Достапни линкови

Во најбогатиот регион со нафта во Казахстан жителите се борат да преживеат


Протести на жителите на Жетибаи на 31 март, 2023 година.
Протести на жителите на Жетибаи на 31 март, 2023 година.

Протестите на невработените жители на Мангистау ги истакнаа системските проблеми на регионот. Дописниците на казахстанскиот сервис на РСЕ поминаа неколку дена во селото Жетибаи за да ги разберат барањата на сè понемирното население.

И покрај тоа што во Мангистау се произведува околу четвртина од нафтата во Казахстан, регионот се бори со сиромаштија, а Даулет Калнијазов се жали на проблемите со кои се соочуваат и кои веќе неколку години и се познати на јавноста.

„Дали навистина можеме да живееме покрај такво богатство и да не видиме ништо од него?“ праша тој додека неговите сограѓани кои ги блокираа патиштата навиваа и аплаудираа во знак на одобрување.

„Тоа е она што нè лути... Сите сакаме да го видиме овој нов Казахстан што [претседателот Касим-Жомарт] Токаев го создава. Но ништо не се смени. Оние кои ја зборуваат вистината се прогонувани“, додава Калнијазов.

Новинарите на казахстанскиот сервис на РСЕ пристигнаа ноќе во селото Жетибаи на третиот ден од протестите на кои се бара обезбедување на нови работни места во населбата со околу 20.000 луѓе.

Протести во Жетибаи
Протести во Жетибаи

Жетибаи прерасна во населба во 1960-тите, кога советските власти почнаа со големи бушења во реонот. Протестите поради недостигот на работни места започнаа во 2014 година кога глобалните цени на енергијата влегоа во опасна состојба, предизвикувајќи кризи за големите извозници како Казахстан.

Следната година, националната банка на Казахстан ја повлече поддршката за валутата тенге, дозволувајќи нејзината вредност да се намали, што ја наруши локалната куповна моќ.

Во 2022 година, Казахстан беше опустошен од инфлација. Мангистау достигна годишна инфлација на храната од 31,6 отсто во споредба со националната бројка од 25,3 отсто, според официјалната статистика.

Жителите на Жетибаи велат дека покрај тоа што не гледаат никакви придобивки од националната нафтена индустрија, тие ги доживуваат и нејзините најлоши несакани ефекти врз животната средина што влијае и врз врз нивното здравје.

„Околу 600 луѓе помлади од 40 години се регистрирани со попреченост... Околу 200 тинејџери се регистрирани со сериозни здравствени проблеми. Моето дете има срцева мана“, изјави демонстрантката Жумагул Омарова.

„Тука сум за младите од Жетибаи!“, додаде таа.

Живот на работ

Следниот ден, жителите, на новинарите на РСЕ им покажаа истекување на нафта на неколку локации во областа што, според нив, предизвикува здравствени проблеми во селото.

„Еве го -- нашето црно злато. Го наоѓа својот пат во воздухот. Во моментот е стабилен. Но во лето [кога температурите во Мангистау можат да се искачат над 40 степени Целзиусови] се крева и има мирис “, рече еден жител додека со стап вадеше густ, темен катран од земјата.

На петтиот ден од протестот, за време на кој Жетибаи накратко беше зафатен од бура од прашина, новинарите на РСЕ ги посетија спартанските, полуопремени домови на демонстрантите и слушнаа дополнителни приказни за ветувањата за вработување.

Ајгерим Ордабаева пред нејзиниот дом.
Ајгерим Ордабаева пред нејзиниот дом.

Каират Сујесинов, чиј гас во декември беше исклучен поради неплаќање, рече дека минатата година му била понудена добро платена работа.

„Знаејќи дека претпријатието ќе банкротира, вработија 50 луѓе. Работевме два месеци, а потоа се мачевме да ги земеме нашите плати. Половина од парите никогаш не ни беа исплатени“, рече тој, шмркајќи додека ги задржуваше солзите.

„Ако претседателот Токаев дојде овде, би го поканил во нашиот дом за да може да види како живееме сите“, рече сопругата на Сујесинов, Ајгерим Ордабаева во нејзиниот дома каде само неколку соби имаат струја.

Проблеми со „деструктивен потенцијал“

Токаев последен пат ја посети провинцијата Мангистау пред неговиот реизбор на функцијата во ноември. Неколку месеци претходно, тој издаде остро предупредување дека „да се најде работа за сите во секторот за нафта и гас е невозможно“.

За време на неговото патување, тој вети 29 нови проекти кои ќе бидат завршени во периодот од 2023 до 2026 година, за кои рече дека ќе создадат околу 3.000 работни места. Малку е веројатно дека тоа ќе направи голема разлика во провинција која брои пповеќе од 700.000 луѓе и каде што населението постојано расте.

Локалните власти од Жетибаи на 1 април соопштија дека ги прекинуваат протестите поради „напредокот“ во разговорите со владата.

Лидерите во разговор со новинарите на РСЕ не открија какви гаранции добиле во замена за прекин на демонстрациите на кои голем број од учесниците почнаа да штрајкуваат со глад, а покраинската влада на Мангистау не даде детали за разговорите кога беше побарано.

„Доколку гореспоменатите власти не ги исполнат нашите барања и ги измамат селаните, повторно ќе се собереме да ги покренеме нашите проблеми“, вети лидерот на протестот Канат Коишубаев.

Во меѓувреме имаше и демонстрации на десетици неодамна невработени нафтените работници во Жанаозен, кои започнаа само неколку дена по завршувањето на протестот во Жетибаи. Жанаозен се наоѓа на еден час оддалеченост со автомобил од Жетибаи

XS
SM
MD
LG