Вести
Палестинскиот оскаровец претепан од израелски доселеници на Западниот Брег

Израелски доселеници го претепаа Хамдан Балал, палестинскиот ко-режисер на документарниот филм „Нема друга земја“ кој доби Оскар, на окупираниот Западен Брег, во понеделникот (24 март), а потоа облеан во крв, беше приведен од израелската војска, велат активистите кои биле сведоци на инцидентот.
Десетици доселеници го нападнаа палестинското село Сусија во областа Масафер Јата, уништувајќи имот, објави активистичката група Центар за еврејско ненасилство.
Тие го нападнаа Балал, еден од четворицата режисери на документарниот филм награден со Оскар, и го тепаа додека главата не му искрвари, велат активистите.
Додека тој добиваше медицинска помош во собата за итни случаи, израелските војници го уапсија и него и уште еден Палестинец, се додава во соопштението.
Не се знае каде е однесен Балал.
„Нема друга земја“ годинава доби Оскар за најдобар документарен филм.
Ги прикажува напорите на населението во областа Масафер Јата да ја спречи израелската армија да ги уништи нивните села.
Филмот има четворица ко-режисери. Балал и Базел Адра се Палестинци и жители на Масафер Јата. Другите двајца ко-режисери се Израелци: Јувал Абрахам и Рејчел Сзор.
види ги сите денешни вести
Србија и Унгарија потпишаа договор за одбранбена соработка

Во Палатата Србија во присуство на претседателот на државата, Александар Вучиќ денеска (1 април) беше потпишан документ од областа на одбраната меѓу Србија и Унгарија.
Планот за билатерална воена соработка меѓу министерствата за одбрана на Србија и Унгарија за 2025 година - документ за операционализација на стратешката соработка во областа на одбраната меѓу двете земји, го потпишаа министерот за одбрана на Србија, Братислав Гашиќ и министерот за одбрана на Унгарија, Криштоф Салаи-Бобровнички.
Клучни елементи на договорот се можноста за заеднички вежби и воено-техничка соработка во набавката на оружје.
Вучиќ по средбата изјави дека Србија има најразвиена и најинтензивна соработка на полето на одбраната со Унгарија во регионот и изрази уверување дека „договорот за заеднички активности ќе продолжи во натамошното зближување и создавање воена алијанса или воен сојуз меѓу Србија и Унгарија“.
„Секако, за тоа се прашува унгарската страна, се прашуваат унгарскиот и српскиот парламент и сите други“, рече Вучиќ на заедничката конференција. Тој додаде дека денеска е потпишан документ со кој се операционализира и конкретизира договорот за стратешка соработка во областа на одбраната постигнат во 2023 година.
Со Документот кој беше потпишан денеска се договорени 79 активности за оваа година.
Вучиќ најави и претстојна средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан, на која ќе продолжат разговорите за стратешка соработка. Лани, трговската размена меѓу двете држави надминала три милијарди евра.
Триесетдневен притвор за член на обезбедувањето на премиерот

Полицаецот од Шестата управа во Министерството за внатрешни работи, кој до вчера беше дел од обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски се наоѓа во притвор во КУП Затвор Скопје, потврди за МИА, директорот на установата, Бобан Утковски.
Скопскиот кривичен суд му одредил 30 дневен притвор на А. С., кој е осомничен за кривично дело „оддавање службена тајна“.
МВР вчера соопшти дека на 30 март по претходно добиени сознанија за сторено кривично дело „оддавање службена тајна“ по член 360 од Кривичниот законик, од страна на полициски службеници од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во координација со ОЈО ГОКК спроведена е координирана полициска акција и реализирани се истражни дејствија за претрес на дом, возила и лица на подрачјето на СВР Велес.
„При спроведувањето на полициската акција и преземените мерки и активности, на паркинг просторот пред хотел во Велес, во возило “бмв” затекнати се А.С., полициски службеник во Одделот за заштита на определени личности и објекти и Б.К., а при извршен претрес во возилото пронајден е ранец со службени материјали од МВР и од лицата се одземени мобилни телефони, по што се лишени од слобода“, наведоа од МВР.
Во рамки на акцијата, дополнително биле извршени претреси на повеќе локации, при што биле пронајдени и одземени електронски уреди, службени документи и други предмети релевантни за истрагата. Исто така, од преземените мерки и активности во процесот на проверка, ОВККИПС констатирал дека полицискиот службеник постапувал спротивно на законските и подзаконските акти на Министерството за внатрешни работи, со што истиот неовластено поседувал службени материјали, нивно откривање на трети лица надвор од министерството, а со кои дејствија го извршил кривичното дело по член 360 од КЗ.
„Од страна на ОВККИПС до ОЈО ГОКК на 31.03.2025 година ќе биде поднесена кривична пријава против А. С., за кривично дело „оддавање службена тајна“ по член 360 од Кривичниот законик, соопшти вчера МВР.
Дел од медиумите објавија дека според првичните информации тајните полициски информации се продавани на припадници на криминалниот клан Грчец. По апсењето, од Владата нагласија дека истрагата треба да утврди што се случило и потенцираа дека безбедноста на премиерот не е загрозена.
Мелони: Пресудата на Ле Пен оневозможува претставување на милиони граѓани

Италијанската премиерка Џорџа Мелони го изрази своето незадоволство поради привремената забрана за вршење на јавна функција со која се соочува екстремно десничарската француска политичарка Марин Ле Пен која вчера (31 март) беше осудена за проневера.
Мелони за италијанскиот весник „Il Messaggero“ изјави дека не знаела ниту за обвинувањата против Ле Пен, ниту за причините за како што вели „толку острата одлука“.
„Не верувам дека секој што ја цени демократијата може да биде задоволен од пресудата што влијае на лидерот на голема партија и им оневозможува на милиони граѓани нивно претставување“, изјави Мелони.
Националистичката политичарка Ле Пен во понеделникот (31 март) беше прогласена за виновна за проневера на јавни средства. Дел од казната е петгодишна забрана за вршење јавна функција.
Пресудата најверојатно ги уништува плановите на Ле Пен да се натпреварува на претседателските избори во 2027 година, бидејќи долгиот правен процес веројатно нема да заврши пред гласањето.
Ле Пен ја осуди пресудата, која се фокусира на злоупотребата на средствата од Европската Унија од страна на нејзината партија, како „политичка“ и планира да поднесе жалба.
Судијата ја осуди француската политичарка и на четиригодишна затворска казна, од кои две се во домашен притвор, а две се условни и на парична казна од 100.000 евра.
Речиси е сигурно дека пресудата ќе биде обжалена, а нема да се изрекуваат ниту затворска ниту парична казна додека не заврши жалбениот процес. Тој процес во Франција може да трае со месеци, па дури и со години.
Фон дер Лајен: Брисел е подготвен да возврати на американските царини

Европската Унија ќе биде подготвена да возврати со контрамерки на американските царини доколку е потребно, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Таа во својот говор во Европскиот парламент во Стразбур истакна дека целта на ЕУ е да се најде решение преку преговори.
„Сепак, доколку е потребно, ќе ги заштитиме нашите интереси, луѓе и компании“, рече таа.
Според неа, ЕУ не сака да возврати, но Брисел има силен план за тоа и ќе возврати ако треба.
Пред неколку дена, американскиот претседател Доналд Трамп се закани со повисоки царини за Европската унија и Канада доколку соработуваат „да предизвикаат економска штета на САД“.
ЕУ прво ги објави првите контрамерки, а потоа ги одложи до средината на април, вклучувајќи, на пример, царини од 50 отсто за американскиот бурбон.
Како одговор, Трамп се закани дека ќе воведе царини од 200 отсто за сите винa и други алкохолни производи од ЕУ, доколку Брисел го стори тоа.
Дома се пуштени 93 пациенти од пожарот во Кочани, уште сто се лекуваат

Во болниците се лекуваат уште сто пациенти од пожарот во Кочани од вкупно 193 колку што имаше. Тројца од нив се во критична состојба, рече министерот за здравство, Арбен Таравари, на прес-конференција на 1 април.
Пациентите беа повредени во пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, при што загинаа 59 лица, а 193 беа повредени. Повеќе од половина од повредените беа испратени на лекување во странски медицински центри.
Од пациентите кои се на лекување, 80 се во болници во странство, а 20 пациенти се распоредени во Клинички центар, во ГОБ „8 септември“, во болницата „Св.Наум Охридски“ и тројца во приватните болници.
Денеска во земјава се враќаат уште двајца пациенти, од Полска и од Белгија. Таравари рече дека до крајот на неделава се очекува враќање на уште неколкумина пациенти.
Засега во Северна Македонија се враќаат полесно повредените пациенти, што се рехабилитирани целосно. Од следната недела треба да се разговара за враќање на лицата кои беа потешко повредени во пожарот.
За нивната рехабилитација се разглаедуваат неколку опции: прилагодување на просторот каде беше сместен ковид центарот во ГОБ „8 Септември“, Центарот за рехабилитација во Козле или да се искористат понудите од други држави за пациентите на кои ќе им биде потребна подолга рехабилитација, за што трошоците ќе бидат покриени од тие држави.
Вкупниот број на осомничени за пожарот во Кочани досега е 34 лица. Со истрагата се опфатени 27 физички и три правни лица, а истражни постапки има и против седум полициски службеници од полициските станици во Штип и во Кочани.
Бербок во Киев предупреди на тактиката на Путин за одложување на мировните преговори

Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, која е во ненадејна посета на Киев, предупреди дека не треба да се наседнува на руската тактика за одложување на мировните преговори за ставање крај на војната во Украина.
Германската дипломатка во заминување, која е во посета на Украина по деветти пат откако Кремљ ја започна својата инвазија во февруари 2022 година, рече дека верува оти Киев е подготвен да потпише мировен договор по интензивните преговори предводени од Соединетите Држави.
„На претстојниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО, јасно ќе и ставиме до знаење на американската страна дека не треба да се занимаваме со тактиката на застој на Путин“, рече таа на 1 април во изјавата по пристигнувањето во Киев.
Нејзината изјава доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп и се закани на Русија со нови царини за нафтените деривати доколку Москва ги блокира неговите иницијативи за прекин на огнот. Трамп, исто така, рече дека украинскиот лидер Володимир Зеленски ќе се соочи со „големи проблеми“ доколку не го потпише клучниот договор за ретки минерали со Вашингтон.
„Тој се обидува да се повлече од договорот за ретките минерали, а ако го направи тоа, ќе има проблеми, големи проблеми“, им рече Трамп на новинарите на 30 март во врска со украинскиот претседател.
„Се договоривме за ретките минерали. И сега тој вели, добро, знаете, сакам повторно да преговарам за договорот. Тој сака Украина да биде членка на НАТО, но тоа никогаш нема да се случи. Тој го разбира тоа“, додаде Трамп.
Украинската влада на 28 март објави дека сè уште размислува за нацрт-договор со САД за ретки минерали, по извештаите во медиумите дека Вашингтон неколку пати ги менувал условите на договорот.
Украинската министерка за економија Јулија Свириденко на владиниот состанок најави дека Киев ќе го формира својот став за договорот, но дека пратениците ќе го кажат својот став дури кога ќе се постигне консензус. Пред тоа, рече таа, јавна дискусија би била штетна.
Украина поседува значителни количини на ретки минерали. Овие суровини се високо ценети поради нивната употреба во одбранбената технологија, како и во уреди како што се компјутери, паметни телефони и батерии.
Украина и САД претходно овој месец се договорија да склучат сеопфатен договор за развој на ретките минерални ресурси во Украина. Напорите за постигнување договор пропаднаа на 28 февруари, откако Трамп и Зеленски вербално се судрија во Белата куќа.
Во меѓувреме, Трамп на 30 март рече дека ќе воведе секундарни тарифи меѓу 25 и 50 отсто за целата руска нафта, доколку почувствува дека претседателот Владимир Путин ги блокира неговите напори да стави крај на војната во Украина.
Трамп во телефонско интервју за Ен-Би-Си за време на викендот рече дека е „многу лут“ откако Путин повика на преодна влада во Украина што може ефективно да го собори украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Ако Русија и јас не можеме да постигнеме договор за запирање на крвопролевањето во Украина, и ако мислам дека за тоа е виновна Русија, а можеби и не е, но ако мислам дека е виновна Русија, ќе воведам секундарни царини за нафтата, целата нафта што доаѓа од Русија“, рече Трамп.
„Тоа би значело дека ако купувате нафта од Русија, не можете да работите во САД. Ќе има царини од 25 проценти за целата нафта, од 25 до 50 проценти за целата нафта“, додаде Трамп.
Тој истакна дека трговските мерки ќе бидат воведени во рок од еден месец, доколку не се постигне договор за прекин на огнот.
Чувствителниот дипломатски момент доаѓа откако Белата куќа на 25 март објави дека и Русија и Украина се согласиле на прекин на огнот и дозволиле пловење во Црното Море, како и дека се договориле да не се напаѓаат енергетските капацитети на другиот.
Кина одржува голема воена вежба околу Тајван

Кинеската војска денеска (1 април) соопшти дека започнала воена вежба во која учествуваат различни родови на војската околу Тајван, „за да послужат како остро предупредување и моќно одвраќање за тајванската независност“ и го нарече тајванскиот претседател Вилијам Лаи „паразит“.
Кина, која го смета Тајван за своја провинција, го зголемува политичкиот и воениот притисок врз островот во последниве години.
„Фокусот на вежбите е на практикување борбено патролирање на море и во воздух, воспоставување сеопфатна контрола, удар на морски и копнени цели и наметнување блокада на стратешките области и рути“, напиша Источната команда на кинеската армија на својот официјален профил на WeChat.
Тајванската војска соопшти дека внимателно ги следи вежбите, во кои учествуваше и кинескиот носач на авиони „Шандун“.
Овие вежби се одржуваат само две недели по големите маневри во средината на март кога Пекинг испрати голем број беспилотни летала и бродови на островот.
Кинеската канцеларија за прашања на Тајван објави дека вежбите биле насочени кон тајванскиот претседател Лаи Чинг-те.
„Лаи Чинг-те тврдоглаво инсистира на ставот за „независност на Тајван“, дрско нарекувајќи ја континенталната Кина „непријателска странска сила“ и ја претстави таканаречената „стратегија од 17 точки“ за да го поттикне антикинеското расположение“, соопшти кинеската канцеларија за прашања на Тајван.
„Нема да го толерираме или одобриме на кој било начин и мора одлучно да се спротивставиме и строго да ги казниме ваквите постапки“, додаваат од Канцеларијата.
Во средината на март, Лаи претстави стратегија од 17 точки чија цел е зајакнување на националната безбедност на Тајван.
Меѓу точките се дозволувањето случаи на шпионажа да се судат во воени судови, заострување на регулативите за имиграција за кинеските државјани кои бараат постојан престој.
Пекинг испраќа воени авиони и морнарички бродови кон Тајван на речиси секојдневна основа во обид да ја намали одбраната и моралот на Тајван, иако повеќето од 23-те милиони жители на Тајван го отфрлаат кинеското барање за суверенитет над островот.
Кина го зголеми опсегот на овие вежби во последниве години, од испраќање само борбени авиони до испраќање групи авиони, беспилотни летала и бродови.
Фрлена рачна бомба врз поштата во Звечан

Косовската полиција соопшти дека во зградата на Косовската пошта во Звечан експлодирала рачна граната, додека друга била активирана.
Заменик-директорот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани за Радио Слободна Европа изјави дека нема повредени, но дека е причинета материјална штета.
Знакот на Поштата на Косово во Звечан на оваа зграда беше поставен минатата недела.
Во него до мај 2024 година функционираше банката Поштенска Штедилница, која работеше во српскиот систем.
Истиот знак на Пошта на Косово беше поставен и во други општини со српско мнозинство на северот на Косово, во зградите каде што функционираа експозитурите на банката Поштенска штедилница.
Косовските власти ја затворија оваа банка, Поштата на Србија и другите институции кои работат во системот на Србија со образложение дека се нелегални, односно немале дозвола за работа. Ова наиде на незадоволство кај локалната српска заедница и критики од Меѓународната заедница.
Минатата година неколку експлозивни направи беа фрлени и врз косовските институции во општините на северот на Косово, додека косовските власти оценија дека „криминалните и терористичките напади“ имале за цел заплашување.
ЕУ го поздрави формирањето на нова преодна влада во Сирија

Европската Унија го поздрави формирањето на новата преодна влада во Сирија и изрази подготвеност за соработка со неа во справувањето со големите предизвици, изјави синоќа високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.
Како што е наведено на официјалната веб-страница на ЕУ, Калас изјави дека аспирациите на сите Сиријци мора да бидат исполнети и дека Унијата ќе застане покрај сирискиот народ, обезбедувајќи новата влада да ги почитува своите обврски кон мирна и инклузивна транзиција.
„ЕУ ја повторува својата непоколеблива поддршка за транзициониот процес што го води и поседува самата Сирија – процес кој е мирен, инклузивен и кој ги опфаќа сите сегменти на сириското општество. Сеопфатната транзициска правда мора да обезбеди одговорност за сите злосторства и значително да придонесе за национално помирување“, изјави Калас.
Таа нагласи дека процесот инициран на Конференцијата за национален дијалог, одржана на 25 февруари, ќе има клучна улога во овој контекст.
„Клучно е сите надворешни актери целосно да го почитуваат единството, суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија. ЕУ ги осудува сите обиди за поткопување на нејзината стабилност и перспективите за мирна и инклузивна политичка транзиција“, рече Калас.
Министрите на новата сириска преодна влада пред два дена положија заклетва во Народната палата во Дамаск.
Британски, француски и украински генерали на средба за поддршка на Украина

Британски, француски и украински високи воени претставници ќе одржат состанок во наредните денови за да дадат „реален импулс“ на напорите за јакнење на безбедноста на Украина, изјави портпаролот на британскиот премиер Кир Стармер.
Средбата, која има цел да ги разгледа следните фази на детално воено планирање, била договорена за време на телефонскиот разговор меѓу Стармер и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Состанокот следува по неодамнешната средба во Париз на т.н. „коалиција на подготвените“, која вклучува европски земји што ја поддржуваат Украина.
„Лидерите се согласија дека постои реален напредок во долгорочната поддршка за безбедноста на Украина“, изјави портпаролот на британскиот премиер.
Во одделно соопштение, Зеленски нагласи дека ја цени позицијата на Велика Британија во вршењето притисок врз Русија.
„Потребен е силен притисок за да се одврати Русија од ширење на војната. Ова е уште поважно сега, кога Москва се потсмева на обидите на нашите партнери да го придвижат мировниот процес“, изјави Зеленски.
Во исто време, Кремљ соопшти дека Русија и САД ги разгледуваат можните опции за мировно решение на војната во Украина.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете