Откако првичниот притисок на Русија да ја потчини Украина не успеа во првите недели од нејзината целосна инвазија, повеќе од две ипол години преовладуваше широко распространетиот став: Нема крај на војната на повидок!
Тоа се промени во последниве месеци поради неколку причини и фактори кои се движат од ситуацијата на бојното поле, па се до јавното мислење по изборот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој се враќа во Белата куќа на 20 јануари и постојано изјавува дека за ден, два ќе го реши најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна.
Значи, дали дека војната на Русија против Украина ќе заврши во 2025 година?
Ако крајот значи траен мировен договор, одговорот е НЕ, велат повеќето аналитичари, делумно затоа што рускиот претседател Владимир Путин не го сака тоа, без оглед на тоа што го тврди, освен ако не ја остави Москва со одреден степен на доминација врз Украина, што е неприфатливо за Киев и неговите поддржувачи во странство.
Експертите велат дека Путин сака Русија да претставува постојана закана за Украина и предизвик за Западот, кој го смета за агресор во цивилизациската конфронтација.
Украинците, пак, не сакаат мировен договор, ако тоа значи формално предавање територија на Русија и откажување од надежта дека Русија ќе одговара за нејзините злосторства против земјата и нејзиниот народ.
„Мислам дека сме многу, многу далеку од крајот на војната“, вели Најџел Гулд-Дејвис, виш соработник за Русија и Евроазија во Меѓународниот институт за стратешки студии во Лондон.
Сепак, притисокот за прекин на огнот постои, со оглед на ветувањата на Трамп за брзо завршување на војната, а преговорите сега изгледаат поверојатни, отколку што беа по серијата дискусии неколку месеци откако Русија ја започна целосната инвазија на Украина во 2022 година.
„Добра работа во моментов е тоа што Трамп веројатно може да ги натера Русите и Украинците да разговараат и со него и едни со други“, изјави за РСЕ Олга Оликер, програмски директор за Европа и Централна Азија во Кризната група.
„Мислам дека она што веројатно ќе го гледаме е барем де факто, ако не и де јуре прекин на огнот со одреден степен на преговори, премолчени или експлицитни, во текот на 2025 година“, смета Сем Грин, професор на Институт „Кралска Русија“ при Кралскиот колеџ во Лондон и директор за демократска отпорност во Центарот за анализа на европската политика.
Земја и безбедност
Има многу стапици кои би можеле да произлезат од прекинот на огнот, вклучувајќи го и ризикот Русија да го искористи како шанса да се прегрупира и повторно да нападне доколку не се воспостават ефективни средства за одвраќање и заштита за Украина.
Има и многу пречки за каков било договор, а некои од нив произлегуваат од навидум непомирливите позиции за клучните аспекти на конфликтот.
Еден од нив е територијата. Договорот за прекин на огнот сега изгледа поверојатен отколку во минатото, делумно поради знаците дека Украина, за која Оликер вели дека е „уморна и исцрпена“ во услови на бавни и енормно скапи, но упорни придобивки на руското бојно поле, би можела да биде подготвена за договор што ќе остави многу од окупираните територии во Украина под де-факто руска контрола на привремена и неофицијална основа.
Но, тоа можеби нема да биде доволно за Путин. Тој и другите руски официјални претставници рекоа дека не може да се преговара за признавањето на четирите провинции во Украина како руски- вклучително и за големи делови што Украина ги контролира, што пак за Киев неприфатливо.
Уште поголема пречка е потребата од сериозни, ефективни безбедносни гаранции за Украина.
Русија е против пристапување на Украина во НАТО: Едно од барањата што Москва ги постави како начин да се спречи инвазијата од целосен обем беше обврзувачкото уверување дека Киев никогаш нема да стане членка.
Аналитичарите велат дека Кремљ, исто така, е речиси сигурно дека ќе се налути на секој аранжман што може да биде означен како еквивалент на членството во западната воена алијанса.
Ако западните поддржувачи на Киев „се обидат да се насочат околу ова, да изградат нешто што има содржина, но не и форма на гаранција, Путин јасно ќе каже дека тоа не би било прифатливо за него“, рече Гулд-Дејвис.
„Многу, многу е тешко да се види како тоа би изгледало“, вели тој во врска со безбедносната гаранција за Украина што ќе им одговара и на двете страни.
Неговата теорија на победата
Главниот фокус на дискусијата во последните недели беше можноста за испраќање западни трупи во Украина во случај на прекин на огнот. Но, во Европа има несогласувања за ова прашање, и Русија не би била задоволна со тоа.
„Кремљ нема да сака да ги види западните трупи, особено трупите на НАТО, по линијата на контрола на полицискиот прекин на огнот, бидејќи „Русија ќе сака да ја задржи моќта. Ќе сака да биде тaa што ќе го контролира бројчаникот кога станува збор за ескалација, ќе сака да може да ги држи надвор од рамнотежа сите други, вклучително и Украинците на Запад“, вели Грин.
„Прашањето е дали Киев и Западот ќе можат да ја натераат Москва на позиција во која нема друг избор освен да прифатат таков аранжман“?, прашува Грин.
Со напредокот на Русија на бојното поле, нејзината економија очигледно е далеку од колапс и покрај предупредувачките знаци и неизвесноста за иднината на западната поддршка за Украина.
„Во овој момент, Путин верува дека неговата теорија за победа се докажува, дека Русија е само долгорочно доволно голема и доволно цврста да наметне трошоци и да направи трошоци против помалиот противник, Украина, воено да ја уништи и политички да го надмине Западот“, рече Гулд-Дејвис.
„Она што би можело да го промени тоа и да го принуди Путин да има поинаков поглед на иднината, би било доколку администрацијата на Трамп изврши вистински притисок, значително голем притисок врз Путин, заканувајќи се со трошоците за продолжување на војната што ќе го наведе Путин да верува дека неговиот режим би можел да биде загрозен“, рече тој.
Покрај сугерирањето дека ќе ги искористи нивоата на помош за Украина како лост на влијание и врз Киев и врз Москва, Трамп кажа малку за тоа како се надева да стави крај на војната.
И додека чека да започне мандатот на Трамп, Путин се чини дека игра двојна игра, како што тоа често го прави, испраќајќи контрадикторни пораки во речиси ист здив - оценувајќи ја Русија како конструктивна и подготвена за отстапки, но во исто време поставувајќи бариери за каквов било договор кој би можел да биде прифатлив за Киев и за Западот.
На четири ипол часовната сесија на прашања и одговори во живо на државната телевизија на 19 декември, Путин тврдеше дека Русија е подготвена за компромис со Украина - но исто така кажа и неколку работи што сугерираат дека не е така.
„Сè се врти околу војната“
Како прво, Путин го претставиукраинскиот претседател Володимир Зеленски како нелегитимен лидер со кој нема да потпише договор. Тој уште еднаш укажа дека таканареченото Истанбулско коминике,(рамковен договор кој се појави непосредно пред Москва и Киев да ги прекинат разговорите по целосната инвазија), мора да послужи како основа за какви било преговори.
„Сепак, она што Путин го вели е дека условите на тој договор, кој предвидува суштински неефективна Украина на која не само што и е забрането да се приклучи кон НАТО, туку е и демилитаризирана, а со тоа и многу, многу лесна цел за Русија во иднина... таа суштински треба да биде во центарот на секој иден мировен договор“, рече рускиот аналитичар Марк Галеоти.
„Тој се обидува да го направи овој процес што е можно понезгоден, а истовремено да звучи како да е што е можно пофлексибилен“, вели Галеоти во неговиот подкаст на 22 декември.
Грин посочи дека Русија можеби е подготвена да го „отфрли насилството“ и да размисли за прекин на огнот, но само ако Путин е уверен дека Москва би можела да продолжи да и се заканува на Украина и да го задржи политичкиот ќорсокак со Западот.
„Руската економија во моментов функционира само поради војната. Рускиот политички систем сега е „изграден“ околу војната. Тоа го оправдува и објаснува нивото на централизација, на репресија, на идеолошка контрола, кои ќе бидат работи од кои Кремљ многу тешко ќе се оттргне“, рече тој за РСЕ.
„Дури и ако Русија се насочи кон прекин на огнот, мислам дека ќе се најде себеси во обид да го задржи нивото на конфронтација што моментално го има со Украина, но исто така и со Западот пошироко“.
Во пропагандна смисла, Грин вели дека: „Путин и Кремљ си дадоа значителен простор за реторичко движење. Така што тие можат да ја дефинираат победата, дури и привремената победа, делумната победа, на повеќе различни начини“.
„Огромна грешка“
Оликер, исто така, посочи дека наведените позиции на Русија за територијата и другите прашања не мора да значат дека договорот би бил недостапен, доколку се случат разговори.
„Постои предност од започнување на разговорите. И штом ќе ги започнете, луѓето можеби ќе бидат подготвени да направат отстапки. Секогаш влегуваш со својата максимална позиција и би бил будала да не го сториш тоа во процесот на преговори“, вели Грин.
Договорот можеби нема да се постигне во 2025 година. Но, ако се одржат разговори и се постигне договор, сепак аналитичарите предупредуваат дека западните земји мора да бидат внимателни, да избегнат да си честитаат и да ја сметаат работата за завршена.
„Одговорот на Европа на секој договор за прекин на огнот ќе биде критично важен и за Украина и за нив самите“, рече Рут Дејермонд, виш предавач на Одделот за воени студии на Кралскиот колеџ во Лондон.
„Со оглед на тоа што многу земји се справуваат со политички превирања дома (често поттикнати од Русија), тие може да бидат во искушение да го третираат ова како крај на конфликтот и можност за ресетирање на односите со Русија. А, тоа би била огромна грешка“, напиша таа.
Дејермонд заклучува дека „Русија ќе продолжи да претставува најсериозна и непосредна конвенционална и неконвенционална закана за европската безбедност“.