Достапни линкови

Обама: Го запревме масакрот во Либија


Во телевизиско обраќање до американската јавност, претседателот Барак Обама ја бранеше неговата одлука да одобри употреба на сила во Либија. Тој додаде дека со интервенцијата на Соединетите Држави и сојузниците бил спречен масакр што ќе останел врежан во совеста на светот.

Наведувајќи дека одбил да чека на, како што изјави, слики на колежи и на масовни гробници пред да преземе акција, претседателот Барак Обама изјави дека тој и неговите сојузници решиле да дејствуваат, откако на либискиот лидер Моамер Гадафи му дале шанса да ги стопира бруталните напади врз силите на опозицијата и врз цивилите.

„Одбив да го дозволам тоа. Пред девет дена, по конслутации со двете партии во Конгресот, дозволив воена акција за да се спречат убиствата и за спроведување на резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации.“

Барак Обама го карактеризираше Гадафи како тиранин кој не им дозволувал слобода на луѓето, го користел нивното богатство, тероризирал невини луѓе низ светот, вклучувајќи и Американци.


„Вечерва можам да ве известам дека го запревме неговото смртоносно напредување“, изјави Обама кој телевизиското обраќање го одржа на Универзитетот за национална одбрана во Вашингтон, а не како што е вообичаено за претседателските обраќања на нацијата кога Соединетите Држави влегуваат во војна, во Овалната соба на Белата Куќа.
Само за еден месец, Соединетите држави и нашите меѓународни партнери мобилизираа широка коалиција за да го запрат масакрот во Либија. Колку за споредба, кога луѓето беа брутализирани во Босна на меѓународната заедница и требаше повеќе од една година за да интервенира.

Обама потенцира дека неговата одлука за Либија била базирана врз неговата надворешно-политичка доктрина, постигнување на целта со потпирање врз меѓународен консензус и со мултилатерална акција.

„Само за еден месец, Соединетите Држави и нашите меѓународни партнери мобилизираа широка коалиција за да го запрат масакрот во Либија. Колку за споредба, кога луѓето беа брутализирани во Босна на меѓународната заедница и требаше повеќе од една година за да интервенира.“

Обама реши да и се обрати на американската јавност по растечките критики од двете партии во Конгресот за тоа дека тој соодветно не ги конслутирал пред да ја донесе одлуката за Либија.

Најновите анкети покажуваат дека помалку од половината Американци мислат дека таа била исправна. Скоро ист е процентот, 46 насто, на оние што мислат дека акцијата треба да биде со цел отстранување на Гадафи од власт.

Барак Обама и Моамер Гадафи на самитот на Г8 во Италија, јули 2009 година

Но, Обама ја отфрли таквата идеја и покрај неговата оценка дека Либија и светот ќе бидат подобри доколку Гадафи си замине. Тој потсети дека за отстранувањето на Садам Хусеин беа потребни осум години и многу изгубени американски животи, Обама изјави дека Соединетите Држави не може да си дозволат тоа да се повтори.

„Ако се обидеме да го собориме Гадафи со сила, нашата коалиција ќе се подели. Ние, најверојатно, ќе треба да распоредиме американски сили на теренот, или пак да ризикуваме убивање на многу цивили.“

Наместо тоа, според Обама, Соединетите Држави и нивните сојузници во НАТО на секаков начин ќе и помогнат на либиската опозиција да го забрза отстранувањето на Гадафи.

Говорејќи за граѓанските немири во арапскиот свет, Обама рече дека станува збор за нова генерација која одбива да и бидат негиирани нејзините права.

„Напредокот нема да биде еднаков и промените ќе дојдат различно, во различни земји. Соединетите Држави не ќе може да ги диктираат темпото и обемот на овие промени. Само луѓето од тој регион можат да го направат тоа. Но, ние можеме да правиме разлика. Верувам дека ова движење на промени веќе не може да се врати назад.“
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG