Достапни линкови

Надеж за повредените и почит за настраданите во Кочани


Низ плоштадите во градовите синоќа илјадиници граѓани им оддадоа почит на настраданите, Скопје, 18 март.
Низ плоштадите во градовите синоќа илјадиници граѓани им оддадоа почит на настраданите, Скопје, 18 март.

Настраданите во трагедијата во Кочани ќе бидат погребани на 20 март. Кочанци апелираат да се почитува нивната болка и приватност. Повредените се лекуваат во земјава и во странство, а според лекарите добро е што во првите 72 часа по пожарот нема починати од нив. Истовремено, се спроведува истрага и во моментов 18 лица се во притвор. Паралено, ОЈО ГОКК отвори уште еден случај - истрага за седум полицајци.

Фотографиите на жртвите, изгорените свеќи и свежите цвеќиња низ плоштадите во Северна Македонија сведочат за колективната тага и траума што ја зафати земјата по трагедијата во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани, град во источниот дел на државата.

Ваква е сликата изминатите денови, а ќе продолжи и денеска и утре – 20 март кога на гробиштата во неколку градови жртвите во пожарот ќе бидат испратени во вечните почивалишта.

На плоштадите низ земјава и во градскиот парк во Кочани отворени се и книги на жалост каде граѓани постојано излегуваат и се простуваат од жртвите кои, велат, ги одзеде корупцијата и нефункционалниот систем.

Во пожарот во дискотеката, која работела на диво, ноќта помеѓу 15 и 16 март, настрадаа најмалку 59 лица, а околу 180 се повредени, според последните официјални информации.

Најголемиот број од жртвите се од Кочани – триесетина, а погреби на 20 март ќе има и во другите градови и општини од каде потекнуваат останатите загинати – Скопје, Штип, Пробиштип, Чешиново-Облешево, Македонска Каменица.

„Громогласна“ тишина на плоштад Македонија за загинатите во пожарот во Кочани
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:04 0:00

На денот на погребот, како што велат и локалните жители, во Кочани нема да работат рестораните, кафулињата, продавниците. Така беше и на денот на трагедијата. И денот потоа…

На погребите, според најавите од Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), ќе присуствува и поглаварот г.г. Стефан и повеќе владици од Синодот.

Од Владата, пак за РСЕ рекоа дека премиерот Христијан Мицкоски ќе испрати телеграма со сочувство, но нема да присуствува на погребите, бидејќи не сака да се политизира трагедијата. Мицкоски денеска беше во Кочани каде се потпиша во книгата на жалост.

Семејствата на жртвите и Кочанци преку социјалните мрежи упатија бројни апели да се почитува болката и приватноста и да се внимава што се објавува во јавноста.

Вчеравечер, 18 март, во Скопје и голем број градови граѓаните се собраа на централните плоштади да им оддадат почит на настраданите.

Каква е состојбата на повредените?

Добрата вест е дека нема ниту еден починат од тие што ја преживеаја трагедијата, изјави министерот за здравство Арбен Таравари на 19 март соопштувајќи ја ситуацијата со повредените.

Вкупно во земјава и странство, според официјалните податоци од здравствените власти, се третираат 178 пациенти . Од нив, 77 се во Северна Македонија, а 101 во медицински центри надвор од државата.

„Добро е тоа што ги поминавме првите критични 72 часа, нула починати од тие што ја преживеаја трагедијата, се надевам сите пациенти да закрепнат и да зборуваме само за колку пациенти ќе си одат дома“, изјави Таравари.

Инфографика - Број на повредени во пожарот во Кочани кои се лекуваат во странство
Инфографика - Број на повредени во пожарот во Кочани кои се лекуваат во странство

Најголем број од пациентите во земјава, пак, се сместени на клиниките во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ – 35 лица. Во „8 Септември“ се 15, во болницата „Св. Наум Охридски“ се 11, во штипската книника тројца, а 13 има и низ приватните болници.

Меѓутоа, бројките на пациенти во земјава и во странство веројатно ќе се променат во текот на денешниот ден бидејќи петмина пациенти од домашните болници, според најавите, ќе се транспортираат за третман во Шведска.

Ова, рече министерот Таравари, е последниот транспорт и веќе нема потреба други пациенти да се праќаат надвор. Дури, додаде, „можеме да чекаме некои и да се враќаат во следните денови“.

Помош од Холандија за трансплантација на кожа

Дека нема пациенти кои се критични и треба да се транспортираат во странство, посочува и директорот на Градската болница „8 Септември“ во Скопје, Синиша Стојаноски.

„Сегашните трансфери не се во насока на пациенти кои се критични, туку правиме тријажа според опсегот на изгореници. Тие што имаат највисок степен се трансферираат во центри специјализирани за третман на ваков тип на повреди“, вели Стојаноски.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, вели дека сега доаѓа фазата за функционална естетика односно да се прават трансплантации на кожни графтови на оние пациенти кои се стабилни и со висок степен на изгореници.

На еден пациент сместен во Солун веќе му е направена трансплантација, а здравствените власти се во контакт и со Банка на кожни графтови од Холандија за да се обезбеди трансплантација и на други повредени.

Инаку, за семејствата на повредените во странство, власта одлучи да ги покрие трошоците. Според последните информации од Кризниот штаб, досега во странство се сместени 119 блиски лица на повредените, но бројката, нагласуваат, постојано се менува.

Протест во Кочани - правда и крај на корупцијата
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:49 0:00

Бројот на повредени со висок степен на изгореници во пожарот во Кочани, според она што го покажуваат официјалните информации, е од најголеми размери што ја паметат македонските лекари. Директорот на ФЗО, Клековски, вели дека според нивните податоци годишно во државата има стотина случаи со изгореници, вклучувајќи ги и оние што се помалку сериозни, како на пример, од пегла или топла вода. Но, сериозни случаи се малку. Клековски тврди дека во последните четири години имале само 28 сериозни случаи.

Од 2017 година досега, само пет случаи биле испратени во странство, рече тој.

Краткотраен притвор за 18 лица и истрага за седум полицајци

Покрај ситуацијата со повредените, јавноста будно ја следи и истрагата на надлежните органите и очекува одговорност. Неа ја спроведува тим од деветмина обвинители – по двајца од Кочани и Штип и петмина од Скопје.

Во моментов, 18 лица се наоѓаат во краткотраен притвор од 48 часа. Од нив, на 16 тој им истекува денеска – 19 март. Обвинителството бара, а судот треба да одлучи дали ќе им го продолжи за уште 48 часа.

Паралелно Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), соопшти дека отворило истрага, исто така, поврзана со дискотеката во Кочани, во која се осомничени седум полицајци. Тие се товарат за „тешки дела против општата сигурност“.

Станува збор за полицајци во СВР Штип и од полицијата Кочани.

„Како соизвршители, осомничените изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност, му овозможиле на правно лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа“, соопштија од ОЈО ГОКК, наведувајќи дека бараат притвор за сите седум лица.

Кога е во прашање случајот со 18-те лица, кој се уште не е во фаза на истрага, од обвинителството брифираат дека сè уште траат обемните дејствија на прибирање докази за формално почнување на истрагата и од тие причини засега се бара само краткотраен притвор. Кога таа формално ќе се отвори и инволвираните лица би добиле статуси на осомничени, би можеле да се бараат и подолги мерки на обезбедување.

Неофицијално, истражните дејствија засега се поврзани со кривичните дела „тешки дена против општата сигурност“ и „несовесно работење“.

Од обвинителството на 17 март соопштија дека издале повеќе дополнителни наредби, вклучително и за пребарување на серверите на уште еден компјутер во Министерството за економија и за графолошко вештачење на потписи на одредена документација.

Ова следуваше откако надлежните објавија дека ноќниот клуб „Пулс“ работел со фалц лиценца, која инаку се издава во Министерството за економија.

Инаку меѓу оние кои се осомничени е ексминистерот за економија Крешник Бектеши, поранешниот државен секретар во министерството и други службеници, поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат и вработени, сопственикот на дискотеката, организаторот на концертот на ДНК и членови на обезбедувањето

Вчера беше извршен и претрес во општинската зграда, но градоначалникот Љупчо Папазов откако даде изјава пред обвинител е ослободен. Претходно, тој си поднесе неотповиклива оставка. Претставници на власта во неколку претходни изјави ја амнестираа неговата одговорност, негирајќи дека тоа е од политички причини, бидејќи тој е од истата владејачка партија ВМРО ДПМНЕ.

Контрола низ државните објекти

Трагедијата во Кочани ја поттикна власта да направи контрола низ сите ноќни клубови, дискотеки, кабареа низ земјава.

„Последните инспекции потврдија сериозни регулаторни прекршувања“, рече портпаролката на Владата, Марија Митева, на 19 март.

Според последните информации од контролите што таа ги сподели – од 12 објекти со активна важечка лиценца, досега е утврдено дека три од нив не исполнуваат ниту минимум технички услови и за нив ќе се бараат казни, одземање на лиценците и затворање. За останатите, рече Митева, во тек е проверка на документацијата.

Власта тврди дека направила и план за контрола за оние локали кои веќе немаат лиценца, а работеле во минатото.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG