Со само два поени помалку од 2023 година, Северна Македонија ја завршила 2024 година со пад од 12 позиции на ранг листата на Транспаренси Интернешнл за нивото на борба против корупцијата. Според Индексот за перцепција на корупција за 2024, земјава е рангирана со 40 поени на 88-то место од 180 држави. Ако во 2023 година, кога на овој Индекс земјата беше рангирана на 76-тото место главно заради критиките за измените на Кривичниот законик, падот сега се должи на скандалите во судството, Судскиот совет и Академијата за судии и јавни обвинители.
„Неказнивоста на високата корупција поврзана со лица на јавни позиции, индициите за политичко влијание во судството, лошата контрола која Судскиот совет ја врши врз судиите и препораките на оценската мисија на Европската Унија, кршењето на законот со изборот на кандидати за Академијата на судии и јавни обвинители за време на избори, се само дел од скандалите кои го тресеа судството“, изјави претседателот на Транспаренси Интернешнл- Македонија, Благоја Пандовски.
Тој објаснува дека минатогодишниот скандал и докажан случај со врховен судија и член на Советот за јавни обвинители во кој тие признаа вина дека земале мито за судски процес, е само загребување на површината на суските проблеми и причини поради кои граѓаните немаат доверба во судскиот систем.
„Дополнително минатата година во земјава имаше избори, помалку од половина од годината имавме една влада, а повеќе од половина од годината имавме друга влада. Така што сите податоци кои денеска се презентирани се резултат на сите мерења на релевансни институции“, додава Пандовски.
Мицкоски: Падот од два поени е резултат на претходната влада
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека падот од два поена е резултат на „сите оние злоупотреби на европско знаме, коруптивни скандали што беа во периодот на минатата Влада“.
„Логичен е тој извештај и добро е што е само два поена мислев дека ќе биде и повеќе. Ако ги забележите сите седум критериуми, ќе видите дека сите се однесуваат во периодот кога е претходната Влада, детално го изанализирав. Тоа е добра основа да почнеме да ја подобруваме нашата позиција. Апсолутно ќе го задолжам и денеска на владина седница соодветниот министер да ги детектира слабостите што таму прилично јасно се детектирани и тоа веќе да не ни се повторува“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција.
Тој зборувајќи за скандалите кои ги објавуваше ВМРО-ДПМНЕ, посчи дека нема да дозволи да се повторат такви ситуации.
„Повеќе нема да се повтори ’Соравиа’ во центарот на Скопје, нема да ни се повтори измени на кривичен законик со злоупотреба на европско знаме, нема да ни се повторат ’бентли’, ’астон мартин’, ’ролс ројс’ автомобили на блиски роднини на нашите семејства,“ изјави Мицкоски.
СДСМ: Одговорноста за падот е во оваа Влада
Опозицијата пак, одговорноста за овој неуспех ја лоцираа кај Владата.
„Со падот на два поени и рангирањето на 88. место, граѓаните јасно покажуваат дека немаат доверба во нивните политики и дека корупцијата е полоша од кога било. Резултатите од извештајoт на ‘Транспаренси интернешнл’ се уште еден доказ за неспособноста и неуспехот на Владата предводена од ДПМНЕ. Македонија бележи катастрофален пад од 12 места во Индексот за корупцијата за 2024 година, што e прво назадување од 2019 година“, велат од СДСМ.
Во писменото соопштение наведуваат дека оваа Влада ветувала „беспоштедна борба против корупцијата“, но за само осум месеци испорачала најслаба позиција во последните пет години.
Според рангирањето на Транспаренси Интернешенл, земјава на 88 место е во друштво на Суринам, Виетнам, Казахстан и Танзанија. Од регионот полоша оценка од македонската имаат Србија со 35 поени на 105 место и Босна и Херцеговина со 33 поени на 114 позиција. Останатите земји од Балканот бележат пад, но се на подобра позиција од македонската. На пример Бугарија бележи пад од 10 позиции но се наоѓа на 76 место, а Хрватска има пад од 5 позиции и се наоѓа на 63 место, додека Црна Гора бележи пад од 2 позиции и се наоѓа на 65 место.
Со благ раст во справувањето со корупцијата на ранг листата од регионот се најдоа Косово, Албанија и Словенија.
Што опфаќа Индексот на перцепција за корупција?
Регионалниот просек на Источна Европа и Централна Азија е еден од најниските, со 35 поени од можни 100.
„Низ различни земји причините се гледаат во слаби институции и лошо владеење на правото, со тековната нестабилност и надворешни притисоци, се дозволува корупцијата да цвета, додека ја покопува довербата на јавноста, одржливиот развој и климатската акција. Дури и во државите со стабилна демократија изборните процеси се повеќе поткопани при што владејачките партии искористуваат незаконско финансирање и манипулираат со правилата за да го обезбедат својот опстанок на власт. Купувањето на гласови, заплашувањето и злоупотребата на државните ресурси за време на изборните кампањи ја намалуваат довербата на јавноста во демократските процеси и нагласуваат како лидерите на различни земји се потпираат на корупцијата“, вели Пандовски.
Петнаесет од деветнаесет земји во регионот стагнираат или опаѓаат, бидејќи владите не успеваат да ги спроведат ниту најосновните мерки против корупцијата. Многу држави имаат несоодветни закони кои го контролираат политичкото финансирање, обелоденувањето на лобирањето или транспарентноста на вистинската сопственост.
Какво е рангирањето во светот ?
Според Транспаренси, владите во голема мера го игнорираат јавниот интерес, користејќи специјална легислатива за да ги избегнат контролите на стратешките инвестиции со висока вредност. Дополнително во извештајот е нотирано дека повеќе од две третини од земјите во светот се во долниот дел од табелата - односно под просечната вредност од 50 поени - „со огромни и потенцијално катастрофални ефекти врз глобалните мерки за заштита на климата“.
На врвот на листата на земји со „нула“ корупција и во 2024 година се Данска, Финска, Сингапур и Нов Зеланд коишто имаат по 100 поени. На дното на листата, пак, се земји коишто се соочуваат со конфликт или со многу ограничени слободи и слаби демократски институции. Такви се Јужен Судан со само 8 поени, потоа Сомалија со 9 поени и Венецуела со 10 поени, со што ги заземаат последните три места на ранг листата на Транспаренси Интернешенел.