Автор: Манас Кајртаиули
Не е претерување да се каже дека ако ги земете предвид сите поранешни и сегашни казахстански функционери за чии роднини се знае дека поседуваат имот во Дубаи, би можеле да формирате нова влада со многу познати имиња.
Но, колкумина од нив ги пријавиле или ќе ги пријават овие имоти кај надлежните институции дома, во Казахстан? И, со кои пари ги купиле имотите?
Ова се две прашања што Казахстанскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) им ги постави на познатите личности чии сопруги, деца, браќа и сестри се појавуваат како сопственици на имот во Дубаи во податоците што ги поседува непрофитниот Центар за напредни одбранбени студии (C4ADS) со седиште во САД од 2020 година.
Во некои случаи, телефонските разговори завршуваа кога ќе го спомневме зборот „Дубаи“. Во други, поранешните функционери го оправдаа купувањето имот со заработката што ја имале во нивните кариери пред да се најдат на релативно скромно платените државни позиции или, пак, со бизнис успесите на нивните сопружници.
Но, да бидеме јасни – постојат многу причини зошто поединци со поголема капитал од Казахстан посакуваат да имаат имот во Дубаи и многу од нив немаат никаква поврзаност со незаконски работи.
Со оглед на тоа што Казахстан е 28 места зад Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) на ранг-листата за владеење на правото на Светскиот проект за правда, купување стан во Палм Џумеира со поглед на Персискиот Залив може да се смета за побезбедна инвестиција за една јавна личност отколку да инвестира во недвижност во главниот казахстански град Астана. Исто така, Дубаи има далеку поумерена зима од Астана – вториот најстуден главен град во светот.
Но, со 1.550 казахстански граѓани кои според регистарот на C4ADS поседуваат повеќе од 2.700 имоти вредни стотици милиони долари, а веројатно има и други кои се непознати во јавноста, ОАЕ сигурно треба да бидат во фокусот на казахстанските власти кои велат се посветени на репатријација на средствата што можеби биле незаконски стекнати.
Во секој случај, не очекувајте да слушнете премногу за тоа.
Новинарите кои се распрашуваат за работата на владата во оваа насока добиваат конзистентна порака: информациите се класифицирани.
Пресвртни моменти во 2022 година?
Во текот на својата децениска независност, казахстанските власти жалеа за „бегство на капиталот“, нудејќи грејс периоди за секој што сака да го врати богатството од сомнително потекло и заканувајќи се со казни за оние кои ја игнорираат понудата.
Гласноговорник на оваа кампања вообичаено беше поранешниот претседател Нурсултан Назарбаев, кон чии опомени на оваа тема во јавноста оправдано се гледаше со цинизам.
На крајот на краиштата, од сите семејства во Казахстан, малку е веројатно дека некое од нив поседува повеќе имот во странство од самите Назарбаеви.
Но, по крвавите немири во јануари 2022 година, во кои загинаа повеќе од 230 луѓе и го принудија поранешниот претседател да се повлече од јавниот живот, наследникот на Назарбаев, Касим-Жомарт Токаев, отиде подалеку во борбата против „бегството на капиталот“.
Соочена со јавниот притисок за системски промени, подоцна истата година неговата влада формираше паралелни комисии за одземање на незаконски стекнатите имоти што се чуваат дома и во странство.
Следната година, во сила стапи Закон за враќање на имот.
Улогата на ОАЕ во она што C4ADS го нарекува „глобален пример за избегнување даноци“ и перење пари, поради нивото на посветеност на правдата и чувањето финансиски трајни, не треба да се објаснува премногу.
Но, и таму, официјалните лица се соочуваат со нова контрола откако Работната група за финансиска акција (ФАТФ) – меѓувладина организација која поставува глобални стандарди за борбата против перењето пари и финансирањето тероризам, го смести Дубаи на својата листа со правни системи каде се преземаат слаби мерки за спречување на перењето пари.
ОАЕ на ова одговорија со објавување мерки за заострување на процесот на купување недвижен имот, при што ФАТФ во февруари наведе дека е направен „значителен напредок“.
А, од имотот на Казахстанците во Дубаи кој досега се појави, според извештајот на казахстанскиот сервис на РСЕ, голем дел припаѓа на сопружници и роднини на повеќе од 100 поранешни функционери, покажуваат владините податоци.
Казахстанскиот државен комитет за приходи вели дека 40 лица кои служат како владини службеници пријавиле недвижен имот во Обединетите Арапски Емирати (60 имоти), кој е регистриран на нив и на нивните сопружници за време на првата фаза од универзалната декларација за пријавување имот што започна во 2021 година. Некои од поранешните функционери со имоти во Дубаи, во тоа време сè уште беа на функцијата.
Почнувајќи од јануари, ќе стапи во сила најновата фаза од универзалната декларација за имот, кој им наложува на сите граѓани, но и на нерезидентите кои живеат во Казахстан, да го пријават имотот.
Но, ваквите анкетни листови, дури и тие на јавните лица, во моментов не се достапни за обичните Казахстанци.
Заедно со казахстанскиот сервис на РСЕ, податоците за имотите во Дубаи на Центарот за напредни одбранбени студии, ги обработуваа и новинари од независната информативна веб-страница Vlast.kz.
Во интервју за казахстанскиот сервис на РСЕ за истрагата во Дубаи, основачот на Vlast.kz, Вјачеслав Абрамов, истакна дека е „многу среќен“ за секој што заработил и купил имот, без разлика дали е во Дубаи, Казахстан или Њујорк.
„Единствениот проблем е кога сите тие се обидуваат да го скријат тоа“, рече тој.
„Бидејќи [гледајќи ги податоците] ние [новинарите] гледаме десетици, ако не и стотици имиња кои не ни значат ништо на нас, многу е можно тоа да се луѓе што не можеме да ги идентификуваме затоа што се возачи, чувари или ниски владини службеници на чии имиња се регистрирани овие имоти, бидејќи [повисоките функционери] не сакаа да ги регистрираат како свои“, вели Абрамов.
Елита над елитата
Законот за враќање на имотот што Токаев го потпиша минатата година за потенцијална проверка од страна на властите таргетира само поединци со имот во вредност од 100 или повеќе милиони долари. Оние со помала нето вредност може да се соочат само со истраги според сегашните закони на Казахстан.
Дури и за земја богата со нафта како Казахстан, 100 милиони долари се прилично висока граница.
Едно семејство за кое повеќе медиумски истраги сугерираат дека вреди многу повеќе од 100 милиони долари е семејството на Назарбаев, чии роднини и сопруги се појавуваат повеќе пати во податоците кои C4ADS ги достави до казахстанскиот сервис на РСЕ и до други медиуми.
Аналитичарите и независните медиуми постојано го забележуваат недостатокот на притисок од страна на казахстанската влада за поранешното прво семејство во земјата во однос на богатството што го поседува во странство.
И покрај тоа што властите не спомнаа средства во странство во сопственост на трите ќерки на Назарбаев кои се под истрага, еден Назарбаев чие имотно портфолио тие детално го наведоа е Каират Сатибалди.
Во есента 2022 година, Сатибалди беше осуден на шест години затвор за корупција и изнуда, со што стана првиот и единствениот кој е во крвно сродство со поранешниот шеф на државата, а кој отслужи казна по насилствата во земјата во јануари истата година.
И покрај тоа, бизнисменот и поранешен генерал-мајор за национална безбедност Сатибалди беше ослободен од затвор во септември 2024 година и сега отслужува условна казна.
Дел од оправдувањето за неговото предвремено ослободување беа повеќе од 1,5 милијарди долари, незаконски стекнати средства што владата вели дека ги вратил на државата.
Но, во имотите што владата ги спомна дека се вратени не влегуваат најмалку седум станови во вредност од повеќе од 4 милиони долари во станбениот комплекс SHAMS-4 во близина на пристаништето во Дубаи.
Имињата на кои се регистрирани овие имоти од 2022 година ги вклучуваа Саида Канатбекќизи, Асел Бактјарќизи, мајката на Сатибалди, Светлана Назарбаева и неколку млади лица со презимињата Каиратќизи (ќерка на Каират) и Каиратули (син на Каират).
Дописниците на казахстанскиот сервис на РСЕ тропнаа на вратите на два од становите во комплексот SHAMS-4, но никој не отвори.
Во август, казахстанските власти соопштија дека „две вили во ОАЕ“. вредни околу 40 милиони долари се во завршна фаза на предавање на државата.
Казахстанскиот сервис на РСЕ не ги најде овие вили во податоците на C4ADS. А становите во SHAMS-4 не се споменати во ниту една официјална владина комуникација.
Сопружниците и нивниот деловен успех
Многу од луѓето кои се појавуваат во базата на податоци се сопружници на политички фигури кои најголем дел од својата кариера ја поминале во државна служба, каде што плати се скромни.
Иако тоа не значи дека нивните портфолија со странски имот се стекнати со нелегални приходи, сепак покренува прашања за тоа како и кога семејствата ги заработиле парите потребни за купување на тие имоти.
Нурлан Нигматулин, поранешен претседател на парламентот, шеф на кабинет и гувернер на провинција, помина само неколку години работејќи во приватниот сектор за време на неговата политичка кариера која траеше три децении.
Имајќи предвид дека неговата последна функција заврши во 2022 година, само неколку недели по превирањата што доведоа до чистка на главните сојузници на Назарбаев, Нигматулин можеби поднел анкетен лист.
Но, бидејќи овие документи се тајни, не е јасно дали во него е некој од 50-те имоти од базата на C4ADS каде како сопственичка или косопственичка се појавува неговата сопруга, Венера Бајмурзаева.
Казахстанскиот сервис на РСЕ успеа да дојде до Бајмурзаева, но таа го спушти телефонот набргу откако одговори на повикот.
Во Казахстан, името на Бајмурзаева се појавува во написи за основање на голем број компании, од кои најголемата се занимава со недвижен имот.
Слична е приказната и за Елизавета Ермуханова, сопругата на Мирлан Мухамбетов, чие последно појавување во јавноста беше како човек за борба против корупцијата на Казахстан во западната провинција Актобе во 2020 година.
Според податоците, Ермуханова поседува пет станови во станбениот комплекс Safer Tower 2 во Дубаи, со приближна вредност од нешто помалку од 1 милион долари.
Во Казахстан, Ермуханова има бизниси кои поседуваат, градат и издаваат недвижности.
Сопругот на Ермуханова ја започна својата речиси 30-годишна кариера во државна служба со работно место како царински инспектор.
Братот на Мухамбетов, Архимед Мухамбетов, за време на неговиот мандат како гувернер на провинциите Актобе и Костанај го доби прекарот „Архимед 30 проценти“.
Прекарот имплицираше апетит за поголемо мито и беше користен во неколку медиумски написи.
На новинарско прашање за прекарот во октомври 2022 година, Мухамбетов тврдеше дека не знае ништо за тоа. Семејството Мухамбетов не одговори на барањето за коментар од РСЕ.
Максут Нуриманов, кој беше заменик-претседател на Комитетот за национална безбедност од 2001 до 2010 година, заслугата за купување стан во непосредна близина на јахта клубот Дубаи Марина во вредност од 750.000 американски долари, ја препиша на деловните успеси на неговата сопруга.
„Таа го купи со чесно заработен приход, откако ги плати сите даноци што некои во нашата земја не ги плаќаат“, рече Нуриманов за РСЕ.
Најзабележителна компанија регистрирана во Казахстан под името на неговата сопруга Жибек Нуриманова е туристичката компанија Aspan Line. Нејзините нулта даночни изештаи од последните години сугерираат дека компанијата е неактивна.
Во писмениот одговор за РСЕ, Нуриманов вели дека неговата сопруга во моментов е тешко болна и повтори дека има документи кои ја потврдуваат законитоста на средствата со кои го купиле имотот.
Тој не приложи копии од документите ниту наведе кога е купен имотот.
Одговарајќи на прашања од новинарите во парламентот за податоците од C4ADS за сопствениците на имот во Дубаи претходно овој месец, заменик-генералниот обвинител Галимжан Ќоигелдиев рече дека казахстанските власти работат со нивните колеги од ОАЕ за голем број случаи, но за резултатите може понекогаш да се чека и со години.
„Ќе ви кажам едно – оние луѓе кои ја напуштија земјата се обидуваат да ги украдат милионите. Тие ќе бидат постојано барани“, рече Ќоигелдиев за време на настапот во парламентот на 2 октомври, потсетувајќи ги новинарите дека пристапот до списокот на лица осомничени за поседување нелегални средства во странство е „ограничен“.