Јавното обвинителство води истрага против двајца македонски државјани кои учествувале во војната во Украина и наводно се бореле за паравоени групи на руската страна против Украина, од кој едниот бил член на приватната војска „Вагнер“ . Обвинителите постапуваат против поединци од земјата осомничени дека се бореле во војната во Украина, што е кривично дело „Учество во странска војска“.
„Во однос на предвидената казна за кривичното дело Учество во странска војска истата може да биде најмалку четири години“, се вели во одговорот на Јавното Обвинителство за Радио Слободна Европа.
Засега Обвинителството и полицијата не даваат детали колку луѓе од земјава заминале да војуваат во Украина, ниту дали постојат организатори кои регрутираат борци во Северна Македонија.
Министерството за внатрешни работи за помалку од еден месец објави соопштенија за две лица кои учествувале на руската страна во војната во Украина, а во нив се споменува и дека еден македонски државјанин загинал во борбите.
Последното е од 23 декември во кое се вели дека полицијата кривично гони македонски државјани за учество во руската војска во воениот конфликт во Украина.
Сеработи за 37-годишен маж од Скопје (Љ.Б.), кој заедно со веќе починатиот (Т.Ш.) преку апликацијата „Телеграм“ аплицирале на конкурс за служба во руската армија.
Според МВР, двајцата во септември годинава отпатувале за Русија, каде потпишале договор со Министерството за внатрешни работи на Доњецката Народна Република и се приклучиле на нивните воени и паравоени формации.
МВР: Регрутер преку интернет
По претресот на домот на осомничениот (Љ.Б.) полицијата пронашла документи, тактичка облека и други предмети за кои од МВР велат дека ја потврдуваат неговата вмешаност. И на двајцата осомничени им е изречена мерка куќен притвор.
Во првиот случај објавен на 30 ноември, се вели дека 28-годишен маж (Ј.К.) во октомври заминал за Москва со намера да се приклучи на руската војска за паричен надомест од 3.000 евра. По враќањето во земјава, македонските власти го уапсиле и му поднеле кривична пријава.
Според истрагата, (Ј.К.) стапил во контакт со регрутер преку интернет и по пристигнувањето во Русија му било побарано да го предаде пасошот, по што требало да потпише договор и да биде испратен на обука за борба во Украина.
Од институциите нема одговор дали ова се изолирани случаи или пак станува збор за организирано регрутирање на борци од земјава да учествуваат во војната во Украина.
Од МВР кусо за РСЕ одговорија дека заедно со Обвинителството и другите безбедносно разузнавачки служби преземаат активности за проверка на сознанија за сите лица за кои постојат сомненија дека се дел паравоени војски.
Случаите не сакаше да ги коментира Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам Павле Трајанов, кој ни кажа дека во моментов ниту тој нема изворни информации од МВР за тоа колку луѓе од земјава учествуваат во војната во Украина.
Претходните години, случаи за учество во странска војска имаше во војната во Сирија, за која Националниот комитет за спротивставување на насилниот екстремизам и тероризмот објави дека над 140 граѓани на Северна Македонија (исклучувајќи деца) патувале или се обиделе да патуваат во Сирија или Ирак за да се приклучат на терористички групи.
Конфликтот меѓу Русија и Украина трае цела деценија, почнувајќи од анексијата на Крим во 2014 година, а ескалираше во целосна руска инвазија кога десетици илјади руски војници ја преминаа украинската граница во февруари 2022 година.
Досега не беа објавени информации од безбедносните служби на Северна Македонија за учество во оваа војна на државјани на земјава. Повеќе случаи имаше од земји како Србија, БиХ и Црна Гора.
Некои од повратниците од овие земји сведочеа дека се бореле за единици под различни имиња, меѓу другите единицата „Волк“, батаљонот „Судоплатов“, но и за руската приватна воена група „Вагнер“ која излезе од сенка откако руските државни медиуми започнаа секојдневно да ја фалат за успесите на нејзините платеници во инвазијата.
„Вагнер“ и Балканот
„Вагнер“ е платеничка војска основана во 2014 година од рускиот државјанин Евгениј Пригожин, кој беше близок до Кремљ, а загина во август 2023 година во несреќа со приватен авион кој се урна точно два месеци откако неговиот одред одрганизираше бунт против властите во Москва. Пригожин претходно беше нарекуван како „готвачот на Путин“ поради бројните договори за кетеринг кои ги имаше неговата компанија со државата.
Медиумите во Србија пишуваа за врски на „Вагнер“ со десничарските групи во земјата кои ја поддржуваа политиката на Кремљ, а во Белград беа сликани и мурали за поддршка на „Вагнер“.
По целосната руска инвазија во февруари 2022 година, порталот на српски јазик Russia Today Balkan објави оглас на „Вагнер“ за регрутирање на потенцијални волонтери, но во тој период немаше потврдени информации дали на Вагнер му се приклучиле нови борци од Србија.
Властите во Србија велеа дека ги истражуваат случаите, а загриженост за обидите на „Вагнер“ да регрутира војници во Србија и во други земји изразуваше американскиот Стејт департмент.
Беа познати претходни случаи: Во март 2017 година српски државјанин беше осуден на една година условна казна за војување во Украина на страната на проруските сепаратисти во рамки на групата „Вагнер“. Оваа пресуда беше меѓу 32 кои Србија ги донесе против борци кои војувале во окупираните делови на Украина.
Единицата „Вагнер“ се соочува со можни обвиненија за воени злосторства во Украина, Сирија и други африкански земји и е под санкции на Европската унија (ЕУ) од декември 2021 година поради кршење на човековите права во вооружени конфликти ширум светот. Таа е исто така на црната листа на САД од јуни 2017 година поради вмешаност во конфликтите во источна Украина.
„Волк“ и мрежата на „Редут“
Во Србија имаше случаи во кои Срби се бореле за други руски групи, како што во јуни 2023 година се вратија од војната во Украина борејќи се за руската единица „Волк“, откако претходно биле на кратка обука на полигоните во близина на Москва.
Како што пишуваше балканскиот сервис на Радио Слободна Европа, случајот на оваа група е доказ за постоењето на подземен систем кој обезбедува меѓународно покритие за ангажмани од Балканот до фронтот и учество во војната на Русија против Украина.
РСЕ тогаш успеа да интервјуира еден од борците од Србија, кој бил ангажиран како платеник, откако му беше гарантирана анонимност. Неговото сведочење даде детален приказ на неговото осуммесечно искуство во текот на 2022-2023 година.
„Драган“ поминал два месеци на обука и уште шест месеци под договор за учество во војната во Украина, а на новинарите на РСЕ им даде документи и фотографии што им овозможија да ја потврдат неговата приказна.
Драган тогаш бил со други српски регрути два месеци на обука во воениот полигон Алабино, западно од Москва, каде командувал човек кој се претставил како Дима и уште еден наводен офицер на ГРУ, кој се претставил како Олег.
Драган рече дека добил 110.000 рубљи (околу 1.215 долари) во готовина за секој од двата месеци обука, и околу двапати повеќе за секој од шестмесечните борби во Украина.
Драган проценува дека за време на неговиот престој во Алабино имало околу 25 Срби и дека наводно имало Срби од Србија, но и од Република Српска во Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, па дури и еден Србин од Франција. РСЕ тогаш не можеше независно да ја потврди оваа информација.
Драган рече дека „потпишал шестмесечен договор со приватна воена компанија во шаторот на Дима и Олег“, иако за РСЕ не достави копија од договорот или фотографија.
„Во договорот можеше да се види дека тоа нема никаква врска со Министерството за одбрана на Русија, туку дека е приватната воена компанија ООО Редут“, изјавил тој за РСЕ
Истражувачките редакции на РСЕ, Systema и Schemes, претходно потврдија дека Русија во тоа време користела компанија наречена PMC Redut за регрутирање и испраќање борци во Украина.
Испратени во војна по кратка обука
Како што откри РСЕ во октомври 2023 година, единицата „Волк“ била една од најмалку 20-те формации кои се бореле во Украина под ознаката Редут.
Драган вели дека нема забелешки за двомесечниот процес на борбена обука, која, како што рече, се одвивала од 9 до 17 часот, шест дена во неделата и дека по два месеци во Алабино се вклучил во војната во Украина во јануари 2023 година.
Тој се борел во битките кај Лисичанск во Луганската област и во близина на Авдијивка во Доњецката област.
Драган вели дека за време на неговото осуммесечно искуство избројал околу 70 други Срби и додава дека многумина биле испратени во битка со многу помалку обука и целосно неподготвени за битка.
По шест месеци во Украина, во јуни 2023 година, како што наведува, бил разочаран од она што го видел за руската армија.
„Од моја гледна точка, „бизнисот и корупцијата цветаат“ и „Русите, како што ние Србите ги замислуваме и сметаме, постојат во многу мал процент“, вели тој.
Пред да се врати во Србија, Драган добил лажна потврда дека работел во градежништво. Му бил даден документ во кој пишувало дека работел за московска компанија за да се заштити во случај српските гранични службеници да се посомневаат.
Батаљонот „Судоплатов“ и одредот „Сова“
Борци од Србија се приклучуваа на руските сили во Украина и преку батаљонот под имтето Судоплатов.
Радио Слободна Европа (РСЕ) откри детали за двајца борци под кодни имиња „Сава“ и Дунав“ за кои тврдат дека наводно биле дел од оваа група и дека им се приклучиле на руските сили во Украина.
Баталјонот „Судоплатов“ е основан во септември 2022 година како проруска волонтерска единица која дејствува на југот на Украина на територијата на Запорожје, која моментално е под руска окупација.
Името на баталјонот потекнува од Павел Судоплатов, поранешен припадник на разузнавачките служби на Советскиот Сојуз за време на владеењето на Сталин, кој учествувал во ликвидациите на украинските националисти во доцните 1930-ти.
Меѓу случаите во Босна и Херцеговина за кои известуваа медиумите беа за формираниот одред „Сова“ – единица која војува на руската страна против украинските сили на истокот на земјата.
Одредот тврдеше дека го формирал Александар Велимировиќ од Бања Лука, кој претходно се викал Љубиша Божиќ. Тој на крајот на 2023 година пишуваше дека одредот веќе има стотина обучени војници.