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи.

Во Србија протести и молк наместо прослава, во Атина спектакуларен бесшумен огномет

Наместо традиционалната улична забава на новогодишната ноќ, десетици илјади демонстранти предводени од студенти се собраа во текот на ноќта во Белград и другите српски градови за да побараат политички реформи и правда во земјата.

Студенти од различни белградски факултети организираа протест под слоганот „Нема Нова година – уште ни должите за старата“.

Гласно скандирање „Сакаме правда“ прекина во 23 часот и 52 минути кога се одржа 15-минутно молчење за да им се оддаде почит на жртвите од трагедијата во Нови Сад, во која на 1 ноември загинаа 15 лица. Многумина држеа транспаренти со црвен отпечаток од дланка, кој стана симбол на антивладините протести, како порака до властите дека имаат крвави раце.

Новогодишниот протест се одржа нешто повеќе од една недела откако десетици илјади граѓани се собраа заедно со студентите на еден од најголемите собири во последните години во главниот град на Србија, барајќи да се исполнат студентските барања кои вклучуваат и одговорност за несреќата во Нови Сад.

Во грчката престолнина Атина, новогодишната ноќ помина со концерт, со традиционален огномет, но оваа година за првпат бесшумен и со спектакуларно шоу со дронови.

На полноќ, стотици дронови го осветлија небото над Атина, упатувајќи желби за 2025 година, а огнометот годинава за првпат беше бесшумен.

Во Германија загинати од пиротехнички средства, во Италија исчезнаа мигранти

Пет лица загинаа на новогодишната ноќ во различни области на Германија при палење моќен огномет, а во Берлин еден полицаец е тешко повреден од пиротехничко средство, соопштија денеска германските власти.

Повредени се вкупно 13 полицајци, од кои еден потешко и морал да биде опериран. Тој бил погоден со нелегално произведено пиротехничко средство, изјави портпаролот на полицијата.

Германците традиционално ја слават Новата година со особено интензивна употреба на огномет, што редовно предизвикува дебата за забраната на најмоќните средства поради зголемениот број на повреди, но и поради загадувањето и силната бучава што ја произведуваат.

Во близина на италијанскиот остров Лампедуза, дваесет мигранти исчезнаа денеска во откако потона брод од кој беа спасени седум лица, меѓу кои и осумгодишно дете од Сирија, јави италијанската агенција Анса.

Италијанската крајбрежна стража трага по исчезнатите лица, меѓу кои има пет жени и три деца.

Бродот тргнал од Либија, а седуммината спасени се Сиријци, Суданци и Египќани.

Во Њу Орлеанс автомобил удри во група луѓе по што неколку лица се повредени, а според првичните информации има и загинати.

Инцидентот се случил на улицата Бурбон за време на новогодишната прослава околу 03:15 часот по локално време. Тоа е улица позната по бројни барови и клубови.

Очевидци за Си-Би-Ес Њуз изјавиле дека автомобилот со голема брзина влетал во толпа луѓе, а потоа возачот излегол и почнал да пука со оружје, а полицијата возвратила.

Од полицијата засега не соопштуваат ништо за мотивот, ниту дали се работи за тероризам. Не е познато дали возачот е уапсен.

XS
SM
MD
LG